Билјана Данова од Неготино благодарение на „Фејсбук” ги пронајде своите внуки

Врските се прекинале по некое време откако полусестрата и починала на Косово, а нејзиниот сопруг и ќерките заминале по подобар живот во Германија.

– Целата приказна всушност се врти околу 16 годишната девојка Велика која се вљубила во Албанец од Косово кој работел на мост во Неготинско. И покрај противењето на таткото и ќотекот што го добивала како казна за недозволената љубов, таа заминала бегалка. Разочараниот татко тогаш револтот почнал да го изразува кон нејзината мајка. Мајката решила да го напушти сопругот заради малтретирањето. Подоцна се премажила и од вториот брак сум се родила јас, започна да ни раскажува Билјана.

Велика и нејзиниот сопруг почнале да доаѓаат со своите деца на гости во неготинско Пепелиште кај што живеела тогаш мајка и. Но, за жал на само 33 години заболела од рак и починала. Нејзините се преселиле во Германија. Поради сменети адреси врската меѓу двете семејства се прекинала.

Ќерката на Билјана, Елена која студира новинарство пред околу три месеци направи вистинска потрага по роднините на интернет. Единствените 4 фотографии кои ги имале од роднините го обиколија светот.

– Моите пријатели албанци ми го преведоа „фејсбук огласот” на албански. Постојано додавав за пријатели на социјалната мрежа луѓе со слични или исти идентитети како моите роднини кои никогаш во животот ги немав видено. Најпосле ги најдов. Се видовме и се слушнавме на скајп. Беше толку шокантно, сите плачевме. Сега редовно контактираме. Ретко кој од нив знае српско-хрватски од школувањето на Косово, со помладите комуницираме на англиски. Но и моите братучетки запаметиле по нешто македонски, не заборавиле се. А и ние се трудиме да научиме по некој збор на албански, вели Елена. Ќерките на Велика сега се омажени и имаат свои фамилии во Германија.

– Спомените за овој крај никогаш не исчезнале од нивните мисли. Тие и денес со восхит зборуваат за деновите поминати покрај реката Вардар, за пешачењето од автобуската станица во Неготино до Пепелиште,открива Билјана.

На Данови им е најмногу криво само што мајка и на Велика не успеала да ги види внуците од Велика последен пат пред да умре. А толку многу копнеела по таа средба.

– И сега живееме во општество преполно со омраза, стереотипи, предрасуди, многу е важно што ќе речат комшиите. Но, во тоа време било уште полошо. Ако некоја девојка се омажела за Албанец, цела фамилија била во голем срам. Тешки денови биле тоа за мојата полусестра и за мајка ми. Среќна сум што сите ние можеме да заборавиме на проблемите од минатото и конечно да се свртиме кон иднината, ни рече Билјана Данова.

Извор А1ОН

Leave a Reply

Your email address will not be published.