Четириесет на еден!

Десет на еден!
Сто на еден!
О, дали е тоа можно?!
Да, можно е, ние сме пролетери!

Оваа строфа од „партизанската“ поезија била предмет на потсмев уште во комунизмот. Поради преголемиот патос и поради претерувањето песната била исмејувана, а храброста и херојството на партизаните биле банализирани. Но, ете, некои работи не завршуваат во историјата. Минатата ноќ, во реалниот живот, кај „Бристол“, ни се случи нешто слично: Четириесет на еден!

О, дали е тоа можно? Да, можно е, ние сме режим!

Да бидеме искрени, по тепањето на студентите, по демонстрацијата на насилство и сурова сила врз пратениците и врз сопствениот народ, срамот со бркањето на „паркобраните“ пред „Бристол“ воопшто не изненадува.

Но, изненадува непропорционалноста на употребените полициски сили испратени кон групичка мирни активисти; изненадува претераната проценка на самата ситуација на теренот. Инаку, злоупотребата на репресивниот апарат сама по себе ја симболизира диспропорцијата, ги нагласува неправдата и нееднаквоста, слабоста-силата, правдината-неправдата… Како и да ги претумбаме, исто е. Меѓутоа, кога злоупотребата на репресивниот апарат комплетно ќе излезе од пропорцијата, тогаш таа се банализира, односно, намерата е да се испрати прегласна порака, која излегува од чисто репресивното.

Четрсто полицајци во целосна борбена готовност, „хермелини“, полициски кордони и обрачи, цело парче од Центар под полициска опсада за, како што власта вели, „пет исечени дрвја и 11 активисти“, навистина е премногу и за најпараноичните режими. Видете, за тие 11 луѓе што ги уапсија можеа на најтивок можен начин да испратат 20 полицајци, да ги претепаат ако сакаат или да ги уапсат и да им прават што сакаат. Но, тука како да има една друга логика.

Затоа, велам, на режимот целта не му беше пред „Бристол“ да демонстрира стриктно репресивен апарат и физичко насилство какво што видовме на 24 декември. Идејата беше овојпат насилството да биде посуптилно и посурово, односно, репресивниот апарат да демонстрира сила, да ни создаде чувство на беспомошност, ама во функција на расклинканиот и истрошен идеолошки апарат на режимот на Груевски.

Идејата која ДПМНЕ утринава ја демонстрираше е дека можеме да ве преплавиме, да ве претепаме, да ве бркаме и да ве апсиме, само ако така посакаме. Видете, идеолошката и симболичната хегемонија на режимот, дека кога сака може да цензурира, да наметнува, да санкционира, да селекционира, да злоупотребува репресивен апарат, да користи сила, без да пролие капка крв – е нешто стравично, што некогаш би ни изгледало утописко и непојмливо, но, ете, денес тоа е нашата реалност. Токму тука лежи нивната тоталитарност, што се користат и со репресивен и со идеолошки апарат; иако двете секогаш се испреплетувале, сега се плашам дека репресивниот сè повеќе ќе доминира во иднина.

ДПМНЕ прави уште еден исчекор во своето режимско владеење. Претходно доминираше иделошкото наметнување на нивните вредности, демохристијанството, третото дете, идејата за антиквизацијата, СК014, за бракот и за абортусот, и тоа преку комплетно партизирање и присвојување на институциите, преку училиштата и Црквата, или преку целосна приватна злоупотреба на јавните средства и добра. Тоа се правеше и се прави пред сè преку институциите и медиумите, па потоа и на ниво на територија и на терен, дури и со физичко насилство. Тоа значи дека насилството беше потчинето на нивната идеологија, за нив секоја злоупотреба на сила беше оправдана, сè додека таа ја брани и фаворизира или ја реализира и најлудата од нивните идеи. И идеолошката репресија, иако не мора да е физичка, сепак симболички, суштински и емотивно или психолошки, постигнува слични резултати. Пример, кога апсеа и пред камери ставаа лисици, тогаш да, во преден план беше репресивниот апарат, ама тоа кон што режимот вистински целеше, пораката која сакаше да ја испрати, беше дека беспоштедно се бори со криминалот и корупцијата; не беше главната цел да заплашува. Како што минуваше времето, дури и идеолошките инструменти сè повеќе стануваа насилни и заплашувачки, да ја споменам само лустрацијата како пример.

Сега, пак, сè почесто гледаме дека идеолошката рамка станала роб на насилството и репресивниот апарат, дека самата демонстрација на сила се претворила во идеологија, зашто останатите инструменти на идеолошка присила и убедување или замајување, не дека веќе не го даваат саканиот резултат, но како и самиот режим да чувствува дека се прочитани, дека се истрошени. Користењето на репресивниот апарат денес е врвната идеја на режимот.

Затоа, според мене, вчера бевме сведоци на таа толку орвеловска состојба, дека сме под тотална контрола, дека само таа репресија постои, дека немаме никаква слобода и никакви права, дека сме под окупација. Затоа што и во реалноста се оствари таа налудничава идеја, на една полициска држава, која нема повисоки идеали и цели освен со насилство да му се наметнува или да го малтретира сопствениот народ, и тоа само поради приватните дилови на режимот и нивните бизнис интереси. ДПМНЕ некогаш доминираше на полето на идеологија, на идеи, погрешни, деструктивни и луди, ама ги контролираше, а денес единствената идеја им е дека ќе прават како што сакаат, зашто им се може.

Само ќе ги потсетам на една друга идеја во една друга држава. Ви текнува ли на државата во која Антонио Милошоски, Никола Тодоров и сите денешни или бивши вмровци со месеци слободно и без полициска бруталност протестираа по паркови, ги окупираа со шатори? Ви текнува ли на „Гласот на светлината“ кој со месеци го блокираше градот без еднаш полицијата да интервенира?

Е, мои луѓе, колку сме биле наивни, тогаш се вреднуваа други идеи и вредности, оние на слободен протест, на слобода и демократија. Тоа личеше на демократска држава, а од тогаш до денес останавме само со полициска држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.