DIABOLUS EX MACHINА
Елоквентноста – колку и да е убедлива по злоба или доблест – искажана во судница не може и не смее да биде супститут за владеењето на правото
„Кога судиш, избриши ги придавките за да ги добиеш фактите“
Атикус Финч, „Да се убие птицата шегобијка“
Во духот на тегобната мудрост за кадиите кои тужат и воедно судат, полициско – иследничко – обвинителската постапка против осомничените во случајот “Монструм” ја добива својата завршница, онака како што и започна – со предрасуди и импутации. И растечки сомнеж во способноста, па дури и искрената намера на правосудството да суди и пресуди според заслуженото и во име на правдата за убиените деца кај крвавото езеро.
Скандалозните и монструозни импутирања на обвинителката Гешовска преку ставање на никогаш изречени зборови во устите на обвинетите во процесот “Монструм”, наметнаа болна скрама врз сиот судски процес. Тешките искажани инсинуации би биле шокантни сами по себе, доколку се неславен исклучок од етаблираната пракса на почит кон презумцијата на невиност и еднаквост на граѓаните соочени со правдата во нашиот судски систем. Но, евидентната ескалација на бесрамно манипулирање со мотивите и провоцирање на чувствата на разбранетата јавност, не може да го сокрие сомнежот дека и овој судски процес ќе заврши како само уште еден од се подолгата низа илустративни примери на колапсот на правосудниот систем во нашата земја. Поведение кое веќе не може да се смета како преседан, туку воспоставен стандард и пракса со јасно определена цел.
Не спорејќи со ефектите и злокобните последици на изјавата на Гешовска, треба да се каже дека жестината и провокативноста на инсинуацијата на обвинителката не може да се смета единствено како обид да се искористи самиот судски процес, како од политиката киднапиран легално-правен инструмент, за поларизација на и онака веќе поделената јавност. Напротив, не потценувајќи ги воопшто наведените импутирани мотиви и опасни реперкусии, сепак преферирам потребата што се крие зад тој излив на гној на омраза да ја ставам во попрагматична димензија. Со за жал уште поцинични и далекусежно потрагични последици, како за обвинетите, така и за општеството и пред се – за самите жртви и нивните блиски во траор.
Функцијата, елем, на наведените провокативни импутации и манипулации проследени со уште посензационалистички медиумски наслови (индикативно пренесени буквално и како под команда) имаат намера преку предизвикување на ефект на медиумски шок и згрозеност да го одвлечат вниманието на јавноста, за да ја прикријат тенката и лабилна фактичност на оптужбата. Правно-религискиот занес и хистерија на обвинителката Гешовска – колку и да е грозоморна – е сепак нејзино право и прерогатив. Но, колку и да е бомбастичен тој – фалшлив или искрен сеедно – занес, не може да биде доволен за носење суд или веродостојна пресуда, доколку нејзиното обвинение е тенко со материјални или вербални докази за вината на лицата обвинети за злостор. Нејзиното интимно мислење или глаголивост не може и не смее да биде аргумент со кој пред јавноста ќе се прикрие евентуалната лична неспособност, правничка непрофесионалност или функционална недораснатост да обезбеди и приложи убедливи и несоборливи докази и факти со кои пред судот и во очите на јавноста денес или низ историјата ќе ја цементира легално-правната основа на обвинението и на пресудата. Елоквентноста – колку и да е убедлива по злоба или доблест – искажана во судница не може и не смее да биде супститут за владеењето на правото и пресудата заснована врз силата на доказите, а не врз основа на конвенционалните и менливи времени параметри на политиката или личните предрасуди. Во спротивно, произволноста на вербалните аргументи на обвинителката Гешовска ќе можат да се стават на исто рамниште со шпекулативните аргументи од кафеанските муабети за можните мотиви поврзани со тогашната полициска акција “Детонатор.”
Затоа, неодминливо е чувството дека изливот на смислено таргетираната емоционална аргументација требаше да послужи како последна и очајничка завршна линија на напад на обвинението во еден длабоко контроверзен случај. Дамкосан со политички флеки уште од самиот почеток. При што евоцирањето на религијата во дадениот контекст требаше да послужи како перфиден и однапред смислен завршен Deus Ex Machina аргумент на фрлање песок во очите на јавноста. Со јасна намера да се наметне и беспоговорно прифати во име на доминантната и политички конструирана предубеденост за мотивите кои стојат позади свирепото убиство.
Но, обвинителката заборава дека со нејзината без докази поткрепена аргументација за наводните мотиви, таа лично го прави истото злосторство од страст, омраза и предрасуда. Со што нејзината аргументација ја губи светоста на правдата и низ нејзини, сопствени усни стануваат аргументи на Diabolo Ex Machina . Аргументи втемелени на слепа желба за освета според митомански пориви на обвинителката, а не според правни диспозитиви на општеството, замислени да го регулираат и обезбедат превентивниот баланс помеѓу злосторството и казната. Затоа обвиненијата на обвинителката, во основа, се само ѓаволски трик од кој никој нема да види ниту аир ниту мир. Единствено сеир по евентуалната пресуда за “вина”, која ќе биде под тешка и вечна сенка на сомнеж.
Но воедно, провокативниот и потпалувачки вокабулар на обвинението не треба да се смета како доволен аргумент, со кој обвинетите би биле прогласени од јавноста за невини жртви и распнати маченици. Предрасудната определба за прогласување на нечија невиност според верски, национални идентификации или литерарни побуди не е спротивност на неправдата, туку нејзин апсолутно идентичен и интегрален дел. Одговорот кон манипулативната глаголивост на обвинителката не смее да биде парирана со истоветно манипулативно утешение. Убеденоста на јавноста базирана врз една предрасуда не може да биде контрапункт на судењето, засновано врз друга предрасуда, со што ќе се претвори во макабрично танго во кое ниту злосторството ќе добие упокојна разрешница, ниту обвинетите ќе добијат заслужена правда. Барањата за правда за обвинетите без барање правда за убиените се во основа исто така неправедни, како и барањата за правда за убиените по цена на институционално наметнатото и од јавноста прифатеното игнорирање и газење на презумцијата на невиност на обвинетите.
Мислењата на јавноста во или надвор од судницата се и мораат да бидат сметани како ефемерни фактори, ирелевантни за она што е најважно во дадената состојба. А тоа е правдата за младите жртви и нивните семејства, веродостојна правда за обвинетите и спокој за јавноста убедена во функционирањето на правниот систем. За жал, сите три наведени аспекти се ставени под огромна сенка на сомнеж ,токму поради несфатливо отровните и пакосни обвинениеја на обвинителката Гешовска. Која во слепа желба да ја запечати судбината на обвинетите, всушност му пресуди на судот и на од него сеуште недонесената пресуда.