Денеска нашата кошаркарска репезентација игра со Алжир

 

 

Македонија со победа дебитираше на кошаркарскиот турнир во Мерсин на Медитеранските Игри. Во првиот натпревар одигравме бледо прво полувреме против Египет и нешто подобар втор дел, а славевме дури по петминутно продолжение со 74-67. Во регуларниот дел беше нерешено 56-56.

 

Финишот и припадна на Македонија, а најсигурно одигравме кога беше најпотребно, во дополнителните 5 минути. Костовски, Караџовски и останатите наши репрезентативци се мачеа во текот на целиот меч, но одиграа најдобро кога беше најпотребно.

 

Во првото полувреме македонските репрезентативци како да беа премногу импресионирани од дебито на Медитеранските Игри. Избраниците на селекторот Србиновски имаа многу лош процент на удар од поле, со 9 погодени удари од 33 обиди, а особено катастрофален беше шутот за три поени.

 

Нашите репрезентативци погодија само една тројка од 14 обиди и со податокот дека бевме и натскокани од репрезентативците на Египет, тогаш јасно е зошто на полувремето заминавме со негатива од 3 поени разлика и резултат од 25-28.

 

Вториот дел го почнавме уште полошо, а продолжи слабата игра под обрачите. „Фараоните“ доминираа во скокот, имаа и по 3-4 обиди во ист напад, благодарение на одличниот скок, па лесно стасаа до 10 поени разлика, 42-32 во последната минута од третиот период.

 

Марковски со тројка од табла на една секунда до крајот на четвртината, конечно донесе малку радост во нашиот табор. За цели 30 минути постигнавме само 36 поени, со многу загубени топки, без смисол во играта и без јасна концепција. И тоа многу интересно ги распоредивме поените, 13 во првата четвртина, 12 во следниот период и 11 во третата четвртина.

 

Караџовски со поени го отвори последниот квартал и намаливме на само 4 поени негатива, но противничките кошаркари и буквално не растурија со офанзивниот скок. Повторно ги репризираа нападите, но Македонија стисна и со серија од 9-0, дојдовме до предност од еден поен разлика 43-42. Караџовски и Марковски постигнуваа поени, за конечно да бидеме во какво-такво водство.

 

До финишот ја одржувавме минималната позитива, но Генеди со тројка не врати еден чекор назад и Египет повторно води со 55-54 на две минути до крајот на натпреварот. Караџовски погоди две слободни фрлања и ја врати Македонија во позитива од еден поен разлика, но финишот донесе дополнителна неизвесност и петминутно продолжение. Соколов на 3 секунди до крајот не успеа да погоди за победа на Македонија.

 

Крајот сепак делото го краси, а со сигурна игра на Караџовски, Соколов, Трајковски, Костовски, Марковски и останатите наши репрезентативци го добивме продолжението со 18-11, за сефте победа од 74-67.

Leave a Reply

Your email address will not be published.