Натпреварот Македонија – Црна Гора започнува во 17 часот и 45 минути во салата „Подмежакла“ во Јесенице
А тоа ќе биде ѓаволски тежок меч, тврди селекторот Алеш Пипан, прво затоа што е премиерен за нас на првенството, но и затоа што Црногорците се одличен противник.
„Пред нас е почетокот на шампионатот. Црна Гора ни е прв противник и тоа ќе биде ѓаволски тежок меч. Имаат силен тим, но имаат и свои проблеми, исто како и ние. Почетокот е секогаш тежок, но, верувам дека ќе влеземе храбро во мечот и дека ќе го покажеме нашиот квалитет. Одиме чекор по чекор, не сакаме предвреме да мислиме на другите противници, засега за нас е најважен дуелот со Црна Гора. Иако мора да се признае дека ова ќе биде крајно изедначена група, во која ќе решаваат нијанси. Затоа, многу е важно како ќе стартуваме. Потоа ќе мислиме за останатите противници, а ќе кажам само дека и Литванија и Србија не се непобедливи“, истакнува селекторот Алеш Пипан.
Синоќешниот тренинг на македонската репрезентација беше од затворен карактер, медиумите ги добија последните десетина минути за следење, затоа што Пипан подготвуваше неколку варијанти за денешниот меч со Црногорците. Јасно е дека кај нив Никола Вучевиќ, кој е играч од НБА-калибар, ја носи најголемата опасност за македонската одбрана, иако засега енигма е и новиот бек, натурализираниот Американец Тајриз Рајс.
Извор: Екипа.мк