Дружба на кавадарчани со баскет три-на-три, заокружување на еден успешно реализиран проект

Утре (вторник) 30.12.2014 со почеток во 12.00 часот во Спортската сала “Јасмин” во Кавадарци ќе се одржи мини-турнир во баскет три-на-три како последна акција и заокружување на проектот “Кошаркарските терени се за спорт и рекреација а не за узурпација од автошколите”.

Проектот реализиран од здружението на граѓани “ПРОЕКТ-ЕУ” од Кавадарци траеше 6 месеци со цел да се врати првичната и основна намена на кошаркарските терени при спортската сала “Jасмин” – простор за рекреација и спорт. Станува збор за јавен простор наменет за спорт и рекреација кој веќе повеќе години наназад се користи како прилагоден полигон за вежба на идните возачи, па поради тоа целосно ја губи првичната намена во корист на граѓаните.

Преку повеќе акции и отворени дебати со граѓаните но и со претставници на локалната самоуправа Кавадарци, особено со советниците при Советот на град Кавадарци, “ПРОЕКТ-ЕУ” успеа да обезбеди поддршка, и преку амандман да издејствува проектот за изградба на соодветен полигон да биде дел од урбанистичкото планирање на градот за наредната година. Со ова автошколите би добиле простор за работа и би се дислоцирале од кошаркарските терени, кои пак би ја вратиле својата основна намена на граѓаните.

Отворениот турнир во баскет кој ќе се одржи утре е заокружување и комплетирање на проектот. “ПРОЕКТ-ЕУ” ве поканува било како учесници или пак гости да дојдете да се дружиме и забавуваме.

Leave a Reply

Your email address will not be published.