Дебата во ГЕМ утре: Дали „Скопје 2014“ е културен или политички проект

Организатори се Фондацијата Отворено општество – Македонија и ОКНО, а гостин ќе биде хрватскиот историчар на уметност, поет и есеист Звонко Маковиќ. Тој е редовен професор на Отсекот за Историја на уметност при Филозофскиот факултет во Загреб и член-соработник на Хрватската академија на науките и уметностите.

На настанот кој е од отворен карактер, Маковиќ ќе говори за неговото видување на Скопје 2014, а модератор ќе биде Никола Гелевски.

Професорот Маковиќ е познат по жестоките критики во врска со контрадикторното поставување на бистите на Људевит Гај и Мајка Тереза во центарот на Загреб во 2008 односно 2009 година. Тој реагираше околу критериумите според кои се бираат авторите на овие споменици, односно дали овие дела ги оценуваат историчари на уметност и урбанисти, или се одлука на самоволните градски и партиски татковци. Во интервјуто за неделникот Глобус во 2009 година, овој познат историчар на уметност порача дека спомениците не се споменици само на ликовите кои ги претставуваат, туку и на оние кои ги поставуваат споменици.

– Секогаш зборувам дека сите тие споменици не се споменици на оние личности на кои им се посветени, туку тоа се споменици на оние личности кои ги поставуваат. Значи, добар споменик на јавно место значи добра градска власт, а лош лоша власт. Кичот во политиката и во културата на власта, совршено се препознава во кич спомениците – изјави Маковиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.