Да се знае кој ќе ги носи на душа жртвите!

„Не знам кој е организаторот и кој ја контролира оваа криза, но имам чувство дека организаторот некои работи не предвидел и дека работите му излегле од контрола. Не сакам ни да помислам дека некој ја провалил полициската акција, но според бројот на жртвите кои се најавуваат, сакам да го изразам моето жалење дека некој полицајците ги изложил како живо месо“, изјави синоќа Илија Николовски, генерал во пензија, кој во 2001 командандуваше со Вториот армиски корпус. Неговата изјава излезе од концепцијата на вестите на Канал 5 и веројатно го шокирала уредништвото.

Генерале, сосема искрено, не знам ни јас кој ја контролира оваа криза, ако некој воопшто ја контролира. Претенденти дека го знаат одговорот на тоа прашање се пропагандистичките кучиња на Никола Груевски, кои се трудат одговорноста за кумановската катастрофа некако да ја натоварат на СДСМ и на „медиумите на Сорос“. Но, многу добро знам, генерале, кој е тој што полицајците ги изложил на непотребни ризици, како топовско месо. И знам кој е објективно одговорен – повторувам, објективно одговорен! – за таа огромна глупост што се направи вчера, со трагични и се уште несогледливи последици.

Еве, читам, го знае тоа и Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, искусен полицаец, сега преетседател на Демократскиот сојуз, партија која е дел од власта. Тој, во изјава за порталот Фактор, јасно кажува: „Одговорноста е на власта. Сите ние другите, и партиите и медиумите и граѓанските организации, имаме одредена одговорност за општестевните случувања, но ако се загрози територијалниот интегритет на државата, така што имаме уфрлена група во земјава, тогаш одговорноста е на безбедносните служби. Прво ни се случи Гошинце, па сега инцидентот во кумановската Дива населба. Одговорноста мора да ја понесе власта. Не може за ова да се обвинува опозицијата, тоа е далеку од памет“.

Она што е далеку од памет, друже Павле, е блиску до „паметта“ на пропагандистите на Груевски, кои како одврзани песови лунѕаат во медиумскиот простор и ги острат забите, глодајќи стари, ископани коски, уште од 2001-та. Испаничени поради она што се случува во Куманово, од она што им се случи на нашите безбедносни сили, тие сега ги обвинуваат сите, освен оние што се објективно одговорни. Виновни им се Зоран Заев и „медиумите на Сорос и на СДСМ“. Ваиновни им се Американците и Европјаните. Шират приказни и тези од кои е јасно дека не само што мозоците си ги чуваат во тегли, како што вели Јанкуловска, туку теглите не биле добро затворени, па мозоците им буѓосале.

Вчера напишав и денеска пак ќе повторам – начинот на кој власта и нејзините медиумски подопашници се обидуваат да ја скријат трагичната вистина за тоа кој е виновен за кумановската катастрофа, покажува дека ние навистина си имаме работа со психопати, кои толку многу го мразат својот народ, што такво нешто не е забележано ни во турско ни во каурско. Окупатори и колонисти да беа, какви што овде имало низ историјата, немаше толку да го мразат македонскиот народ.

Но, тоа е веќе друга тема. Да се вратам сепак на клучната – кој и зошто е одговорен за кумановската трагедија?

Директна политичка, а веројатно и командна одговорност за оваа акција, сносат тројцата луѓе кои вчера ни збор не изустија, ниту некаде се појавија, се до доцна вечерта, кога министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска се појави со нажалена фаца, за да ги соопшти имињата на жртвите, но и да се пофали дека полициската акција била „добро испланирана“ и „одлично раководена“. Значи, да нагласам – политички одговорни за огромните пропусти се Јанкуловска, директорот на УБК Сашо Мијалков и нивниот шеф, премиерот Никола Груевски!

Одговорни се затоа што Управата за безбедност и контраразузнавање, веројатно зафатена со прислушување и мешетарење, не ги обезбедила неопходните контраразунавачки информации за упадот на групата, за нејзиното движење, за опременоста и за обученоста на нејзините припадници. Групата не изникнала во предградието на Куманово, таа од некаде дошла. Како е можно во земјата да влезе или да се појави вооружена формација од 70 луѓе и никој да не ја забележи? Потсетив и вчера, а ќе потсетам уште еднаш – Плусинфо, повикувајќи се на извештаи од албански медиуми, објави вест дека вооружени групи има во Кумановско, но и во Кичевско, со намера да предизвикуваат токму вакви инциденти!!! Моите пријатели на Фејсбук коментираа дека вакви извештаи во медиумите има веќе цели два месеца. Што правела УБК? Зошто Мијалков не наредил да се истражат овие наводи во медиумите

Одговорни се зашто полициската акција е испланирана катастрофално лошо! „Добро испланирана“ акција би била таква во која безбедносните сили би избрале погодно време и погоден простор за да ја разбијат групата, со минимален ризик од жртви. Кумановско Диво насеље е последното место во овој град и во околината каде што би сакале да водите војна со добро вооружени и уште подобро обучени герилци. Тесни улици, куќа до куќа, капиџик до капиџик… Прашав вчера и пак ќе прашам – на кој лудак му текнало да си игра војна во такви невозможни услови и да ги пушта полициските специјалци да гинат како глинени гулаби? И како можела министерката Јанкуловска да одобри таква самоубиствена акција?

Одговорни се затоа што ги занемариле ризиците и можните кобни последици по животите на припадниците на МВР. За раководењето и за самиот тек на акцијата не треба да се обвинуваат полицајците, кои гинеа на теренот. Кога акцијата погрешно ќе се испланира, не може добро да се раководи. Јас сум убеден дека професионалците дале се од себе и извлекле максимум. Но, последиците се страшни – до овој момент шест жртви и повеќе од 30 повредени! Сите тие одат на душа на луѓето кои ја испланирале полициската акција, а не само на оние кои ја инсценирале. Некои велат дека тоа се едни те исти луѓе. Јас тоа навистина не го знам. Не сакам од моите мрачни сомнежи да смислувам мрачни сценарија. И тоа е разликата меѓу кретените во провладините медиуми, кои кројат неверојатни теории, со цел вината – за која многу добро знаат дека постои и дека е огромна! – да ја префрлат на другата страна, на страната на луѓе кои немаат никаква линија на командување или било какво влијание врз поведението на безбедносните сили.

СДСМ ли ја исланира оваа самоубиствена акција? Зоран Заев? „Медиумите на Сорос“? Велат, ние, кои со денови протестираме против полициската бруталност, сме ги „ангажирале“ специјалците и сме ги измориле, па не можеле сите да заминат за Куманово и таму да ги положат своите животи за хировите на онаа жалосна сова, која не може да не си тера ќеиф и да си тепа и да си апси голораки момчиња и девојки по скопските улици. Не, говеда едни, државниот врв ги ангажираше полициските специјалци да го тепаат својот народ, а тие се срамеа од тоа и на некои од нив и солзи им течеа од очите! Не, ѓубриња низаедни, не е СДСМ тој што го планираше протестот на 9 мај, за да се совпаднел со нападот во Куманово, туку поверојатно ќе да е нападот да бил испланиран (можеби и платен) за да ги исплаши луѓето и да го спречи тој собир во Скопје – веројатно и затоа некој на агенцијата Мета и рекол дека конгресот на ДПМНЕ, кој беше закажан токму за 9 мај и токму во Куманово, беше презакажан за една недела порано „од безбедносни причини“? Ќе објасните ли, шупаци, какви биле тие „безбедносни причини“?

СДСМ и „медиумите на Сорос“, како што оваа дружина психопати ги нарекуваат критички настроените медиуми, дури и да сакаат, не можат да го изрежираат ова што се случува во Куманово, а чија увертира ја видовме во Гошинце. За жал, во еден ваков режим, тие не можат да го постават и прашањето за одговорноста. Но, она што можеме сите ние, почитувани читатели, е да не ги затвораме очите пред очебијните факти и да памтиме. Добро да памтиме! Да, сите денеска жалиме за жртвите и сочувствуваме со нивните најблиски, но духовите ќе се смират дури тогаш кога ќе се дознаат вистинските причини и ќе се казнат одговорните за трагедијата во Куманово. Тоа е важно не само заради луѓето кои ги изгубија животите, туку уште повеќе поради искушенијата со кои допрва ќе бидеме соочени.

Да не мислите дека во Куманово и со Куманово сценариото за дестабилизација на земјата е исцрпено? Не, уште многу чуда ние ќе се нагледаме од луѓето кои самите себе се нарекуваат лудаци.

Извор ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.