Дебата во Кавадарци: “Говорот на омраза на спортските натпревари”

Во организација на здружението на граѓани “ПРОЕКТ – ЕУ” од Кавадарци а во соработка со веб порталот МОЈОТГРАД, вчера (10.12)во хотелот Уни Палас во Кавадарци се одржа дебата на тема “Говорот на омраза на спортските натпревари”. Оваа дебата имаше за цел да поттикне одговори на прашањата поврзани со моментално лошата состојба на спортските натпревари во Кавадарци поврзана со скандирања секогаш насочени кон одредени етнички групи.

На дебатата учество земаа дваја психолози од основните училиша, Верџинија Стојкова и Стојна Кимова, професор и спортски работник Велков Блаже, претставници од невладините организации во Кавадарци, Никола Деков и Нанчев Ѓорѓи, како и претставници од навивачката група Лозари предводени од Бошковски Орданче.Дебатата ја водеа Петров Сашко и Камка Попова. Иако уредно поканети, не присуствуваа претставниците од МВР Кавадарци како и претставниците од останатите основни и средни училишта во градот.

На дебатата беше презентирана моменталната состојба на навивачката група Лозари како директно инволвирана страна, која од икс фактори во градот секогаш се таргетира за иницијатор на проблемите на спортските натпревари. Претставникот на ЛОЗАРИ се осврна директно на проблемот со тоа што нагласи дека тие како навивачка група се насочени кон едукација на младите членови на нивната група да се избегнуваат скандирањата поврзани со навреди и дека истите тие како дел од навивачката група се должни да ги почитуваат правила на однесување на трибините. А насилството и ширењето омраза не се дел од истите. Како главни поттикнувачи на ширењето на национализмот и омразата на спортските натпревари се посочија недоволната едукација на младите и запознавањето или прифаќањето на останатите етнички групи како еднакви. 

Исто така се нагласи и потребата од подобрување на имиџот на навивачката група која според некои стереотипи секогаш се смета како насилна, склона кон девијантни појави и секако поврзана со насилно однесување, што секако не е случај со ЛОЗАРИ. Според психологот Верџинија Стојкова ова би можело да се постигне ако јавноста, децата, родителите ја запознаат структурата на делување и работа на навивачката група преку креативни работилници на кои би присуствувале претставници од навивачката група. Овие креативни работилници би им дале на знаење, посебно на децата кои во иднина би сакале да станат дел од оваа навивачка група, дека навивањето не треба секогаш да се насочува против противникот, туку мора секогаш да е за тимот за кој навиваат, како што нагласи професорот Блаже Велков. Да се бодрат тимовите организирано но со навивачки химни во кои нема да биде застапен говорот на омраза. 

Исто така беше отворено и прашањето колку навивачките групи се предмет на манипулација од страна на политичките партии за одржување на тие тензични меѓуетнички односи во државата, што секако најлесно се манифестира на спортските натпревари. 

На одржаната дебата се донесоа позитивни заклучоци што се однесува до навивачката група ЛОЗАРИ, кои отворени за соработка и мора да се нагласи без никаква финансиска помош се обидуваат да ги поттикнат младите дека сликата за навивачите на трибините може да се смени ако се работи, се едуцира и секако се има желба барем од некаде да се започне со позитивни промени. 

На крај беше потврдено дека ЛОЗАРИ подржани од здружението на граѓани ПРОЕКТ – ЕУ и веб порталот МОЈОТГРАД, ќе отворат конкурс за избор на најдобра навивачка химна за која понатаму ќе се направи и соодветен видео запис и која ќе служи како насока за понатамошната работа со која се надеваме барем ќе се започнат промените кои на крај би донеле до подобрување на состојбите на трибините и пошироко, меѓу етничките групи. 

На предлог на навивачкта група ЛОЗАРИ, а подржан од невладината ПРОЕКТ – ЕУ, паралелно се работи на организирање и на турнир во мал фудбал на кој би биле поканети и натпреварувачи но и навивачи и од албанската а и ромската етничка заедница за да се покаже дека сите можеме да делуваме заедно без насилство и омраза.  


Created with flickr slideshow.

Leave a Reply

Your email address will not be published.