“Бегалка” на кавадаречката театарска сцена

Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, во вторник, на 28 јануари 2014, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата “Бегалка“, по текст на Васил Иљоски, а во адаптација и режија на Александар Малинков.

По подолго време на репертоарот на кавадаречкиот Театар премиерно се поставува битова драма, нешто кое според најавата, предвидено е во иднина да се случува еднаш годишно, како дел од програмските активности кои на кавадаречката театарска сцена носат по три – четири автентични претстави по сезона.

Бројната актерска екипа која ја носи претставата е составена од искусни, но и млади актери – аматери, докажани во последните години во повеќе театарски изведби. Во “Бегалка“ играат: Душица Настова, Диме Боцев, Љупчо Настов, Милица Гочевска, Никола Деков, Коле Колев, Зорица Ташева, Снежана Карова, Валентина Ѓорѓиева, Елизабета Златева, Видан Станоев, Бранко Најдов, Диме Коцевски, Љупче Шошев, Александар Малинков, Зоран Станоев и Даниел Уневски. Уметничката подршка (избор на музика, светло, плакат, сценски елементи) е на Марјан Тодоровски и Билјана Соколова, а техничката (сценска работа, суфлерај) на Диме Наумчев и Игор Димовски.

Веќе од четврток, 30 јануари 2014, со првата реприза, “Бегалка“ е на редовниот репертоар на Театарот при Домот на културата, на радост на љубителите на драмската уметност. Предвидено е претставата да гостува и на сцените во други градови низ Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.