CARPE DIEM (“искористи” го денот)

Денот може да се искористи на повеќе начини.Може да читате книга, некои гледаат филм, други си го уредуваат дворното место, може да гледате цел ден тв сапуници, има луѓе кои го оговараат и заговараат соседот, некои се умилкуваат на шефот на работното место, некои пишуваат поезија, други ја истражуваат вселената, едни се занимаваат со спорт, други по цел ден бистрат политика, некои по цел ден готват, други пак “јадат” по цел ден го..а.Значи постојат илјадници начини како да се искористи еден обичен ден.Но кој е вистинскиот начин од овие набројаните кој на крајот од денот ќе не направи подобри, помудри, побогати (духовно)? Можеби сите, а можеби ниеден.

Сите “големи” личности од минатото, денот кој им бил даден од бога, го “искористувале” максимално.Впрочем, затоа и се наречени “големи”.Затоа што сето она сработено, реализирано, кога ќе го соберат и одземат на крајот од денот, придонесува за еден подобар, поздрав и посмирен живот за нив како индивидуи а и за општеството околу нив.И тоа од секој можен аспект. Тие личности биле “големи”, но не се разликувале во ништо од нас.Имале слични фризури како нас, се чувствувале едноставно непобедливи како секој од нас.Го имале светот на дланка, како секој од нас.Верувале дека се дојдени на овој свет за да завршат некое големо дело на крајот од денот, како секој од нас.Со очи полни со надеж, како секој од нас. Колку време им требало на тие личности за да ги изградат своите животи такви какви што им биле?На кој начин тие го искористувале денот? Најверојатно на најдобриот.

Но тие личности од минатото повеќе ги нема.Сега се дел од историјата на човештвото.А, сегашноста и иднината ни останува на нас.Од нас зависи на кој начин ќе го “искористиме” денот.

Еден робовладетелски режим на пример, максимално си го “искористува” времето во текот на денот. Покрај тоа што за време на работното време се “бркаат” и “отепуваат” со работа по административните канцеларии и притоа работат и менаџираат крајно “домаќински” со државната каса, сепак после работното време, како и сите обични и нормални луѓе, одат на заслужен приквечерен одмор или релаксација. Тоа е резултат на големите заслуги од “реформите” во економијата, земјоделието, здравството, странските инвестиции…

Некои тоа го прават по градските кафани со ексклузивен ентериер, некои по брендираните авто салони, некои по викендиците од ексклузивните ривиери од природните а богами и вештачките езера.Има и такви кои од 18 часот па до фајронт, си дремат пред тв екраните гледајќи го своето омилено тв шоу или увозните сапуници.И сето тоа од продукции од сите краеви на земјината топка, освен од внатрешноста.

Има и такви кои денот го “користат” да речеме и со секојдневни роуд-шоуа.Бајаги се трага по таканаречени странски инвестиции, но тие се што прават е аплицирање за државјанство, и тоа во повеќе земји. Причината е едноставна.Во некоја блиска иднина да се троши на раат “милијардата”, настрана од очите на комшијата.Нели, не е културно.А, и навредливо е.

PASARAN или NO PASARAN, граѓаните сами нека си проценат.Ако има потреба и нека реагираат.А за тоа треба да се има цврста желба и јајца ко слон.Сепак има и такви кои се 18+, доволно возрасни да мислат со своја глава и притоа да си го кажат јавно тоа што му лежи на срце. Бидејќи зборовите и идеите се тие кои го менуваат општеството.Светот во целина.

И што треба сега да правиме сега ние, обичните? Ајде да си го заградиме дворното место со бодликава жица и да одгледуваме свињи и да молзиме крави? Напротив.Треба да веруваме еден во друг.Затоа што со текот на времето “се ќе се расветли”.И да се најдеме во ситуација да не знаеме што да правиме, не е страшно.Бидејќи она што не го знае човек, не може ни да му наштети.Луѓе сме.Ќе научиме.
Еден ден секој од нас ќе престане да дише, ке се излади и ќе умре.Ќе станеме храна за црви. Сите познати личности а и обични граѓани од минатото го минале тој процес.Славни, неславни, поети, писатели, спортисти, бизнисмени, роднини, пријатели…Прашањето е: “Колкумина од нив го “искористиле” денот, а колкумина од нас”? 

Leave a Reply

Your email address will not be published.