Буџетот тешко се полни, минусот се’ подлабок
Дури 22 милиони евра изнесува буџетскиот дефицит направен во октомври годинава, говорат најновите податоци на секторот Трезор во Министерството за финансии. Тоа следува откако и во септември имаше значаен минус од 17 милиони евра, додека претходните два месеци буџетските дефицити беа пониски.
Во периодот од јануари заклучно со октомври Владата влегла во вкупен буџетски минус од над 278 милиони евра. Во однос на новиот дозволен дефицит од 313 милиони евра тој зафаќа близу 89 проценти. Но, ако се има предвид дека првичниот планиран дефицит беше 288 милиони евра, доколку Владата не го зголемеше и останеше на овие позиции, за десет месеци веќе ќе го имаше „стопено“ речиси целиот буџетски минус, или близу 97 проценти.
За последните два месеца од годинава Владата има на располагање дефицит од вкупно нецели 35 милиони евра, што значи дека во ноември и во декември не смее да влегува во поголеми буџетски дупки од просечно по 17,4 милиони евра.
Она што би требало сериозно да ја загрижи Владата, секако, е прашањето дали до крајот на годинава ќе успее да ги оствари вкупните приходи што ги планира, 2,43 милијарди евра. Во десетте месеци од годинава државата успеала да собере вкупно 1,87 милијарди евра. Значи, во последните два месеци треба да се инкасираат дури 560 милиони евра од даноци, казни и од други давачки, што е тешко остварливо, особено ако се има предвид дека во изминативе десет месеци просечно месечно се остварувале приходи по 187 милиони евра, или за два месеци тоа би било околу 374 милиони евра.
Само во октомври остварените буџетски приходи биле на ниво од 192 милиони евра, или нешто над просекот за десетте месеци. Даноците во октомври биле за 10 милиони евра „посилни“ од претходниот месеци и достигнале сума од 108 милиони евра. Овој раст речиси целосно се должи на повисоките износи собрани од данокот на додадена вредност, кој во октомври донел 56 милиони евра. Кога станува збор за глобите и таксите, пак, треба да се напомене дека во октомври тие го наполниле буџетот со нови три милиони евра, што е најголем износ од сите претходни месеци во текот на 2013.
Во октомври вкупните расходи изнесуваат над 214 милиони евра, што е пораст во однос на претходните месеци. Зголемување има и кај трансферите, и кај речиси сите други трошоци. Но, кај капиталните расходи, каде што е и најпожелно да се троши, бидејќи станува збор за продуктивни инвестиции, остварувањето во десетте месеци не е доволно. Или, од јануари до октомври биле остварени капитални инвестиции од околу 215 милиони евра, додека вкупната сума планирана со буџетот е 328 милиони евра. Односно, за десет месеци се реализирани само 65 проценти од капиталните инвестиции. Во последните два месеца би требало да се вложат дури 113 милиони евра во инфраструктурни објекти. Во октомври инвестициите во капитални проекти, на пример, изнесувале безмалку 20 милиони евра.
СДСМ: Годинава ќе имаме најниски капитални инвестиции
Опозицискиот СДСМ предупредува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучно со октомври остварила вкупен буџетски дефицит од 279 милиони евра.
„Тоа е речиси 100 отсто од планираниот дефицит за 2013 или 90 отсто од буџетскиот дефицит со ребалансот. СДСМ алармира дека овој тренд ќе продолжи во наредните два месеци и очекуваме дека годината ќе заврши со дефицит од цели 335 милиони евра или 4,2 отсто од БДП“, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста од СДСМ. Од партијата велат Владата досега реализирала само 65 отсто од планираните капитални расходи. „До крајот на годината Владата не може да ја промени оваа состојба драматично, и според процените, 2013 ќе ја завршиме со капитални расходи од околу 250 милиони евра. Тоа ќе бидат најниските капитални инвестиции во последните 5 години во апсолутен износ. Како процент од БДП тие ќе изнесуваат бедни 3,2 отсто“, сметаат во СДСМ.