Меморијален рок концерт “Денот кога се роди добриот човек”

Дејан Костов Лиса ќе остане запаметен како човек олицетворение на добрината, солидарноста, урбан лик за пример, соработник на најголемите кавадаречки уметнички имиња од сите области и дете на поубавата страна од кавадаречката приказна. За жал прерано замина за да можеме заедно да ги оствариме нашите заеднички цели.

Годинава повторно на 10 јули ќе го организираме “Денот кога се роди добриот човек“, овојпат како Меморијален мултимедијален настан, но повторно скромно, каков што всушност скромен беше и нашиот Лиса. Овојпат како Здружение на граѓани “Алтер Сцена“, кое го создадовме и како наследство од генерациите чиј дел беше и Дејан Костов Лиса за генерациите кои доаѓаат, а се дел од поубавата страна на кавадаречката приказна.
Настанот и годинава ќе се одржи во малото паркче спроти полициската станица во Кавадарци, со почеток од 20 часот. Во музичкиот дел ќе настапат “Dont? Who! One.“ кои со целовечерен концерт во Кавадарци се враќаат на македонската музичка сцена, потоа “aIrless Project“ и кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers“ кој со овој настап ја завршува својата неофицијална клубска турнеја низ Македонија и заминува на престижниот “Јелен демо фест“ во Бања Лука (БиХ) каде ќе настапи на демо вечерта како единствен учесник од Македонија. Во текот на целата меморијалната вечер ќе се одржува ликовен перформанс на познатиот македонски и кавадаречки ликовен уметник Ристо Соколов Сокол, потоа литературен дел со познатите кавадаречки поети и блогери Цветанка Колева и Марјан Тодоровски, свој драмски перформанс ќе одржи познатиот кавадаречки актер Александар Малинков, како и други содржини, на соработници и пред се пријатели на Дејан Костов Лиса.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.