Балканска улица

Корените на употребата на зборот „улица“ како метафора за јавното мнение датира уште од 1930 година, кога прв пат е употребена од страна на Виндхам Луис за да ја опише Хитлеровата „умешност за контрола на улицата“. Во почетокот на 1950-тите години весниците од арапскиот свет ја прифатија како синоним, за подоцна да биде пошироко прифатена и од западните медиуми.

Сепак, иако навидум со споделена цел за опис на мнението на обичните луѓе во авторитарните режими, употребата на таа метафора имаше различни контекстуален геополитички поттекст. За разлика од арапските весници кои ја употребуваа за опишување на позитивното критичко мнение кон службените владини политики, за западните медиуми „арапската улица“ подразбираше синоним за насилство, ирационалност и примитивност. Воедно, за разлика од арапските медиуми кои таа кованица ја употребуваа и во описот на мненијата во неарапскиот свет („француска улица“, „американска улица“, „израелска улица“), западниот печат ја употребуваше строго наменски во корелација со арапската политичка сцена.

Првичната и површна анализа за таквата намерно конструирана негативна стереотипизација на арапскиот свет од страна на западниот печат неминовно би употребила аргументи базирани врз колонијалниот менталитет, религиските предрасуди и цивилизациските разлики. Но, длабочинското промислување засновано врз привремено политичкиот контекст укажува на различни мотиви за погрдната употреба на таа метафора од страна на западниот „слободен“ печат. И ја става во директна корелација со една друга улица – таканаречената „К-стрит“ во Вашингтон, во 1980-тите години позната како седиште на разни лобистички, тинк-тенк и адвокатски канцеларии, поради што со времето стана метафора за лоби-индустријата на САД. Чие влијание и репутација во голем дел се има изградено токму врз соработката со автократите и диктаторите од арапскиот богат свет, кои со своите петро-долари го одржуваа имиџот на „западноориентирани партнери“, загрозени од „ретроградните елементи“. Со други зборови, иако пренесена низ западниот печат, негативната стереотипизација на „арапската улица“, за жал, е резултат на успешна негативна ПР маркетинг-кампања платена од самите богати арапски владетели за оцрнување на политичките ривали и дефокусирање од легитимните обвинувања за корупција и насилство врз неистомислениците. Во секој случај, времето и’ даде за право на „арапската улица“ да ја дочека својата „арапска пролет“ и во голем дел ги демантира злонамерните епитети кои и’ беа накачени од домашните деспотии и надворешните воено-политички стратегиски интереси.

Тековните случувања во нашиот регион, пак, не’ принудуваат да се запрашаме дали сме сведоци на раѓањето на нашата „балканска улица“, почнувајќи од плоштадот Таксим, па низ улиците на Софија, Атина, Скопје, Приштина, Белград, Сараево, па се’ до предградијата на Љубљана. Низ која се’ повеќе се излива бесот на различни општествени групи, сплотени и слеани во река на револт против владеењето на криминалот, корупцијата, непотизмот на домашните власти инаугурирани низ популизам, манипулација и – најблаго речено – сомнителни избори и одржувани преку масовна злоупотреба на медиумите, безбедносните аспекти и економска уцена на семејствата.

Површен поглед врз двете страни во тековниот судир помеѓу „улицата“ и „канцеларијата“ ја разјаснува и суштината на сегашниот „судир помеѓу цивилизациите“ кој се одвива во регионот. Од една страна, генерација млади, бунтовни, високообразовани, самосвесни луѓе родени во годините на штотуку освоена слобода и демократија, припадници на новоизградената либерална, средна класа, која благодарение на слободата на движење, современото образование и социјалните мрежи се споредува со глобални цивилизациски стандарди наместо локалпатриотски патрдии. Од другата страна, пак, следбениците на фетишот на власта како сила без пардон, поранешни припадници на лумпен-пролетеријатот збеснати од новостекнатото лично богатство и заслепени од неочекуваната социјална факторизација, турбофолк-повторувачи кои својот недостаток на образование го компензираат со демагошки политпатриотски и религиски вокабулар, камуфлирани зад скапо платени медиумски спинови кои ги прикажуваат како „успешни, чесни и пожртвувани синови и ќерки на стара мајка и татко, од твоето преградие“. Од една страна, генерација самосвесни, образовани индивидуалци кои светот го подразбираат како „своја школка“, додека, пак, од друга страна маса луѓе во страв од современото и во паничен обид за одржување на изолацијата како последно засолниште за својата лична неспособност и неукост.

Нема збор дека во овој момент картите и музите на среќата се на страната на сегашните владејачки класи. Но, сцените од „балканската улица“ во раѓање не се епизодни инциденти на незадоволство со краток фитиљ, туку предвесник на драматичните општествени промени базирани врз лично незадоволство и желба за промени кои не можат да се запрат ниту од домашните демагогии или корумпираните западни „К-стрит“ спин-манипулатори, платени за одржување во политички живот на „мамин син“ демократии. Тие промени ќе бидат тест и за кредибилноста на партнерите од САД и од ЕУ и нивните визии за регионот како вистински демократски и слободен дел на цивилизираниот свет или, пак, мимикрија на „мир и демократија“ базирана врз полициска сила, економски терор и идеолошко силување на граѓаните.

Во секој случај, време за размислување има се’ помалку. Пораките од „балканската улица“ јасно укажуваат на стекната свест дека личната слобода е поважна од хартиени ЕУ-стандарди и САД-пофалби.

(Авторот е аналитичар) 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.