Ќе се „слави роденден“ на дупката на патот Кратово – Пробиштип

Акцијата ќе се одржи утре во 12 часот на локацијата во непосредна близина на Кратово, на регионалниот пат на 300 метри од раскрсницата која од Кратово води кон Пробиштип. На спомената локација патот е уништен веќе две години, па активистите со оваа невообичаена форма сакаат да го свртат вниманието на јавноста кон проблемот.

Веќе две години сообраќајот се одвива само на една коловозна лента, а отворените процепи кои константно се појавуваат заради пропаѓање на земјиштето само се прикрпуваат и една коловозна лента е постојано надвор од употреба. Активистите велат дека решавањето на овој проблем е од исклучително значење не само заради безбедно одвивање на сообраќајот, туку и поради фактот што постои голема опасност од целосно рушење на патот врз неколку куќи кои се наоѓаат под самиот пат.

Организаторите велат дека повеќепати се обратиле до надлежните институции за санација на овој проблем, а надлежните единствено ги полнат отворените дупки, неретко длабоки и по половина метар, без притоа во целост да го решат проблемот.

Проблемот засега над 30.000 граѓани од североисточниот дел на Македонија.

извор Плусинфо

Leave a Reply

Your email address will not be published.