Беа страшни властодршци, станаа гротескни фигури

Разговарал Сашо Кокаланов

Едно од ретките прашања по кое речиси и да нема поделеност во моментов во Македонија по политичка или која било друга основа е дека земјата се наоѓа во длабока криза. Разликите се во поглед на генезата на таа криза: критичарите на власта сметаат дека Владата ја укина демократијата во Македонија и ги девалвира сите државни институции поистоветувајќи ја државата со партијата, додека владејачката гарнитура промовира став дека опозицијата заедно со сили од странство се обидува да ја разнебити земјата. На вакви и други прашања разговараме со професорот, режисер и граѓански активист Владимир Милчин, кој како директор не Фондацијата отворено општество Македонија е еден од најгласните критичари на режимот и еден од најнапаѓаните јавни личности од режимската пропагандна машинерија.

Професоре, може ли да аргументирате Ваш став како е генерирана кризата што се заканува да ја загрози стабилноста, па и иднината на земјава?

– Кризата не е ни од денес ни од вчера. Таа почна оној декември кога власта се дрзна насилно да ги набрка од парламентот пратениците и новинарите. Денес зборот криза ми се чини премногу благ и несоодветен за она што го живееме. Бандата опиена од моќта што не ја заслужува, нѐ довлечка до работ на бездната. Тие божемни патриоти го посеаја семето на отровот со кој се одржуваат на власт. А зад нив се влечка глутница клиенти, кои врескаат и повикуваат на одбрана на Македонија од некакви неидентификувани „странски сили“, а всушност си ги бранат своите незаслужени привилегии, кариери, фотелји, плати и што ли уште не. Со своето врескање, клиентите се мачат да го пренасочат или барем да го придушат револтот што изби поради убивањето на слободите, правата и животите на граѓаните на Македонија. Но, гневот не стивнува, расте од ден на ден. Она што го слушаме од разговорите на фамилијата и началниците смрди на простотилак и гнасотилак, садизам, елементарен недостиг на човечност кај оние што до вчера управуваа со нашите животи. Тоа предизвикува мачнина и згаденост, а од нив се роди мајтапот. До вчера страшни, властодршците денес станаа гротескни, ситни фигури. Власта и нејзините мегафони се тетерават, што не значи дека веќе не се опасни. Осамени се. Нивните лаги звучат неуверливо и дома и во странство.

Со драмски речник, кога и како очекувате да заврши заплетот во оваа драма и да почне расплетот?

– Заплетот не е завршен. Но близу сме до кулминацијата, а потоа ќе следи расплетот. Оваа драма се издолжи и поради тоа што по оној декември меѓународниот фактор замижа и изнуди враќање на опозицијата во парламентот. Замижа и кога договорот што го издиктира беше прогласен за тоалетна хартија. Власта си помисли дека може да прави како што ќе ѝ ќефне и најпосле се соочи со повеќе фронтови.

БРИСЕЛ НЕ ПОСАКУВА УКРАИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Дали сметате дека до излезот може да се дојде во рамките на институциите на системот и без асистенција на меѓународниот фактор?

– Во кој систем и во кои институции? Во Македонија такви нема. Во киднапирана држава има само киднапирани институции. И тоа веќе не е тајна. Влијателните медиуми на Запад веќе не ја игнорираат нашата драма. Ако ЕУ не преговара за фундаменталните права, владеењето на правото и слободата на говорот, тогаш не може да го бара тоа ни од нашата опозиција. Меѓународниот фактор ќе мора да ја притисне власта која произведе толкав гнев. Хистеријата дека Брисел ја турка Македонија во украинско сценарио е само хистерија на оние што божем ја бранат Македонија, а всушност ја бранат власта. Сите досегашни потези на Брисел покажуваат дека ЕУ не посакува Украина во Македонија.

Има ли, според Вас, опасност од посериозен граѓански судир. Некои аналитичари предупредуваат дека Македонија се наоѓа во црвена или портокалова зона на опасност од граѓанска војна. Колку е сето тоа реално?

– А кој тоа би посакувал граѓанска војна? Колку што гледам, само мегафоните на власта повикуваат на пресметки, ликвидации, финално решение со истребување на „предавниците“, „петоколонашите“ и да не редам понатаму. А кој има средства за вооружена пресметка? Владејачката партија. Дали таа ни порачува дека е подготвена и на тоа?

„Бомбите“ на опозицијата, барем така е најавено, би можеле да ги тангираат и меѓуетничките односи во земјата. Иако, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ функционира речиси совршено кога станува збор за поделба на колачот, сепак таа хармонија не постои на терен. Напротив, тие честопати, за да си го зацврстат влијанието во сопствениот електорат, им продаваат на граѓаните национализам, некогаш дури и националшовинизам. Дали гледаме опасност од етнички тензии, можеби и намерно предизвикани за да се тргне вниманието од аферата?

– Протестите покажаа дека граѓаните, Македонците и Албанците, веќе не се подготвени да се постројат во етнички табори на повикот на бојните труби. На Ахмети тоа му е јасно и затоа пишува писма. И на Грујо му е јасно, затоа го организира оној оперетски карван од автобуси кои развезуваат „бранители“ од невидливата и неидентификуваната закана.

Сметате ли дека и со евентуална промена на власта, општеството може брзо да се врати во некаква нормалност, или тоа ќе биде долгорочен процес?

– Деветгодишното владеење на режимот Груевски-Ахмети произведе многу урнатини што ќе треба да се расчистат, општеството ќе треба да се деконтаминира од отровите на популизмот, институциите ќе треба да се обноват, гнездата на груевистичката инквизиција да се растурат, политичките затвореници да се ослободат, правосудството да се департизира, украденото ќе треба да се врати… Подвизи поголеми од деветте митски подвизи на Херкул, кои кулминирале со чистењето на шталите на кралот Авгиј од лепешките. Нормалноста нема да се врати преку ноќ, но надежта несомнено ќе се обнови. Стравот дека оваа власт не може да падне, ќе исчезне.

Дали европскaта интеграција за Македонија e приказна што може да се обнови, со оглед на тоа што освен проблемот поврзан со името на земјата, сега имаме и други проблеми што треба да ги решаваме, а се поврзани со функционирањето на демократијата?

– Обновата на демократијата, враќањето на владеењето на правото и слободата на говорот можат да одат чекор пред решавањето на проблемот со името. Враќањето на демократијата, правото и слободите ќе ги зајакне позициите на Македонија. Крајот на антиквизацијата ќе ни ги врати пријателите и поддржувачите.

Вие сте практично на заминување од функцијата извршен директор на ФООМ, зашто од 1 јули најавивте дека одите во пензија. На тоа место сте од 1992 година, што значи цели 23 години. Можете ли да направите споредба на Македонија во 1992 и во 2015 година во поглед на општествените сфери во кои делува Фондацијата? Дали ќе се согласите дека Македонија наместо да оди напред, назадуваше во многу процеси во овој период и дали тоа го доживувате и како Ваш личен пораз?

– Отворено општество е она општество кое може да се поправа. Во изминативе неколку години имаше моменти кога ми се чинеше дека Македонија веќе не може да се поправи и дека дефинитивно станала затворено општество. Најпоразно ми се чинеше тоа што т.н. елити или не ја препознаваа или се правеа дека не ја препознаваат насоката по која се движи Македонија. Не гледаа или се правеа дека не гледаат дека сме влегле во ќорсокак, во оксиморонот што се вика „нелиберална демократија“. Во 1992 година пред нас имаше иднина иако се соочивме со ембарго на север и со затворена граница на југ. Тогаш Фондацијата имаше неколку големи хуманитарни програми. Потоа доминираа проекти што ја премостуваа изолацијата. Па плурализмот во медиумите… Фондацијата одговараше на предизвиците. Но ниту една фондација не може да ги спречи ретроградните процеси кога зад нив стојат политички партии што ја злоупотребуваат демократијата за воспоставување апсолутна моќ. Тогаш фондацијата мора да се насочи кон намалување на штетите и поддршка на островцата на отпорот. Личниот пораз не го чувствувам како директор на ФООМ, туку како граѓанин на Македонија и како интелектуалец.

ЛУЃЕ ШТО СМЕ ГИ ПОДДРЖУВАЛЕ, СЕ ПОКАЖАА КАКО НАШИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Ако Ве прашам за оценка на овој четврт век работа на ФООМ, се надевам нема во стилот на премиерот Никола Груевски да почнете да ни набројувате што сѐ било остварено. Може ли да добиеме една Ваша објективна оценка каде Фондацијата постигна резултати што Ве задоволуваат, а во кој домен сметате дека потрошените пари не ги дале очекуваните резултати?

– Не знам дали јас сум тој што може да даде објективна оцена и се разбира дека немам намера да ви ги набројувам успесите. Фондацијата беше посветена на својата мисија и кога грешеше и кога отвораше перспективи. Патем, отворено општество е она во кое грешките се легитимни доколку тие што грешат, признаваат дека згрешиле. Ако не дадеш, ќе згрешиш, но и ако дадеш, ќе згрешиш. Некои „пријатели“ на отвореното општество подоцна се покажаа како негови непријатели. Но тоа повеќе зборува за нив отколку за Фондацијата.

Многумина Ви забележуваат дека во поддршката на граѓански и медиумски проекти и иницијативи сте се воделе од личните релации со луѓето, а не од објективниот квалитет на проектите?

– Велија и не го познавав кога беше поддржан стартот на телевизијата А1. Одвај ги познавав и Героски, Дамовски и Јовановски кога беше поддржан стартот на „Дневник“. Уште помалку го познавав Ратко (мислам, Димитровски беше) кога беше купена ротацијата за печатницата „Европа 92“ во Кочани. Години потоа, на А1 не смееше ни да се покаже мојот лик, а во „Дневник“ беа објавени некои од најгнасните напади против мене. Кога Велија, А1 и трите весници од Перо Наков бб станаа мета на режимот, ФООМ ги помогна весниците. Истото го направи и кога „Фокус“ падна во немилост, иако „Фокус“ водеше две кампањи против ФООМ и против мене лично.

Дали медиумската слика на Македонија можеше да изгледа поинаку?

– Се разбира дека можеше. Пред крајот на деведесеттите години на минатиот век се чинеше дека плурализмот во медиумите е достигнат еднаш засекогаш и дека никој веќе не може да ја поништи таа вредност, без која не може да се зборува за демократија. За жал, се покажа дека нема вредност што не може да биде згазена под налетот на јуришниците кои не беа идентификувани на време.

Би сакал да Ве прашам и за уште една слика што е создадена во сите изминати години откога Фондацијата на Џорџ Сорос е во Македонија, имено, дека многу поангажирано и поагилно сте функционирале кога на власт е десницата, а за време на владеењето на левицата сте биле инхибирани барем во поглед на општествената критика. Дали сметате дека ова е вистина или го припишувате на пропагандата што ја следи ФООМ од стартот до денес?

– Одговорот е многу едноставен. Десницата ги соголи границите со тоа што го призна Тајван. Десницата беше на власт кога проговори оружјето во 2001 година. Десницата е на власт денес кога Македонија речиси клапна пред новокомпонираните десничари. Не дека левицата е безгрешна, но десницата го доведе во прашање опстанокот на Македонија. И не еднаш.

Кога сме кај пропагандата, Вие во тој поглед бевте и сѐ уште сте една од главните мети на ВМРО-ДПМНЕ. Речиси и да нема соопштение на најголемата владејачка партија, а да не се спомнат Милчин или Сорос. Дури се зборуваше дека во текот на овие 23 години имало директни обиди од челниците на оваа партија да влијаат на Ваша смена од позицијата. Колку одбраната од овие атаци Ве дефокусира од мисијата што ја има извршниот директор на ФОО?

– Извршниот директор нема мисија, мисија има Фондацијата. А Фондацијата нема мисија да биде „во љубов“ со непријателите на отвореното општество. Секој што претендира дека ја поседува апсолутната вистина и дека е обдарен со безгрешност е непријател на отвореното општество. И непријател на сопствениот народ и сопствената земја. Морам да признаам дека непријателските лажливи кампањи против Сорос лично, против ФООМ и против мене лично, одвреме-навреме ме иритираат, но тие, всушност, претставуваат потврда дека сме на вистинскиот пат.

Кулминација на притисокот врз Вас беше лустрацијата. Како го доживеавте прогласувањето за кодош и дали сметате дека тоа ќе остане како црна дамка во Вашата кариера или очекувате да се случи обратен процес – поништување на лустрацијата во оние случаи кога ќе се утврди дека била политички мотивирана и „режирана“ и рехабилитација на жртвите на овој режим?

– Лустрацијата наложена од Груевски, а спроведена од претседателот без мандат, денес ми се чини како почест. Нејзината цел беше моето отстранување од ФООМ, но планот потфрли. Сепак, со оглед на тоа дека во лустрацијата паднаа многу жртви, меѓу нив и веќе починати, не можам да се помирам со тоа дека ниту опозицијата ниту повеќето медиуми не ја забележаа стапицата што ја подготви ВМРО-ДПМНЕ. Капитулираа пред гилотината што (им) ја подготви власта. Но, оваа срамна епизода не е завршена. Убеден сум дека кога правото и правдата ќе се вратат во Македонија, ќе се обелодени вистината за тоа кои биле кодоши, а кои биле жртви. Имам и јас што да кажам за тоа. И не само за мојот случај. Трагите за манипулациите со досиејата, местењата и прикривањата не можат да се избришат.

ЗЛОСТОРСТВАТА НЕ СМЕАТ ДА ОСТАНАТ НЕКАЗНЕТИ

Со оглед на тоа што во Македонија има и политички затвореници, барем според констатациите на сите релевантни меѓународни инстанци, рехабилитацијата на жртвите на режимот се чини ќе биде нужна еден момент за да се врати општеството во нормала. Злоделата родија и многу омраза кај жртвите, која утре може да прерасне во реваншизам. Иако, најверојатно нема да бидете на ова место кога тоа ќе стапи на сцена, како сметате дека може да се избегне таа спирала на политичко насилство и постојана поделба и омраза?

– Омразата не може и не смее да ја замени казната. Но злосторствата не смеат да останат неказнети. Ако останат неказнети, ќе станат повторливи. Апетитите за апсолутна моќ може одново да се размавнат, а Македонија не може да го издржи тоа уште еднаш. Во светот има модели за тоа како се справува со минатото без одмазда. Во ситуации на државен терор или во ситуации кога правосудството ѝ служело на власта, а не на правдата.

ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА ФОНДАЦИЈАТА ЗАВИСИ ОД СОСТОЈБИТЕ ВО ЗЕМЈАТА, НЕ ОД ДИРЕКТОРОТ

Кога ќе биде познат Вашиот наследник во ФООМ и дали очекувате тоа да биде личност што на некој начин ќе биде континуитет на тоа што Вие го работевте, или сметате дека Фондацијата ќе го искористи овој момент за да заврти нова страница во Македонија? Дали очекувате крупни промени во дискурсот на ФООМ?

– Јас не учествувам во изборот на новиот извршен директор токму затоа што мислам дека тој не треба биде мој наследник. Стратегијата на ФООМ ја утврдува Управниот одбор. Извршниот директор учествува во нејзиното формулирање, но неговата примарна задача е да го обезбеди нејзиното остварување. Во овој миг се спроведува стратегијата за периодот 2014-2017 година и таа ќе остане на сила доколку не се случат големи промени во Македонија. Стратегијата за периодот 2018-2021 година ќе се дефинира пролетта 2017 година. Се надевам во поповолни околности. Со еден збор, дејствувањето на Фондацијата зависи, пред сѐ, од состојбите во земјата, а не од директорот.

ЌЕ ГИ СТАВАМ НА ХАРТИЈА СПОМЕНИТЕ ПРЕД ДА ИЗБЛЕДАТ

Како планира Владимир Милчин да ги поминува пензионерските денови? Претпоставувам дека од театарот не планирате никогаш да се пензионирате?

– Пензионирањето од театарот не зависи од возраста туку од тоа дали режисерот има потреба да соопшти нешто и дали умее да го соопшти тоа така што ќе придобие неколку актери за својата идеја за тоа што и како да се соопшти тоа. Последната моја претстава, „Нашиот клас“ во Театарот за деца и младинци, како процес и како резултат, ни донесе многу среќа и мене и на целата екипа. И многу возбудени и потресени гледачи. Планирам да почнам да ги ставам на хартија моите спомени, театарски, семејни и општествени. Пред да избледат под бремето на годините. И, се разбира, мојата активност во Платформата за граѓанска политика „Ајде!“ нема да заврши со моето заминување од Фондацијата. Однапред се радувам на книгите што ме чекаат да ги прочитам и на дружењето со внукот Илија Милчин.

 

Извор СЛОБОДЕНПЕЧАТ

Leave a Reply

Your email address will not be published.