Данок на приход за дополнителни апашки активности!

пишува Бранко Трајковски

[su_quote]Тиквеш, тиквеш, убав крај, тиквешко езеро вистински рај.[/su_quote]

Тиквешкото Езеро со своите триесет и две километарски води што поседуваат прекрасни рибни примероци претставува спој на медитеранската и континентална клима овозможувајќи да се чувствува човек опуштено – пријатно а посебно возбудливо е во летните вечерни часови кога на небото може да се види фасцинантна глетка од милијарда звезди и созвездија. Едноставно одтука може да се види целата галаксија. Оваа глетка може да се долови само овде, на Тиквешко езеро (и Мариово) и метрополата Мадрид во Шпанија.

tikvesko-ezero-800x445

Сета оваа идила е пропратена со духовниот мир што го овозможува манастирот свети Ѓорѓи Полошки кој е изграден во 13-тиот век и претставува посебна атракција, како и уште голем број на други културно историски обележија и споменици. Редок примерок и приказна за себе претставува Голиот Човек, вид на прекрасно и ретко дрво, кое два пати во годината се лупи и ја менува својата боја.

Доколку овие прекрасни природни убавини се наоѓаа во некоја западна земја, одамна ќе беа прогласени за заштитена зона или национален парк каде ќе владее ред и поредок и строги еколошки норми. А доколку се реалираше изградбата на долго најавуваните акумулации Чебрен и Галиште, нивото на водата на Тиквешкото езеро ќе беше фиксна, стабилна со многу мали осцилации.

Се претпоставува дека на Тиквешкото езеро има изградено околу 4000 објекти (куќи, викендици, палати…) од кои поголемиот дел се веќе легализирани. Овој податок го прави Тиквешкото езеро најнаселено место во тиквешијата после општина Кавадарци. Кога станува збор за едно така густо населено место, редот на нештата вели дека би требало да постојат органи (институции) на управување и заштита. Да напоменеме дека Тиквешкото езеро има и концесионер во чија надлежност е целиот рибен фонд, дозволите за риболов, мрежарење, струкарење и така натаму, додека илјадниците викендици се под “строга контрола и надлежност” на крадци, апаши, качаци и други криминални структури кои се добро организирани и со децении прават невиден криминал.

Се краде се и сешто. Се што може да се стави во чамец, да се товари на маска или коњ, а нешто подоцна ако може да се товари и на трактор. Апашите очигледно дека не се плашат од органите на прогонот. Само еден господ знае дали се евидентираат од страна на министерството за внатрешни работи овие криминални дејанија. Да не споменуваме колку пак од случаевите судски се процесуираат. Апашите не го почитуваат ниту духовното затоа што неодамна на црковната епархија и беше украден голем мотор за чамец во вредност од 5000-6000 евра.

Значи се крадат чамци, мотори, мрежи, скап прибор за риболов, агрегати, телевизори, машини за перење, хилтови, секакви градежни материјали, мешалки за малтер, кабли, пумпи, моторни пили, и се по ред…

katanec-skrsen-800x445

Нема куќа која не е посетена од криминалните банди барем еднаш во сезоната. Но морам да ги пофалам, качаците после секој грабеж имаат и позитивни манири. Веднаш после посетата, некои од викендиците ги затвораат повторно со катанец и со тоа се елиминира можноста куќата да се наполни со змии, смокови, глувци, пахови, куни и друго животинско царство. Ако го земеме најмалиот просек на украдено од една куќа во период од пет години, а тоа е отприлика околу 700 евра, да претпоставиме дека апашите влегле во 50 посто од викендиците што е скромен факт, тогаш се добива сума дека криминалците за пет години украле роба во вредност од 1.400.000 евра. МАШАЛА!

Предлагам на локалната власт, доколку не можат да ги затворат качаците, барем ако можат да ги евиндентираат. Не за друго ами барем да ги оданочат за приход од дополнителни АПАШКИ АКТИВНОСТИ.

[su_quote]Тиквеш, Тиквеш – убав крај, Тиквешко езеро – вистински апашки рај![/su_quote]

Мојот став и есап по овие работи е тој. Околу 3000-4000 сопственици на викендиците би сакале да дознаат кој е ставот и есапот на сите надлежни институции за овие криминални случувања на Тиквешкото езеро. Ние ќе чекаме да видиме што ќе се превземе по ова прашање во периодот кој ни претстои.

Како беше онаа детската: “Жолта дуња, зелен бор, чекаме брз одговор!”

За убавините на Тиквешкото езеро но и за криминалните работи околу него може да се зборува уште многу. Во некоја друга прилика.

Leave a Reply

Your email address will not be published.