Цел куп непоставени прашања од медиумите за слободните здравствени зони

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Работа на Министрите во Владата на секоја земја, (следствено на тоа и на РМ) е да промовираат проекти и активности со цел да го подобрат функционирањето на својот ресор. Прес конференциите се  најдобриот начин за тоа. Се разбира, работа на новинарите е да ги пренесат изјавите од прес-конференциите, но не треба да останат на тоа.

Деновиве актуелни се написите од типот:

Министерот Тодоров најави слободни здравствени зони кои нема да бидат достапни за граѓаните на Македонија

Какви ефекти може да се очекуваат од слободните зони

ЗДРАВСТВЕНИТЕ ЗОНИ – ДИСКРИМИНАТОРСКИ ПРОЕКТ

Елези: ДА за слободни здравствени зони, но да важат за сите

Дел од ставовите се дека нема проблем овие зони да функционираат во Република Македонија, но дека е добро тие да се наменети за сите граѓани, односно за сите оние кои имаат да платат, бидејќи станува збор за приватни установи кои нема да бидат финансирани од Фондот за Здравство на РМ.

„Министерот не може да забрани да ги добијат услугите ако тие имаат пари. Секој граѓанин, било од Македонија, Србија или Косово. Тој има пари и сам си плаќа. “. Алсат М

Други се директно против овој проект со аргумент дека:

„Воведувањето слободни здравствени зони е дискриминаторски проект, од кој граѓаните на Македонија нема да имаат никаков бенефит…Државата наместо да троши пари за даночни и други олеснувања за изградба на болници, во кои македонските државјани нема да смеат да стапнат, тие средства може да ги инвестира во јавното здравство“ Телма

Коректно е од страна на медиумите да се презентираат различните ставови, но најдобро е да се побара суштината на проблемот и да се дојде до компетентни соговорници кои ќе помогнат да се добие конкретен одговор. На тој начин можеби ќе ретерира и министерот кога ќе ја сфати сериозноста на проблемот и интересот за дебата од страна на повиканите и засегнатите од и со него.

Кои прашања треба да се постават од страна на медиумите,бидејќи сѐуште има простор за дебата за овој проект најавен да започне да се реализира во 2017 година.

 

  1. Зошто токму сега се промовира овој проект кој треба да започне да се реализира дури по две години?

Кому е потребно вниманието и дебатите да ги насочи кон (не)потребноста на овој проект, кон неговата дискриминирачка суштина, кон тоа дека не е можно без да се посегне во лекарската етика да се прифати ваков проект со кој би се дискриминирале домашните граѓани. Нова ТВ

Како ќе се третираат другите здравствени установи во земјата (приватни или државни) кои нема да можат да ги користат поволностите на оваа зона?

„Болниците ќе бидат ослободени од данок на додадена вредност и царински ослободувања при увоз на медицинска опрема, увоз на лекови, медицински потрошен материјал, медицински помагала, при увоз на добрата применети за изградба на објект, електрична енергија, при увоз на возила за итна медицинска помош. Споменатите услови ќе важат доколку наведените добра се увезени од страна на корисникот на зоната заради вршење на здравствена дејност.“ Здравство 24

 

  1. Зошто не е консултирана стручната јавност?

Ова може да се види од реакциите на лекарите. Нема некој од лекарската фела кој не  е затекнат од оваа новост и ретко кој можеше да го изнесе својот ставоколу овој нов третман на здравствениот сектор кој министерот сака да го популаризира како здравствен туризам. Без разлика дали станува збор за поддршка или неприфаќање, ставот е став, а лекарите во земјава едноставно сега велат дека имаат поважни состојби со кои се занимаваат (покрај жолтицата и листеријата), а тоа е како да ги решат егзистенцијалните проблеми со вредноста на средствата кои ги добиваат за пациентите (капитацијата) и слични тековни проблеми.

Дури и Лекарската комора нема став (што значи дека не е известена за овој чекор, а камоли прашана за мислење) со исклучок на Здружението на лекари Албанци во Македонија од каде:

„ја поздравија идејата за отворање на слободни здравствени зони во земјава, но не и правилата да не можат да ја користат граѓаните на Македонија и Косово. Според претседателот на ова здружение, нејасно е зошто слободните здравствени зони нема да бидат достапни првите 10 години за домашните граѓани кога болниците ќе бидат во земјава и зошто правилото важи и за Косово кое е друга држава.“

 

  1. Дали е потребно (или дали е возможно) здравството да ни ја спасува економијата?

Образложението на Министерот за здравство дека:

„Странските компании кои ќе одлучат да градат болници во овие зони, од државата ќе добијат финансика поддршка од половина милион евра. Десетгодишни даночни ослободувања и покривање на дел од трошоците за плати се само дел од бенефитите за потенцијалните инвеститори“

треба да биде искористено за прашања од страна на новинарите од типот:

  1. зошто ваквите поволности не се нудат на македонските лекари;
  2. дали има заинтересирани инвеститори или е само идеја која нема иднина;
  3. зошто идеите се црпат од земјите од Блискиот и Далечниот Исток (Турција, Дубаи, Ј. Кореја ) кога сакаме да ги применуваме европскиот здравствен систем;

 

  1. Која е ползата  за македонските граѓани од сето тоа?

Медиумите мора задолжително да го постават ова прашање за интересот кој би го имале македонските граѓани од овој проект.

„Корисниците како услов за користење на државна помош се обврзуваат да воведат нови здравствени методи или постапки за превенција, дијагностика и лекување на болестите кои дотогаш не се користеле во Република Македонија – Здравство 24

Зошто за нив би било интересно и прифатливо формирањето на:

„здравствена зона на поголема територија која најверојатно би била во Скопје на 15-20 хектари во која ќе бидат сместени болници основани и изградени од странски компании. Компаниите треба да имаат точно определено ниво на искуство и да исполнуваат определени услови. Во однос на бенефитите ќе ја истакнам државната помош која се доделува во облик на регионална помош и изнесува најмногу до 50 отсто од оправданите инвестициски трошоци или од трошоците за плата на новоотворените работни места за период од две години“

И досега реакциите од страна на граѓаните се дека најдобрите здравствени одбјекти, кои се најекипирани со стручни кадри се наоѓаат во Скопје, не само приватните, туку и државните, оние финансирани од страна на сите граѓани на РМ.

Со ова само се зголемуваат потенцијалите на главниот град и неговата економија, а при тоа полза во делот на здравствените услуги нема да имаат ниту неговите жители, а да не зборуваме за „остатокот од Македонија“.

 

  1. Кој ќе работи во овие болници или подобро речено дали ќе останат лекари во државните здравствени објекти?

Општо познат е фактот дека со отворањето на приватните болници се одлеаја најквалитетните лекари од државното здравство. Пациентите се жалат, а директорите на болниците реагираат дека немаат доволно квалитетни кадри да ги даваат неопходните здравствени услуги во државните болници.

„Докторите на медицина кои се странски државјани треба да имаат најмалку пет години непрекинато работно искуство како специјалисти во една од земјите членки на Европската Унија од групата ЕУ-15 или во земја членка на ОЕЦД и нивниот број не е помал од 30% од вкупниот број на доктори на медицина кои ја вршат здравствената дејност во приватната здравствена установа“

Според најавите покрај странските лекари, кои треба да бидат минимум 30 % од кадарот, остатокот ќе бидат македонски лекари. Од каде ќе дојдат тие? Од Агенцијата за вработување или оние кои за поголема плата ќе се прелеат од државното здравство?

 

  1. Кој е обврската на Министерството за здравство?

Прашањето го поставуваат од левичарското движење „Солидарност“, но сосема е легитимно секој новинар да постави:

Дали Владата треба да се грижи за граѓаните на сопствената земја, или за профитот на странските инвеститори ?

Уште повеќе што со ова предлог – решение за слободните здравствени зони се крши Законот за здравствена заштита, кој го гарантира начелото на географска, физичка и економска достапност на граѓаните до здравствените услуги.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Leave a Reply

Your email address will not be published.