Да не бидеме “стока”, да гласаме за претседател

Утре е 13. Април, првиот круг на претседателските избори а македончето-сирото се наоѓа пред олтарот на уште еден, нов предизвик, обвиткан во два различни целофани. На целофанот од едната страна пишува дека производот е “проверен” и дека може да се продолжи со негова консумација без никакви последици, додека на оној од другата страна пишува дека време било да се “промени” постоечкиот артикал, односно дека веќе од поодамна истиот е канцероген и започнат да метастазира. Почнува да се распаѓа длабоко од внатре.

Актуелната власт од самиот старт на претседателската па и ако сакате и на парламентарната кампања јасно и гласно навести и и даде до знаење на македонската јавност дека нема баш така лесно да се откаже од својот трон и започна да го покажува своето вистинско гнасно лице во најразлични форми. Последно од листата беше кога на денот на предизборниот молк на болни и изнемоштени лица-стечајци им се даваа лажни предизборни ветувања за кои мораа да чекаат редица и по цел ден пред портите на Агенцијата за вработување во Скопје за да на неколку од нив им се врачи решение со кое им се решава работниот статус. Оваа стапица на властите им успеа во практика и во 2008 година пред изборите. За жал, тогаш само 960 од нив добија надомест. Останатите добија “свирче”.

Утре, а најдоцна на 27 април, Македонија ќе добие нов претседател или старо-нова “испукана петарда”. Европската и светска политичка елита во минатите пет години слатко ни се изнасмеа онака во фаца на циклусот изустени гафови кои ги направи нашиот претходен претседател, Ѓорѓе Иванов (нека е жив и здрав). Сепак сето тоа бламирање и не било бадијала. Заради тој негов труд и мака, на човекот му е ветено почесно место во аналите на глобалната циркуска мрежа, која ете, за жал, не ја одмина и Македонија.

Да се разбереме, на Република Македонија и треба претседател, а не циркузант. На Македонија и треба личност, а не лик од некој стрип. На Македонија и треба човек со свој личен изграден став, а не партиски недораснат послушник. На Македонија и треба претседател кој од петни жили ќе се бори да ја интегрира во европското семејство и Нато градејќи исто така и добрососедски односи, а не претседател да прави легендарни гафови и просеравања на секој чекор кај стигне. Вклучувајќи ги и молитвените појадоци.

На сите нас ни треба претседател кој цврсто ќе се залага за слободата на изразување и ќе дава максимална и безрезервна поддршка за заштита на медиумите, новинарите, невладиниот сектор…Претседател кој нема да се плаши од критички напишан текст упатен кон него и нема да се вознемирува од вистината која новинарите секојдневно ја обелоденуваат. Напротив, таквиот претседател треба да извлече полза од таквите критики и да ја преточи во општо добро за заедницата.

Кога сме кај гласачите, битно е да се каже дека на еден разумен македонски гласач нема потреба да му се “симнуваат ѕвезди” од небо и да му се дават секакви ветувања од најразличен тип како би го промениле неговото мислење. Баш затоа, бидејќи е разумен, со свој изграден став, со правилен поглед на нештата, знае да посегне по вистинското, по реалното, по општествено доброто. И овде нема никакви дилеми.
Проблемот се јавува кај оние граѓани кои ептен лесно се склони да бидат изманипулирани и уште полесно да “паѓаат” на празните ветувања за нивна лична подобра сатисфакција, па макар и за момент. Со било што. Проблемот се јавува кај оние таканаречени “компир-гласачи”, што се вели без кичма, кои не знаат да размислуваат со сопствената глава, без било каква критика кон било што, кои буквално во најлонски вреќи се извлекувани од своите домови за да присуствуваат и да бидат малтретирани по плоштадите ширум Македонија гледајќи го својот лидер како “свршува” над толпата после секој негов говор. А овој пак, целиот таков каков што е, за своето присуство е награден со парче мувлосан сендвич како и задоволсвото да го вее партискиот барјак во првите редови. Кое возвишение човеку. Жално и патетично. Ама и вистинито.

Збор-два и за заканите кои ги трпат вработените, како во приватниот сектор така и во јавните претпријатија. Верувајте дека никој не може а и не смее да се осуди да ви се заканува и да ве брка од работа доколку не извршите одредена партиска задача. Тоа некој си го дозволува затоа што работите во вашата околина се поставени сосема наопаку. Силата не е во вашиот претпоставен или во вашиот партиски или владин функционер. Силата е во вас, во вашите раце, во стилото кое го држите позад параванот. Таму сте семоќни. Буквално. Не ви може никој ништо. Може само да ви се фатат за вашите гениталии и да викаат “узбуна”. Зад параванот е вашата сила.

Еден повик и до младата популација (доколку ја имаме). Доколку немате испланирано ништо посебно со вашата иднина или пак како и могумина ваши колеги и сограѓани планирате да ја напуштите оваа држава што е можно поскоро, тогаш Македонија изобилува со ефтини кафетерии и локални кафани во кои може да си направите една целодневна настава и да го преспиете или испиете утрешниот ден. И никому ништо. Доколку пак за вашата иднина сонувате да ја реализирате во рамките на Република Македонија, тогаш не оставајте другите да одлучуваат за вас. Иднината лежи во вас и само во вас. Младите мораат задолжително да гласаат. И тоа што помасовно и секако по свој избор и свое убедување.

Колку да се напомене, деновиве разни парановинари јавно изјавија дека е дојдено време за “метак у чело” на некои јавни личности. Каков апсурд, кое кривоклетство. И замислете, таквите квази новинари не беа осудени од ниту една надлежна институција. Ова само ја потврдува нивната меѓусебна поврзаност и ништо друго. Дали е ова Македонија во која сонуваме да живееме?

За крај, апелирам, утре да излеземе на гласање во што е можно поголем број (секој за својот фаворит) за да ги направиме неопходните промени и да ја вратиме во вистински правец Република Македонија. Тоа може да го направиме само заедно. Да не бидеме “стока”, да гласаме за претседател. Се гледаме во недела.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.