Режисерот Костурица со поддршка за граѓаните на Србија да не дозволуваат загадување од никел како во Кавадарци

– Не постои подобар начин да се уништат градовите, регионите, па и цела Србија од експлоатација на никел – вели режисерот Емир Костурица.

Славниот режисер веќе со една голема медиумска акција и со сопствениот авторитет успеа да го одложи овој еколошки проблематичен проект, зад кој стои моќниот “Јуропеан Никл”. Но крупниот капитал тешко отстапува од можностите за голема заработувачка. Компанијата “Србијаникл” овие денови ја информирала локалната самоуправа во Трстеник дека во недела, 17 ноември, започнува со работите. Поради тоа дел од Поморавјето утре би можело да биде во блокади на патиштата. Копањата се вршат во десет села.

На подрачјето за кое “Србијаникл” тврди дека има право на експлоатација се наоѓаат десет села (Деблје, Попина, Брезовица, Горна Црнишава, Јасиковица, Бучје, Левиќи, Округлица, Риѓевштица, Велуче) во кое живеат околу 8000 луѓе и кои во случај на експлоатација би морале да бидат раселени.

– Не е тоа пустина во Австралија, туку најубавиот дел од Србија, каде постои инфраструктура, градови, водовод, извори на вода. Изворите на вода сами за себе се доволни да го запрат тој циркус – предупредува претседателката на Одборот за заштита на животната средина при Собранието на Србија Милица Војич Марковиќ.

Претседателот на Општината Трстеник Мирослав Алексиќ порачал дека локалната инфраструктура на работниците на Србијаникл нема да им биде на располагање, ниту ќе им биде дозволено користење на пристапните патишта. Во одбрана на правото на здрава животна средина застанала и целокупната општинска власт, но и целокупното локално население, кое првенствено се занимава со производство на овошје и зеленчук.

Министерот Милан Бачевиќ категорички тврди дека најавените истражувања не се опасни по здравјето.
– Станува збор за истражувања, кои не подразбираат никакво ископување. Поради геолошките истражувања се поставуваат гарнитури за бушење, исто како кога се експлоатира вода за пиење. Истражувачкиот процес е апсолутно ист – вели тој.

Од друга страна, струлната јавност тврди дека во оваа работа нема чиста технологија, а претседателот на општината се повикува и на искуството кое го имала Македонија со наоѓалиштата на никел.
– Во Кавадарци кое неодамна го посетивме, концентрацијата на недозволени супстанци и честици во воздухот е три пати поголема од дозволеното, а рудата не се зема од Кавадарци, туку ја довлекуваат од Индонезија и Гватемала. Се прашувам кој е тој кој сака во долината на Морава да отвора рудник и топилница и да бидеме како Македонија, да ја складираат јаловината тука во центарот на градот – одговорил Алексиќ.

Проблем има и со дозволата за истражување на рудата која ресорното министерство и ја дала на компанијата Србијаникл. И додека министерот Бачевиќ тврди дека таа дозвола е издадена во време на неговиот претходник Оливер Дулиќ во 2008 година, во општината велат дека таа истекла во декември претходната година. 

Извор kurir-info.rs

Leave a Reply

Your email address will not be published.