Дискриминација на Ромите, ги враќаат од граница

Педесет и тригодишниот Кашман Ќазимов од Битола се пожали дека е еден од многуте дискриминирани Роми во Македонија, на кои граничните власти им забрануваат да излезат од државата. Тој, на 13 март, заедно со своите пријатели се упатил кон македонско-грчаката граница, на граничниот премин Меџитлија. Откако 40 минути биле задржани на преминот и испрашувани, на патните исправи им биле удрени печати за излез обележани со две цртички, но не им било дозволено да ја напуштат државата. Тврди дека нема ниту една причина да му биде забранет излез од Македонија, никогаш не барал азил во некоја европска држава, ниту пак е осомничен за некое кривично дело.

-Од граничната полиција ни рекоа дека не можеме да влеземе и дека треба да се вратиме назад. Го прашав по кој основ ме спречува да влезам и да одам до Фришоп, дали има некоја истрага против мене, дали сум осудуван или сум направил кривично дело? Каква вина имам што не можам да влезам? Ова е чиста дискриминација за ромската популација, нема друг основ, изјави Ќазимов.

Ќазимов вели дека сега со обележан пасош, не може да ја напушти државата и да ги посети своите деца кои живеат во Франција. Случајот го пријавил во битолската полиција
-Зошто пасошот ми е обележан со овие црти, кога јас не преминав преку граница? Ме вратија назад, но требаше да ми го вратат пасошот исправен. Јас сум обележан сега и не можам да одам никаде. Затоа ќе барам нов пасош, додава Ќазимов.

Но, ова не е изолиран случај, велат од невладината ромска организација „Баирска светлина“. Неодмана на 18 Роми од Крива Паланка, не им било дозволено да ја поминат косовската граница и да отпатуваат на свадба во Прешево. И нивните пасоши, исто така биле обележани со печат и две цртички. Од „Баирска светлина“, апелираат Ромите да се третираат како и сите останати граѓани. 

-С уште владеат стеротипите и дискриминацијата врз ромската популација, не само во Битола, туку воопшто низ цела Македонија. Секојдневно има вакви случаи, каде луѓе кои имаат роднини во странство не можат да излезат од Македнија само затоа што имаат црна боја на кожата, изјави Самедин Канановски, од НВО „Баирска светлина“.

Од СВР Битола велат дека овие случаи се во надлежност на граничната полиција, од каде ќе побараат дополнителни објаснувања за случаите по што ќе ја известат јавноста.  

Извор Телма

Leave a Reply

Your email address will not be published.