Да гласаме за промени!

Почитувани читатели, како што веќе знаете, јас лично и во име на „Слободен печат“, токму на ова место, пред почетокот на изборната кампања, јасно и недвосмислено ја искажав нашата поддршка за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и за политиката која ветува промени. Денеска, ден пред изборниот молк, сакам јавно да ве повикам в недела масовно да гласате, со надеж дека и вие ќе застанете зад нашиот избор.

Во овие дваесеттина дена, професионално известувавме за изборната кампања на сите кандидати, така што и самите имавте можност да направите разлика и да се уверите дека Македонија навистина е на крстопат. Избираме меѓу деспотија и демократија, меѓу опсесија со минатото и посветеност на иднината, меѓу мракобесие и слобода, меѓу омраза и љубов, меѓу државата над сè и човекот над сè.

Сите вие многу добро знаете дека во овие осум години диктатура, нашата татковина пропушти шанса да биде лидер во регионот и наместо тоа, денес е најзаостанатата и најмизерна земја на Балканот. Изборите в недела се шанса на тие што од оваа земја направија темен вилает, да им испратиме силна порака дека мора да го напуштат кормилото. Имаа доволно време да покажат што умеат, да зграбат што можат. Доста им е.

Би сакал сите, а посебено вас што сè уште се премислувате, да ве предупредам дека власта и на овие избори ќе стори сè што е можно да ја фалсификува вашата волја. Тоа веќе се случува, со масовна корупција на избирачите, со злоупотреба на јавните фондови и со тотална контрола врз медиумите. Изборната кланица ќе продолжи и после првиот круг, а насилствата ќе се засилат после изборите. Веќе сега се закануваат нивните комесари: „Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта“.

На ова насилство, на оваа пизма, в недела мора да одговориме со масовна и одлучна демонстрација на нашата решеност за промени. Да се биде неопределен, денес значи да се биде неодговорен кон другите, но и кон себе. Никој да не се надева дека ќе куртули ако остане дома во папучи. Овие за секого имаат „метак у чело“. Не им се плашете, но сфатете ги сериозно. Или ние нив цивилизирано ќе ги разоружаме и ќе ги испратиме на рехабилитација, или тие нас, еден по еден, ќе нè „исчистат“ како „багра“. Затоа, в недела гласајте храбро, слободно, разумно и одговорно. За промени.

Leave a Reply

Your email address will not be published.