Болниот кепец и нашата демократија

Можеби единствениот нашинец што си го носи тетовиран на градите ликот на актуелниот македонски премиер Никола Груевски во цела Австралија е Болниот Кепец или Ѓорѓи Торбата од Баиро во Битола, со завршено земјоделско училиште. Помлад е од мене цели дванаесет години, но многу е поитар. Дури трипати ме има насамарено во последниве три децении. Иако другарите во фабриката за пердувеста живина го завикале Кепец, тој не е човек од метар и жилет, туку малку повисок и многу набиен, како цел живот да поминал во вежбалница со тегови. А го завикале Кепецо затоа што на баловите во Мелбурн многу сакал да го води орото со развеано шамивче во раката, додека крај него задолжително се фаќал на орото да игра Михаило од Жван, за две глави повисок од него. Тој контраст ги одушевувал сите, па му го закачиле прекарот. И прекарот Болнио му го дале шегаџии од Битола, кога откриле дека е цар за користење на разни боледувања. Дури двапати успеал да наплати компензации од по стотина илјади долари, за разни повреди на рацете и нозете. Го немав видено од големата македонска демонстрација во Мелбурн 2008 година, иако телефонски ми се јавуваше до средината на 2011 година. Потоа му ја изгубив трагата.

А на десетина километри височина, во авионот за тропскиот Марочидор, едно човече со свежо бојадисана коса ме прашува: Не ме познаваш? Му велам: Ако не се лажам, ти си единствениот нашинец кој во Австралија ме насамарил трипати. Тој прво ја отпетлува кошулата да ми го покаже Никола Груевски на градите, потоа се правда: Чесен збор не го сторив тоа со лоша намера. Му велам: Но дали сега, по толку години, се сеќаваш што пишуваше на транспарентот што го носеше со обете раце? Тој како од пушка одговара: Живот даваме, име не даваме. Жити очите, потсети ме што те излажав? И покроце му раскажувам дека три дена по демонстрацијата што ги вознемири Грците, тој ме покани дома во населбата Спрингваел. Па му ја набивам вистината за да му поцрвенат ушите, му велам, буква по буква: Не ме излажа само мене, туку целата наша јавност во Австралија. Македонскиот јазик во твојот дом не го знаеја ни твоите синови, а да не зборуваме за твоите внуци. Затоа на твојот развеан транспарент соодветно ќе беше да пишува: Живот давам, име не давам, му шепотам на Кепецо за да не ги тревожам другите патници во авионот. Тој признава: Така е, од целото мое семејство само јас излегов борец за македонските правдини. Дури и жена ми Трена ми го сврте грбот.

Го прашувам: И каде патуваш сега? Си одам дома во Мулулаба, таму живеам веќе две години. Побегнав од влажната и променлива клима на Мелбурн, шепоти божем ми кажува нешто во доверба: Но и таму немам среќа, ми се разболе Трена, ни станува ни умира, додава. Се интересирам: Од што се разболе? Од тага, веќе со месеци одбива да зборува со мене, воздивнува соговорникот. Го прашувам Кепец: А дали се сеќаваш кога првпат ме насамари? Тој подзинува како излапен: Кога? Полека го потсетувам: Една година пред големата демонстрација ме замоли во име на Задграничниот комитет на вемерето да објавиме на половина страница оглас дека во Мелбурн е пристигнат господинот Бојо Андрески, коалициски партнер на Никола Груевски, професор, бизнисмен, директор или ректор на Европскиот Универзитет. Тој збунето крева рамена, прашува: И што те насамарив? Благодарение на огласот дојдоа луѓе на кои Бојо им раскажа дека пред да стане професор бил заставник, но дека бизнисот му тргнал со промената на власта во Македонија, па во блиска иднина ќе ја изгради и првата стокатница во Скопје. Кепецо ме засмева со фактите, па му велам: Ти ме измоли редакцијата да направи интервју со Бојо, што е во ред, но посебно инсистираше и неговата фотографија да се појави на насловната страница од весникот. Тој ме допира по рамото, малку панично вели: Немој веќе да отвораш македонски теми, гледаш колку се тресе авионов, ќе завршиме во морето.

Десетина минути молчиме сите патници, затоа што навлегуваме во претерано немирниот тропски простор на Австралија. Кепец помодрува, си ја запетлува кошулата, го крие ликот на својот идол. Потоа ми се жали: Последниве две години не сум активен во Задграничниот комитет на вемерето. Сега во Мелбурн немам пријатели, никој не ме препозна ни во Лајло, ни во Томастаун, ни во Епинг. Се шегувам: Откако си ја бојадисал косата, што можеш да очекуваш? И во Мулулаба нема со кого да бистрам политика, продолжува Кепец. Одам понекогаш во Марочидор и во Саншајн Плаза, се загледувам во секого надевајќи се дека ќе препознам некој нашинец, но попусто. Сакал не сакал, навраќам и во Кавана Вотерс и во Каландра кај Србите што продаваат скара и по цел ден бистрат политика. Затоа размислувам сепак да се вратам во Мелбурн. Но сакаш верувај, сакаш не верувај, болен сум за Македонија. Го провоцирам: Се плашиш дека ќе ја изгубите власта? Тој филм комуњарите нема да го видат, брзо одговара Болниот Кепец. Го прашувам: Зошто си толку сигурен? И Зоран Заев е наш амбициозен политичар, плус со успешна биографија. Соговорникот одговара самоуверено: Ние власта не ја даваме, ако мора и крв ќе пролееме. Можеби тој човек пак ќе го вратиме во зандана, завршува Кепец и од лутина целиот поцрвенува. Го прашувам: Се сеќаваш кој ве поддржуваше вас пред 2006 година, кога бевте во опозиција? Кепец, кој во тоа време ме молеше да му ги објавувам соопштенијата на Задграничниот, што најпрво требаше да ги описменам, се фали дека не пропуштил ниедно издание цели 27 години, признава: Македонските весници во Австралија секогаш биле за демократија.

По слетувањето во Марочидор Болниот Кепец си го зема куферот од подвижната лента, ми пристапува и вели: Па дојди кај мене на кафе. Ќе се увериш дека си ги купувам и си ги чувам сите броеви од весниците. Го прашувам: Каде точно живееш? Тој ми ја дава адресата, објаснува: Куќата ми е меѓу две патишта на кои им претстои големо проширување. Одвај чекам да ги земам тие убави пари и да му ја спраштам за Македонија. Се интересирам: И каде ќе се укотвиш потоа? Во Битола, каде на друго место. Сакам да видам и да бидам виден, објаснува Кепец или Ѓорѓи Торбата, како што го нарекуваат таму на Баиро. Го провоцирам: А како ќе ја маскираш тетоважата на градите ако се смени власта? Тој вели: Ќе им пркосам на сите, нека го гледаат ликот на опозиционерот Никола Груевски на моите гради. Го тапkам по рамото: Сега ти верувам дека редовно ги читаш македонските весници во Австралија. Тие ќе те поддржуваат и тебе, но и твојот идол Никола Груевски, кој тогаш нема да биде аздисан од власта како сега, туку жеден за власт. Како и минатиот пат, во далечната 2006 година, му нагласувам. Болен Кепец се фаќа на јадицата, и прашува: Мислиш предолго ја држиме власта? Му одговарам смирено: Гласачите ќе оценат, но ако ме прашуваш мене приватно, од 2008 година наваму, вие систематски ја уништувате Македонија. Ќе имате големи проблеми да го објасните енормното задолжување, замолчувањето на интелигенцијата и особено прекројувањето на историјата.

Кепец си заминува со наведната глава. Но истата вечер ме пронаоѓа на една карпа пред ресортот Мантра, и бара да го продолжиме разговорот. Како некој итрец, вели: Уста те болела, не ми кажа кога третпат сум те насамарил? Го потсетувам лека полека: Летото 2011 година ми се јави по телефон и ме извести дека во Мелбурн пристигнала делегација од Македонија на чело со благонадежниот Спиро Ристовски, идниот министер на Груевски, која ќе ги проверува гласачките списоци од дијаспората. Молеше да му посветиме внимание, по можност да направиме интервју со него. И по третпат желбата ти беше исполнета, веројатно за првпат тогаш Спиро Ристовски се најде на насловната страна од еден весник што се продава ширум Австралија. Болниот Кепец признава: Уста те болела, така и се случи. Што има лошо во тоа? Полека му објаснувам: Дали на демонстрацијата во 2008 излегоа повеќе од дваесет илјади Македонци? Кепец искрено одговара: Така беше. Продолжувам да го прашувам: Дали екипата што ја предводеше Спиро Ристовски избра само 400 подобни гласачи од целиот Мелбурн што е колку две ипол Македонии? Кепец вели: Од фактите нема бегање. Ветерот од океанот бучи низ карпата, моите зборови ѕвонат во ушите на Кепец: И што напишавме ние во двата неделни весника? Дека за ваков криминал Спиро или некој до него во Австралија би лежел во затвор најмалку десет години, без право на помилување. Но што се случи по два дена од гласањето? Ми се јави по телефон лично ти, драги Ѓорѓија, и ми се закани дека треба да внимавам што се пишува во весниците, ако не сакам да ме лустрирате. Така ли беше, го прашувам загледан во сините води преку неговите рамена.

Болниот Кепец, сега пасивен член на Задграничниот комитет, клекнува посрамен, фрла камчиња во водата, му е непријатно да ме погледне. Иако близу три децении се воспитувал на моите весници, се фалел дека ги прочитал сите илјада мои колумни, не знае како да го продолжи разговорот. Најпосле се исправа, прашува: Значи ли ова дека нема да ми дојдеш на гости? Кога се пофалив пред мојата Трена со кого сум патувал, таа стана од креветот, многу се израдува. Го допрев по рамото: Коректни ли се нашите весници кон твојата забегана партија? Тој одговара како од пушка: Навистина се коректни. Му ја подавам раката: Ако е така, оди извести ја Трена дека ќе имате гостин во куќата. Болен Кепец или Ѓорѓи Торбата брза низ тревата, но пред да ја мине улицата се врти накај карпата и вика: Уста те болела, нема играње со тебе. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.