Дарко Трајков од Кавадарци освои бронзен медал на СП во радиотелеграфија

Тој е студент на Воената академија во Скопје. Трајков вели дека уште веднаш ќе почне да се подготвува за наредното светско првенство во брзо примање и предавање знаци од Морзеовата азбука што ќе се одржи во Црна Гора. Тогаш ќе се натпреварува во сениорска конкуренција.

– Се натпреварував во две дисциплини во јуниорска конкуренција со 64 натпреварувачи од целиот свет. Ќе вежбам за да бидам прв во светот. Kонкуренцијата не ме плаши, имам големо искуство, ова ми беше петто по ред светско првенство. На европско првенство имам освоено и злато – вели Трајков.

Од радиоклубот „Искра“ од Kавадарци, кој работи во рамките на кавадаречката „Народна техника“, се горди на големиот успех на Трајков кој е долгогодишен репрезентативец на Македонија. Велат дека има интерес кај младите кавадарчани за радиотелеграфијата.

На светското првенство најмногу натпреварувачи имало од Русија, Белорусија, Романија. Во Градот на виното одамна се вели дека кавадарчани читаат Морзеова азбука и со врзани очи. Преку радиоклубот „Искра“ вљубениците во радиотелеграфијата стапуваат во контакти со луѓе од целиот свет.

– Имаше еден случај кога една кавадарчанка имаше потреба од лекови што ги немаше во Македонија. Радиоаматер од нашиот клуб стапи во контакт со наши колеги од Франција и за многу кратко време лекот беше во Kавадарци. Нејзиниот живот беше спасен – велат од „Искра“.

Во изминатите години тие извршиле многу хумани мисии.

Извор и фото Дневник 

Leave a Reply

Your email address will not be published.