Дискриминацијата околу Денот на жената

Лично, најдискриминирано како жена се осеќам околу Денот на жената. И тоа додека се шетам низ трговските каде, како денес, ме дочекуваат со бесплатен маникир и фризура. Или понудите за подароци и попусти кои се сочинети само од шминки, облека и накит. Не знаев дека жените се всушност подвижни новогодишни елки.

Не ме сфаќајте погрешно…Имам многу шминки и уживам во дотерување, подароци, машко внимание…Ама исто одам во продавница најчесто за да си купам пиво, трошам последни пари на книги и гаџети, следам политика и не се пронаоѓам во ниеден љубовен проблем од форумот на фемина.мк, ниту можам да слушам љубови кукања и да гледам филмови со Хју Грант. Сумирано, не сакам повеќе од пола од работите кои корпорациите и медиумите не’ убедуваат дека жените ги сакаат. Дали сум ради тоа и пола помалку жена?

Затоа, убедена сум дека вистинската дискриминација повеќе не ја прави патријархатот или машката надмоќ. Туку системот и конзумеризмот кој има пазарна корист од стереотипите и душевниот и предметен шунд што ни го подметнува. И жртви сме заедно со мажите,кои се наоѓаат под подеднаков притисок и генерализирање (доволно е да прочиташ една статија во Плејбој и станува јасно каков мажот треба да биде, што треба да сака и што да поседува…колку стереотипи и ним им се наметнуваат).

Само се надевам дека секој од нас ќе си ја извојува личната битка (не како пол, туку како човек) па нема да дозволиме црно-белите гледања на светот, маркетингот и трговската корист да не’ претворат во статисти од stock photos, обезличени од секаков личен жар и печат.

Убави сме и важни затоа што сме различни.

Другото е сериски фабрички предмет. Заменлив и без душа.

(Текстот е превземен од Фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.