Дел од фудбалската историја на ФК Тиквеш и одговори за Миленко Неделковски

Во пресрет на организирањето  на мирен  протест од страна на навивачката група “Лозари“  на градскиот плоштад насловен под мотото “Ние за градот, а што градот за нас“, Миленко Неделковски во својата последна колумна објавена на (11 август, под насловот “Албанизација и егеизација“, Вечер – текст кој неможам да го најдам, текст кој  најверојатно е тргнат,  без објаснување!!!) го спомнува моето име  дека јас сум човекот  кој сака да ја раскара навивачката група. Тврдење на кое не дава одговор на неколкуте прашања.

Која е целта ако се растури навивачката група?

На кој му е од корист да се растури навивачката група?

Дали користа од растурањето на навивачката група е во моја полза или во полза на некој кој неколку години по ред ветува (а ветувањата не ги исполнува)  воздигнување на фудбалот  во Кавадарци?

Кога ќе се одговорат овие прашања ќе се види дека Миленко Неделковски ѕвони на погрешно ѕвонче.

Целта на ваквиот негов текст пред одржување на мирниот протест најверојатно е со цел да се делегитимира целото незадоволство на кавадаречката јавност со една и единствена цел, а тоа е протестот да биде неуспешен. Во своите намери господинот Миленко не успеа. На протестот присуствуаа голем број кавадарчани.   Целта на делегитимирање на мирниот протест е лепење на етикета дека наводно тој е организиран од страна на некој кој е од редовите на опозицијата, што не е вистина и сето тоа го знае кавадаречката јавност, посебно оние кои се дел од организациониот одбор на навивачката група “Лозари“.  Во таа насока еве јавно ја користам оваа прилика  да им се извинам на навивачката група “Лозари“ за изнесено (тврдење, кое е невистина)  од страна на поранешниот спортски новинар Миленко Неделковски, иако тој е оној кој треба да упати извинување и на моја адреса и на адреса на навивачката  група “Лозари“.

 Во мојот живот до сега никогаш не сум имал никаков контакт со Миленко Неделковски. Како да живееме на две различни планети.  Од што не сакам да имам никаква допирна точка со овој човек, па ни преку тв каналот немам изгледано ни една негова емисија последните две години. Едноставно не ми го задржува вниманието неговата емисија. Или да бидам поконкретен:  Не можам да гледам емисии каде се повикува на јавен линч кон конкретни лица, со конкретни имиња. Или пак емисија во која без трошка совест се лепат разноразни етикети.

До  Миленко.

Епа, Миленко друже, во однос на моето спомнување во твојата последна колумна многу грешка те информирале. Како што кажав предходно,  а и ти самиот знаеш дека сме немале никаков контакт еден со друг, и од таму имам за право да им кажам на читателите дека моето спомнување е нарачано од некого,  и од таму  имам за право да спомнам дека некој грешка те брифира.   Во однос на тоа дека наводно сум бил ангажиран да ја растурам навивачката група, повторно  те информирале грешка. Како млад сте биле фудбалски судија и сте суделе неколку натпревари во македонската лига, а во подоцнежниот ваш живот сте биле и спортски новинар, па поради тоа до некаде да ја сфатам вашата загриженост кон кавадаречкиот спорт. Но и во тој случај, ако навистина сте загрижени, истото го правите на погрешен начин. Иако не сум новинар,  можеби моите поставени прашања на кои сакам да ми одговорите можеби ќе ве насочат кон вистинскиот пат, истражувачкото новинарство, она што треба да му биде приоритет на еден успешен новинар. А не новинарство кое објавува недокажани теории, полициски извештаи и новинарство на кое единствена цел е ширење на зла крв и пизма. Па поради ова,  ве замолувам да ми одговорите на неколку прашања:

1.  Зошто Миленко Неделковски, кога се грижи за навивачката група “Лозари“, не  беше дел од мирниот  протест и да побара од таткото на градот да го воздигне фудбалскиот клуб “Тиквеш?

2.  Зошто  Миленко не направи емисија за уништувањето на фудбалскиот клуб “Тиквеш“?

3.  Зошто Миленко Неделковски не направи емисија за катастрофалната  состојбата во останатите спортови  во Општина Кавадарци (на пр. ракометот и останатите спортови)?

4.   Зошто Миленко Неделковски ако е загрижен за состојбите во Кавадарци, не направи емисија за тоа, како се распаѓа градскиот стадион?

А во продолжение сакам да ви  раскажам, зошто јас, а и многу други кавадарчани се желни да се врати фудбалот во Кавадарци.

Пред неколку недели прередувајќи си ја сопствената библиотека, мала но за мене многу драгоцена, ја најдов  книгата од нашиот сограѓанин Илија Каровски насловена “Тиквеш 1930-1995“. Ја зедов во рацете и седнав да го разгледам општествениот живот преку призмата на мојот сограѓанин Илија Каровски. На почетокот на делото на мојот сограѓанин Илија се опишани почетоците на фудбалската игра. Тој во своето дело раскажува како во далечната  1915 година за време на Првата Светска , француски војници кои биле учесници во Македонскиот фронт (Солунски Фронт) за првпат во рамките на  нивниот логор каде биле стационирани ја заиграле оваа колективна игра која подоцна станала секојдневие на кавадарчани. Француските војници за  време на паузите или во своето слободно време меѓусебно се дружеле преку оваа колективна игра. Логорот бил сместен над некогашните згради на “Тиквеш Транс“, младите кавадарчани па и оние постарите секоја ден биле се поприсутни  да ги гледаат француските војници како ја удираат  кафената кожена топка.  Така почнува да се раѓа љубовта кон фудбалот  кај кавадарчани. Но големата сиромаштија во тие мигови, не можела да им овозможи на љубителите на фудбалот да дојдат и купат кафена кожена топка со која би ја играле оваа колективна игра, па затоа морале да почнат да ја развиваат својата креативност. Првите топки почнале да ги прават од крпи полнети со слама, од крпи полнети со иситнета хартија и крпи полнети со стари волнени чорапи.

Во 1921 година, директорот на нижата гимназија  во Кавадарци, Ѓорѓи Константинов, кога бил на некое патување во Белград, го купил прирачникот “Правила на фудбалската игра“, но ја купил и првата фудбалска топка која била донесена во Кавадарци. Ѓорѓи заедно со неколкумина ученици од  3 (трети) и 4 ( четврти) клас го исцртале дворот во нижата гимназија,  и за првпат во Кавадарци почнал да се игра фудбал според фудбалски правила. Но кавадаречкиот менталитет набрзо се покажал на виделина и наместо игра, зачестиле тепачките и кавгите. Поради тоа, директорот на гимназијата Ѓорѓи Константинов бил принуден да ја заклучи во својата канцеларија – фудбалската топка.

Но,  тука не завршува желбата за фудбалската игра кај младите кавадарчани. Сите оние кои работеле некаков занает, парите кои ги заработувале ги собирале и’  на својот другар Анѓел Анѓушев – Ѓелката му дале за задача, кога ќе оди по роба во Ниш, да купи фудбалска топка. На своето прво патување во Ниш, Анѓел ја купува првата приватна фудбалска топка, без да биде свесен дека еден ден ќе биде запишан во кавадаречката историја. Друштвото на Анѓел и останатите било крстено под името “Барут“.  Првото фискултурно друштво се викало “Братсво“ а било основано во 1928 година. За финансиите на друштвото бил одговорен Александар Хаџи Василев, трговец. Тој е исто така и основач на  ФК “Победа“ по растурањето на друштвото “Братство“. Како и основач на Фк “Тиквеш“.

И така, почнала да се развива оваа колективна игра. Се развивала со годините, и станала една од најважните работи во животите на многумина наши сограѓани. Во книгата на нашиот сограѓанин Илија има уште многу случки од минатото кои се поврзани токму со фудбалот, но тоа го оставам на вас, да ги прочитате и да уживате во искреноста, чесноста, и љубовта кон фудбалот  на вашите дедовци.

Денес, jас, моjата  генерација,  па и оние постарите и помалите од мене,  се’сведоци на уништување на нешто што почнало да се гради пред скоро еден век или пред 99 години.  Наредната година благодарение на француските војници, Кавадарци треба да слави 100 години од развојот на фудбалската игра. Но како ќе се слават љубилејни 100 години од почетоците на фудбалот кога во моментот во Кавадарци веќе неколку години е прекината традицијата, неколку години по ред, фудбалскиот клуб “Тиквеш“ не го гледаме на првенствената табела. Со години гледаме како фудбалскиот стадион кој што бил граден тула по тула, денес се распаѓа самиот од себе  – тула по тула. Гледаме како од година во година, местото каде кавадарчани биле најгласни, се’повеќе умира.

Е затоа драг Миленко Неделковскипостои  незадоволството, а не дека некој на некому  му прави спрепки и му ја нарушува лагодноста . А што се однесува до водењето на Здружението на граѓани “Проект ЕУ“, за кое во твојот текст изнесуваш дека е водено од моја страна, повторно грешка во информирањето од страна на твојот информатор  и изнесување на лаги и невистини од твоја страна. Здружението си има законски претставник. Јас како советник во Советот на Општина Кавадарци поради конфликт на интереси, и да сакам, не можам да бидам претставник на Здружението “Проект ЕУ“ Кавадарци.

Leave a Reply

Your email address will not be published.