Дерала: Проектот е завршен и стои на полиците на СРД веќе подолго време

Се обраќам до македонската јавност со намера да истакнам неколку едноставни факти кои се замаглени по пишувањата во дневниот печат во последните неколку денови, а во врска со мојот спор со Советот за радиодифузија на РМ – пишува НВО активистот и писател Џабир Дерала, во дописот кој го доби и нашата редакција.

Јас сум автор на проектот “Кажи НЕ за оружјето”, вели тој, едукативна ТВ серија од 30 епизоди, посветена на надминување на култот кон оружјето и насилството. Проектот беше одобрен од Советот за радиодифузија. За мојот проект СРД, на предлог на ескперти, ангажирани од надвор, одобри 1,620,000 денари (околу 26,000 евра), од кои досега се исплатени само 810,000 денари (околу 13,000 евра). Сите 30 епизоди се продуцирани и предадени на СРД во предвидениот рок. Во рекордно краток период беа спроведени и техничките корекции по забелешките од експертите на СРД.

Тоа е накратко приказната за мојот труд, пишува Дерала, за кој тврдам дека е исклучително важен за македонското општество, во кое гледаме континуиран пораст на насилството. Тој труд е мој и на мојата вредна екипа, авторски придонес насочен кон едукација и превенција, видео лектира која може да им помогне на родителите, наставниот кадар и релевантните институции на државата, вклучувајќи ги и ресорите за внатрешни работи и за образование. Верувам дека дадов пристоен придонес кон преземање чекори за надминување на растечкото насилство, особено меѓу младите. Не претендирам на тоа дека сум го нашол решението, но сигурен сум дека оваа ТВ серија ќе биде убав придонес кон решавањето на проблемот.

Мој принцип беше да не излегувам во јавност со спорот кој настана меѓу СРД и мене по неоснованото обвинение дека проектот не е завршен. Наспроти тоа, СРД излезе со изјави во “Дневник” уште во текот на спорот во првостепена постапка. Откако нивната тужба против мене падна во првостепена постапка, сега, во текот на жалбената постапка пред Апелација (СРД се жали), повторно се појавија неточни информации и обвиненија против мене во јавноста.

Моето име го влечат по весници и портали во кои пресудата веќе ми се изрече уште пред Апелација да се изјасни, но тоа не беше доволно. И Цивил, организацијата во која работам е вовлечена во оваа хајка, со потенцирање дека оваа организација работи на човекови права и избори. Што е целта? Искрено се надевам дека целта не е да се дискредитира една организација која е позната по својата непристрасност и енергичност, организација која во изминатите 14 години спроведе безброј проекти за подобрување на состојбите во општеството.

Значи, јас како автор не должам пари на СРД, туку обратно. Јас го завршив проектот и чекам тој да се емитува во македонскиот етер. За ситни пари завршивме голем проект. Тој е на полиците на СРД веќе подолго време.

 

Џабир Дерала 

Leave a Reply

Your email address will not be published.