Дали СДСМ ги искористи претседателскиот кандидат Пендаровски, своите кандидати за пратеници и граѓаните на 27-ми април?

Прашања кои заслужуваат одговор

Зошто СДСМ се реши да излезе на неслободни избори? Зошто не сакаше да покаже храброст и да ги ‘внесе’, остави во претставничкиот дом останатите политички партии кои ќе се солидаризираа со ВМРО-ДПМНЕ за системската нерегуларност во изборниот процес како што велат?

Како тоа да не го признаваат легитимитетот на Ѓорѓе Иванов за претседател на државата, а учествуваа во неговиот избор? Колку условите за фер натпревар беа подобрени од минатата година?

Зошто тие дилеми не сакаат да ги наметнат порталите и нивните уредници, туку повикуваа отворено на масовно излегување и на можна победа каде гласачот е сам зад параванот? На која страна беа? Како тоа во режим се обезбедуваат 34 мандати?

Зошто СДСМ во моментот е најголема опозициона политичка партија, а претседателскиот кандидат Стево Пендаровски респектиран политичар? Како се цени политичката тежина, ако не се изборите? Ако двоецот Заев-Шеќеринска мислеа само на себе и беа себични ќе ги бојкотираа изборите и нивниот 4-годишен партиски мандат немаше да биде доведен во прашање. Цената на нивниот концепт на конструктивност или ‘бојкот со учество’ покажа дека политичката партија и нејзиниот интерес им биле во прв ред. Тие не овозможиле на други да заземат простор на политичко-партискиот терен, а овозможиле во анализите и гледањето за надминување на внатрепартиската криза да се служат со “нивниот резултат’.

Еден од можните одговори е јасен. ПАРТИСКИОТ ИНТЕРЕС.
Суштината на постоењето на државата не е ПАРТИИТЕ да бидат ‘вечни’ туку да на пиедесталот бидат граѓаните кои на слободни избори ќе ги избираат своите претставници. Се разбира дека улогата на ПАРТИЈАТА е значајна, најважна и за таа улога се изборила наспроти граѓаните на кои шансите им се мали во демократски амбиент и контролирани медиуми какви ги имаме.

Дали СДСМ ги искористи граѓаните и своите кандидати на 27 април? Сега, не може да следи друга процедура после завршени избори, освен избраните пратеници да се воздржат од оставки на пратеничките мандати.

СДСМ треба да покаже (овој момент е сега најважен) дека сака слобода за избраните пратеници, да всади свест и кај нив, во партијата, а особено надвор од неа- кај јавноста, граѓаните-избирачите и политичкиот противник дека нивниот мандат е добиен од граѓаните.Треба да биде прва партија која ќе направи исчекор.

Заев-Шеќеринска треба да бидат предводници на нова политичка култура, каде заштитата на оваа јавна функција ќе ја бранат јавно каде повикот кон избраните пратеници ќе биде пред очите на граѓаните.Треба да остават избраните пратеници кои не прифатиле мандат, потпишани на нотар да ги повикаат самите да одлучат дали да поднесат оставки во Собранието или не.

Мојот став е јасен. Тие треба да се воздржат од оставки на пратеничките мандати. Сепак, СДСМ е релевантна (вон)парламентарна политичка партија со нивните мандати.

Leave a Reply

Your email address will not be published.