Бунт!

Пријатели на Фејсбук ми пишуваат за тоа како активисти на владејачката партија на теренот вршат притисоци, заплашување и регрутирање на неопределените избирачи. Ме молат да објавам детали за конкретни случаи што ги наведуваат. За жал, тие наводи во овој момент не се докажливи, иако имам полна доверба во луѓето што очајно бараат некој нешто да стори, за да запре овој обид за ново фалсификување на волјата на избирачите.

Така, еден пријател ми пишува дека директори на јавни претпријатија на тазе вработените им наредуваат да направат списоци на по тројца симпатизери на СДСМ, со адреса и телефонски броеви. Секој таков чиновник мора да се обврзе да ги „превоспита“ своите тројца „комуњари“ и да ги натера да гласаат за владејачката партија. Мојот пријател наведува и конкретно јавно претпријатие во кое се случува ова.И така, додека провладините мегафони се обидуваат да го дефокусираат јавното мислење од коруптивните афери што ги откри СДСМ и да ги дискредитираат опозиционерите и критички настроените новинари, меѓу обичните луѓе, власта води жестока кампања за поткупување на избирачите. За тоа не се штедат ни труд, ни народни, буџетски пари.

Медиумите, пак, се забавуваат со тоа кои ќе бидат кандидатите, дали претседателските и предвремените избори ќе биле заедно или одвоено и кога ќе се распушти парламентот. А изборната кланица веќе работи под полна пареа. Режимот ќе стори сѐ изборите да ги добие многу порано пред самиот изборен ден, кој, нормално, како и секогаш, ќе биде прогласен за „празник на демократијата“.

Порано или подоцна, сите ќе сфатиме дека одговорот на оваа манипулација може да биде само еден – бунт. За жал, подоцна може да биде и предоцна. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.