Децата со посебни потреби, заборавени или не?
Заборавени и маргинализирани, на нив се сеќаваат само неколку дена пред 3-ти декември, денот на лицата со посебни потреби, останатите 364 дена се прескокнати. Во Македонија има неофицијално околу двесте илјади лица кои живеат со одредена попреченост. Со години иста слика. Работите во општеството за нив се движат бавно, а тие немоќно, чекаат друг да им помогне и полека да се отвори светот и за нив. Секоја држава се труди да и помогне на оваа популација со воведување одредени бенефиции со цел овие лица да можат што подостојно да се пробиваат низ животот, но колку кај нас се спроведува тоа ?
Во Република Македонија во Законот за основно и во Законот за средно образование се оперира со терминот ученици со посебни потреби кои се вклучени во посебното образование, а тоа се деца и младинци со оштетен вид, оштетен слух, деца со телесен инвалидитет, пречки во психичкиот развој, проблеми во поведението, деца и младинци со аутизам, како и деца и младинци со комбинирани пречки (мултихендикеп).За време на предучилишниот период, децата со лесни недостатоци ги посетуваат редовните предучилишни установи, додека оние со потешки недостатоци се сместуваат во развојни одделенија, кои се дел од редовните институции или на другите специјални институции.На шест годишна возраст децата со специјални потреби се сместуваат во редовните училишта или соодветни специјални училишта, или во институции каде работи тим на експерти. Местото каде ќе биде сместено детето зависи од: дијагнозата, дата-тестовите, долготрајноста на обсервацијата и третманот, водството, разговорите со родителите и извештаите на едукаторите и учителите. Децата со специјални потреби кои ги посетуваат редовните основни училишта се нормално интелигентни со специфични или не-специфични проблеми во учењето, деца со сензорни пореметувања, деца со пореметувања во психичкиот развој, деца со проблеми во однесувањето и деца со лесна ментална ретардација.Стручни лица се:дефектолог, психолог, специјален учител за соодветнот профил, социјален работник, лекар (педијатар, психијатар, или со друга соодветна специјализација).
Што е дефектолог? Дефектологот е тој што учествува во клиничкиот и едукативниот дел на третманот кај самите деца и ја има клучната задача.Тој учествува во сите фази на превенцијата, односно во спречувањето и ублажувањето на последиците од попреченоста во здравствените, социјалните и воспитно-образовните установи; во детекцијата, односно во откривањето на децата со пречки во развојот во раната, предучилишната и училишната возраст во здравствените, социјалните и воспитно-образовните установи, преку средствата за јавна комуникација, преку лично-професионално ангажирање и др.; изведува самостојна дефектолошка дијагностика на деца и младинци во здравствените и социјалните установи, особено во развојните советувалишта;изведува третман на ризични деца и на деца со пречки во развојот и тоа во сите фази на фундаменталниот, комплементарно-продолжениот третман, со посебно ангажирање во когнитивниот развиток, подрачјето на јазикот и подрачјето на сензорно и психомоторниот развиток кај децата со пречки во развојот во рехабилитациони установи и во развојните советувалишта, учествува во тимската работа, во подготвувањето и изведувањето на индивидуалните програмски содржини за дополнителна воспитно-образовна, хабилитационо-корективна и психомоторна реедукација со деца со пречки во развојот вклучени во редовните детски градинки, во редовните основни и средни училишта и стручно им помага на воспитувачите и на учителите во чии групи и одделенија има вклучено такви деца, односно ученици.
Со еден збор, постои огромна потреба од дефектолози во Македонија и тоа во:
• во предучилишните установи и подготвителните одделенија;
• во основните училишта каде се почесто се зголемува бројот на деца со пречки во развојот;
• во воспитната работа во продолжениот престој и целодневната настава во основните училишта ;
• во средните училишта
Следејќи ги светските трендови, во Република Македонија во 1997 година, започна да се спроведува т.н. проект – Инклузија, со кој сите деца со посебни потреби, требаше да се вклучат во редовната настава.Истото тоа почна и да се спроведува и сеуште трае, не можеме да кажеме дека не е точно.Но, се поставува прашањето: Каков стручен наставен кадар ги едуцира овие деца, дали тој е компетентен и влијае правилно на развојот кај децата ? Ако се навратиме на горенапишаното , одговорот веќе го знаеме сите: НАСТАВАТА НЕ ЈА ИЗВЕДУВААТ СТРУЧНИ ЛИЦА КОИ СЕ ПРИЛАГОДУВААТ КОН НАСТАВНИТЕ ПРОГРАМИ , ЗА ПРАВИЛЕН РАСТ И РАЗВОЈ КАЈ ОВИЕ ДЕЦА. Оваа задача им е оставена на наставниците кои не се стручно обучени да им се посветат на овие деца додека траат часовите. Токму поради тоа совладувањето на материјалот , предвиден со годишната програма, на овие деца тешко им оди, и резултатите не се баш најдобри.
Основната цел на едукативниот процес е да образува и воспитува. Една од примарните задачи на дефектологијата е рехабилитација на способностите кои тоа лице не ги поседува. Ова може да го реализира само дефектолог. Педагозите и покрај добрата воља не се остручени да ја обавуваат оваа работа, а од друга страна постои хиперпродукција на дефектолошки кадар за кој нажалост нема место.Посебен тренд моментално се приватните мали центри, во кои што дипломираните дефектолози работат со мали групи деца со пречки во развојот или пак родителите се приморани да плаќаат дефектолог приватно, кој знаат дека ќе допринесе за доброто на своето дете .Сепак децата се нашето најголемо богатство , и не постои родител кој не би направил се за да го направи своето дете среќно .Но, мора да се сложиме со едно: Моменталната слика на лицата со посебни потреби во Република Македонија мора суштински да се промени !!!
За тоа е потребна неодложна акција за целокупна афирмација, социјализација и подобрување на животниот стандард на лицата со посебни потреби, од НАС(граѓаните), но пред се од надлежните јавни институции.Не смееме да си дозволиме да се заборават овие лица, иако законите најчесто ги штитат само на хартија.
Тие заслужуваат да имаат квалитетен живот ,кој сите ние треба да се потрудиме да им го овозможиме, бидејќи сите живееме заедно, дишеме ист воздух и затоа ЗАЕДНО ЌЕ БИДЕМЕ ПОСИЛНИ….
„ДАЈТЕ му малку љубов на едно дете и за возврат ќе добиете многу повеќе.“ – Џон Раскин