БУНТ ВО БОСНА

Граѓаните на Босна, конечно, сфатија кој е вистинскиот непријател – не другите етнички групи, туку нивните сопствени лидери кои, наводно, ги бранат од другите

Минатата недела гореа градови во Босна и Херцеговина. Се’ започна во Тузла, град со мнозинско муслиманско население. Протестите потоа се проширија на главниот град Сараево, па во Зеница, но и во Мостар, во кој живеат прилично голем број Хрвати, и во Бања Лука, престолнината на српскиот дел на Босна. Илјадници разјарени демонстранти окупираа и палеа владини згради. Иако ситуацијата потоа се смири, и понатаму се чувствува тензија во воздухот.

 

Настаните поттикнаа разни теории на заговор (на пример, дека српските власти ги организираа протестите за да го отфрлат босанското раководство), но со мирна душа може да се занемарат бидејќи е јасно оти, што и да се случува зад ридот, очајот на демонстрантите е автентичен. Во искушение сум да ја парафразирам славната изјава на Мао Цедунг: „Во Босна е хаос, ситуацијата е одлична!“

 

Зошто? Затоа што барањата на демонстрантите не може да бидат поединствени – работни места, шанси за пристоен живот, спречување на корупцијата – но ги поткренаа луѓето низ Босна, земја која во последниве децении стана синоним за сурови етнички чистења.

Единствените масовни протести во Босна и во други постјугословенски држави досега се одржуваа на бранот на етнички или верски страсти. Од Балканот до Скандинавија, од САД до Израел, од Централна Африка до Индија, се појавува нова мрачна доба на разгорени етнички и верски страсти додека вредностите на просветителството се повлекуваат. Овие страсти цело време потајно демнат, но сега веќе бесрамно отворено се покажуваат.

 

Значи, што да се прави? Мејнстрим-либералите ни велат дека кога етничките или верските фундаменталисти се закануваат на основните демократски вредности, сите мораме да се обединиме зад либерално-демократската агенда на културна толеранција, да спасиме што може да се спаси и да се откажеме од соништата за порадикални општествени промени. Нашата задача, ни велат тие, е јасна: мораме да одбереме меѓу либералните слободи и фундаменталистичките репресии.

Но, тие триумфалистички (и често реторички) прашања како што се „Зар сакате жените да бидат исклучени од јавниот живот?“ или „Зар критиката на религијата да се казнува со смрт?“ се сомнителни токму поради очигледните одговори. Тој поедноставен либерален универзум одамна ја загуби невиноста. Судирот меѓу либералната пермисивност и фундаментализмот, во суштина, е лажен – станува збор за зол круг на два пола кои меѓусебно се генерираат.

 

Она што Макс Хоркхајмер уште во 1930-тите години го кажа за фашизмот и капитализмот (дека оние што не сакаат да го критикуваат капитализмот би требало да молчат и за фашизмот) може да се примени и на современиот фундаментализам: оние што не сакаат да ја критикуваат либералната демократија, исто така, би требало да молчат и за верскиот фундаментализам.

Реагирајќи на оцената на марксизмот како „ислам на 20 век“, Жан-Пјер Тагиев напиша дека се покажало оти, всушност, исламот е „марксизам на 21 век“, кој по падот на комунизмот го продолжува неговиот насилен антикапитализам.

 

Би можело да се каже и дека наведените мутации на муслиманскиот фундаментализам го потврдуваат стариот увид на Валтер Бенџамин дека „секој подем на фашизмот сведочи за неуспехот на револуцијата“. Подемот на фашизмот е, со други зборови, неуспех на левицата, а истовремено и доказ дека имало револуционерен потенцијал, незадоволство кое левицата не била во состојба да го мобилизира. Зар не се однесува истото тоа на современиот т.н. исламофашизам? Зар подемот на радикалниот исламизам не е во директна врска со исчезнувањето на секуларната левица во муслиманските земји?

Кога Авганистан се прикажува како земја на исламски фундаментализам до сржта, кој уште се сеќава дека пред 40 години тоа била држава со силна секуларна традиција, вклучувајќи и моќна Комунистичка партија, која на власт дојде независно од Советскиот Сојуз?

Во таа смисла треба да се разберат и поновите настани во Босна. На една фотографија од протестите гледаме демонстранти како еден покрај друг виорат знамиња, босанско, српско и хрватско, подготвени да ги занемарат меѓусебните етнички разлики. Накратко, на дело е бунт спрема националистичките елити: граѓаните на Босна, конечно, сфатија кој е вистинскиот непријател – не другите етнички групи, туку нивните сопствени лидери кои, наводно, ги бранат од другите. Старата и често злоупотребувана титоистичка крилатица за „братство и единство“ на југословенските народи како да доби ново значење.

 

Цел на протестите беше и администрацијата на ЕУ, која ја надгледува босанската држава, ги принудува трите нации на мир и дава значајна финансиска помош за да овозможи функционирање на државата. Тоа можеби е изненадувачко, со оглед на тоа дека целите на протестите номинално се исти како и целите на Брисел: просперитет, ставање крај на етничките тензии и корупцијата. Меѓутоа, начинот на кој ЕУ навистина управува со Босна само ги продлабочува поделбите: таа работи со националистичките елити како со свои привилегирани партнери и посредува меѓу нив.

 

Поројот на бес во Босна потврдува дека етничките страсти не можат вистински да се надвладеат со наметнување либерална агенда: демонстрантите ги обедини радикалното барање за правда. Следен и најтежок чекор ќе биде претворање на протестите во ново општествено движење кое не се осврнува на етничките поделби и организација на понатамошни протести – можете ли да замислите појава на разјарени Бошњаци и Срби како заедно протестираат во Сараево?

 

Дури и ако протестите постепено загубат на силина, ќе бидат запаметени како краткотрајна искра на надеж, нешто како кога спротивставени војници се побратимуваат над рововите во Првата светска војна. Автентични еманципаторски настани секогаш ги занемаруваат партикуларните идентитети.  

Leave a Reply

Your email address will not be published.