ЧЕКАЈЌИ ГО ВЕТУВАЊЕТО НА ГРУЕВСКИ

Ќе дознаеме ли зошто премиерот барал 62 пратеника, или ќе си го подели пленот братски со стариот партнер Ахмети

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на предвремените парламентарни избори побара од граѓаните 62 пратеника. Толку му требаа да не биде уценуван од ДУИ и од Али Ахмети. Во борба против албанските ултиматуми на својот партнер во власта, националистичката милитантна доктрина беше последниот адут на пропагандната машинерија. Кога се обелодени таа предизборна ујдурма договорена, тајно или премолчено, сеедно, меѓу Груевски и Ахмети, владините трабанти и апологети истурија и се’ уште истураат анатеми и повици за линч. Мнозинството граѓани му поверуваа на лелекот на премиерот искажан стотици пати на митинзите молејќи за 62 пратеника за спас на татковината во оваа патриотска битка со „шиптарите“. Молбата беше услишана, граѓаните дадоа 61 пратеник. Сега го чекаме сите заедно ветувањето на Груевски да се справи со уцените на Ахмети и да формира влада со другите партнери, со Стевче Јакимовски, со наследниците на Руфи Османи, со Мандух Тачи. Човек да види, па да не верува. Повеќе ми личи дека пленот ќе биде поделен братски меѓу Груевски и Ахмети како што си е договорено.

Додека го чекаме одговорот на Груевски, како мало потсетување, еве извадоци од текстот што го објавив 15 дена пред изборите, поточно на 11. 3. 2014 година во „Утрински весник“ под наслов „За инат на Шиптарите и Словените“:

Главната заедничка стратегија на Никола Груевски и Али Ахмети за претстојните претседателски и парламентарни избори стана ептен очигледна и веќе се движи сто на саат по двонасочната улица. За инает на „Шиптарите и на Словените“ е борбениот повик за мобилизација на патриотите кај коалициските партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е етничкиот оган што го запалија сами и врз кој ќе фрлаат керозин Груевски и Ахмети во оваа војна за власт. Двајцата политички лидери со своите чети, војводи и команданти ќе ги палат и гасат пожарите низ Македонија. Откако ортаците во изминатите 7-8 години на неконтролирана и апсолутна власт ги испукаа сите ќор-фишеци, сега поминаа на боева муниција и високооктански бензини.

По првата, прилично, наивна приказна за консензуален претседател што ја исфрлија стратезите на ДУИ, се разбира, по договор со партнерите од ВМРО- ДПМНЕ, тргна лавината. Албанците ли ќе ни избираат претседател, доста е со уцени на „Шиптарите“, малцинството ли ќе одредува правила за мнозинството, воскреснаа преку ноќ старите пароли од едната страна, а од другата одекнаа добропознатите труби за спас на загрозената албанска нација од славомакедонците, за човековите права и слободи за нерамноправноста, изникнаа и низа други бариери што им ги поставуваат Македонците на Албанците…. Потпирајќи се на загрозените национални права, двете страни одглумија лутина и си ги исполнија договорените обврски да одат на вонредни парламентарни избори правејќи од нив фарса. Од најголемата демократска придобивка – фер одмерување на силите, Груевски и Ахмети направија циркус, наводно во одбрана на националната гордост, идентитет и јазик. Двајцата лидери побараа од своите етнички заедници неограничена власт. Груевски си нарача 62 пратеника, а Али Ахмети безецираше 25 места во Парламентот. Така, кога ќе седнат пак на заедничка маса по изборите, ќе можат спокојно и праведно да си ја поделат власта…. ќе си седнат сами еден карши друг и ќе си се договорат како и досега што да прават со Македонија. Едниот со 62 адута и 3 од карти, а другиот со 25 адута во рацете лесно ќе се пребројат. Единствен мал проблем е како пироманите ќе станат пожарникари, а тоа да не биде премногу очигледно……

И конечно, зошто Груевски и Ахмети влегуваат во авантура да играат на опасна карта со заострување на меѓуетничките односи. Одговорот е мошне едноставен: го потрошија целиот кредит. Во изминатите осум години нема резултати и успеси кои можат да донесат изборна победа. Главните цели на многу успешната власт не се остварени дотаму за да ги почувствува мнозинството граѓани. Големите достигнувања во економските реформи, во отворањето работни места, во субвенциите за земјоделците и зголемените пензии во подобрување на животот, стандардот и квалитетот на живеење, во изградбата на спомениците и барокните зданија, музеи и театри, гаражи и жални врби не се доволни за изборна победа. Целата преродба во сто и двесте чекори е во колапс, не стасуваат ни милијардите евра заеми по светските банки. Што тогаш? Нема друго чаре освен отворање на нов фронт и таканаречена контролирана нестабилност со стимулирање на меѓуетнички судири и кавги меѓу Албанците и Македонците. Ништо повеќе не пали на Балканот колку тврдиот милитантен национализам и шовинизам…..

Објавено во „Утрински весник“ 11.03 2014 во 16.30 часот 

Извор УТРИНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published.