ВИДЕО: Дали на повидок е уште еден скандал со субвенциите?

Руралната Коалиција Скопје, во периодот септември 2013 до јуни 2014 преку проектот „Каде почнуваат, а каде завршуваат парите за субвенции“ спроведува надгледување на исплатените финансиски средства преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и рурален развој по основ на директни плаќања, а обезбедени согласно Буџет на Република Македонија за 2012 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 180/11).
По тој повод денеска 05 февруари (среда) 2014 година, со почеток во 11 часот, во Домот на АРМ во Струмица се одржа прес конференција. Целта на прес конференција беше да се информира јавноста и земјоделците за добиените резултатите од мониторингот на веб страната на Платежната агенција. На прес конференцијата беше објавено колку средства од директни плаќања се исплатени за тутунот од реколтата 2012 година и јавно беа поставени прашања на кои се побара одговор од Платежната агенција. На прес конференцијата зборуваше координаторот на проектот Трајан Димковски. 

Од првичното надгледување од веб страната на Платежната агенција за директни плаќања за под мерка 1.11 – Директни плаќања за произведен и продаден суров тутун од реколта 2012, во период од 18-ти до 22-ри март 2013 година преку откупните претпријатија исплатени се вкупно 1.589.329.550 денари или изразено во евра со курс од 61.5 изнесува 25.842.756 евра.

На 27 декември 2013 година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство излегува со соопштение во кое кажува дека за реколта 2012 е исплатена финансиска поддршка во висина од 1.66 милијарди денари или над 27 милиони евра.

При споредбата на бројките објавени на веб страната на Платежната агенција и бројките објавени во соопштението на Министерството за земјоделство може да се констатира разлика од 70.670.450 денари или 1.149.113 евра.
Според Законот за земјоделство и рурален развој директните плаќања ги исплаќа Платежната агенција која е и единствена релеватна институција да соопшти колку пари се исплатени за откуп на тутунот за реколта 2012.

Од дијаграмот јасно се гледаат компаниите преку кои е откупен тутунот од реколтата 2012. После водечката фирма СОКО ТАБАК, на второто место компанија со најголема количина откупен тутун е компанијата АЛИЈАНС УАН со седиште во општина Кавадарци.

Затоа јавно беше повикан директорот на Платежната агенција г-динот Тони Димовски да каже од каде според Министерството за земјоделство се исплатени над 27 милиони евра, а она што е објавено на веб страната на Платежната агенција е 25.842.756 евра и зошто се јавува оваа разлика од околу 1.200.000 евра.
Дали на повидок е уште еден скандал и манипулација на земјоделците преку субвенциите? 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.