Аздисани кадии

А овие нашиве непрокопсаници, овие ѓоамити европски кадии, ќитапи светско право начитани, чколии божем завршени, небаре џелати од Стамбол дојдени, од сарајот беговски или на султанот лично, се размавтале со сабјите и вијат ли вијат, глави новинарски вабат, на трупец ќе ги токмат, црни шарпи преку очи ни врзуваат, ќе нѐ колат, ќе нѐ бесат, ѕрцките ќе ни ги вадат

Македонските кадии вчера мора да ги има удрено дамла, што поради пекот неиздржлив, што поради буната на рајата новинарска пред судот, а башка морале и да си го прекинат раатот и да ги извадат нозете од леѓен, па ги џбурнале перодршките кадиски во мастило од октопод и оп, напишале катиљ-ферман. Па уште телал испратиле на селското гумно да грмне со тапанот и на сиот глас да далдиса: „Чујте и почујте рајо новинарска и челебиска! Чините дикат кого пизмите и кого бербат правите во своите дефтери и ѓоа-газети, кому чаламот му го симнувате и по тарабите што лајна чкрабате, зашто кадиите свилен гајтан ви токмат, сургун ќе ве пратат, море в зандана ќе ѓеберисате, ниту Уџум ќе ве збере, ден-виделина нема да видите – елвида!“

Ај мајката, си велам, што кијамет не збра во оваа пуста европска демократија. Пет века турско заптиите нѐ тормозеа, кајмакамот жените ни ги подземаше за ќеф, момичињата ни ги грабаа и ги армасуваа за фесови, арач им плаќавме, ама в зандана можевме да завршиме само ако пушка берданка земевме в рака и орман ако фатевме за ние нив да ги требиме, а на кол нѐ набиваа само ако глава исечевме аскерска. И ете нѐ, пак живи сме, пак не нѐ сништија. Море, на учените, на очаклените, на ефендиите, иако гемиџии, со бомби што потем креваа банки и кораби во Солун, како Павела Шатев, дури и од зандана ги пуштаа…

А овие нашиве непрокопсаници, овие ѓоамити европски кадии, ќитапи светско право начитани, чколии божем завршени, небаре џелати од Стамбол дојдени, од сарајот беговски или на султанот лично, се размавтале со сабјите и вијат ли вијат, глави новинарски вабат, на трупец ќе ги токмат, црни шарпи преку очи ни врзуваат, ќе нѐ колат, ќе нѐ бесат, ѕрцките ќе ни ги вадат.

Море џабе им се чколиите и дипломите, џабе фес кадиски на глава тутнале, џабе им е уката за правда, кога мастилото им испарило од дефтерите, перодршките со аздислак ги наостриле, умот им се поматил од кувет, од полните чкембиња есап не можат да направат каков што е редот, и згора абер немаат ниту од Устав, ниту од Хатишериф султански. Дудуци се и ич не им чуе оти рајата, каква и да е, дури и најдолна, приземна каква што е новинарската и челебиската, во демократија макар и како младотурската, каде што Јане Сандански ги пеел аџиите, мора да има правдина човечка за уста да се отвори, на сокак да може да се излезе и да им се стрешти ним или на нивните патрони: гниди непрокопсани, вошки подопашнички, ’рѓи ’рѓосани! Море угурсузи, море ајвани, море арамѕадиња, море дерјадиња дерјадосани, пичлемиња и згала! Да ти се збурбати од што се аздисани и сиктер да ги отераш. Џенем да фатат!

Чаре? Мора да има, си велам, зашто нема белки да чекаме уште пет века да нѐ жежат, како што ни ја дерат кожата овие дваесетина години. Нека не си го мамат умот оти само на ферман може да се вадат.
Ете затоа думам оти е време еснафот чаламџиски да им се скуси, зашто може нам да ни оглувее семето. Толку одвеале во аздисот, толку далдисале по Европа и по демократијата независна кадиска, што некој мора да им каже – доста е, прекардашивте! Некој мора да ве врзе за узда како на атпазар.

Ама кој да биде тој некој? Зашто, Алах ми е сведок, знам оти тие мајтап си играат и со првиот заптија, со мудурот на уќуматот, со башбаканот на уриетот… Море си играат дрндупка и со Јанкуловска, и со Груевски, и со Иванов… Знам оти нив ги фермаат уште помалку од нас – челебиите, газетџиите. Ние, барем, можеме да свиткаме табак и да им го истуриме комињето во суратот. А кутрите политичари? Тие немаат каде ниту да зуцнат, ниту да гркнат.

Еве, на пример, првата заптијка Јанкуловска, збор не можеше да изусти, море ава не можеше да земе, зашто устата ѝ ја зачепи онаа кадијка Гешковска, кога даваа отчет кадиите за истрагата на арабаџискиот кијамет во кој загина Младенов.

Толку кадиите ја имаат земено под нозе власта, што никој уста не може да отвори, глас не може да крене ниту кога првите кардаши и пајташи в домашна апсана им ги ставаат, како Паскота Кузман, де. Само солза може да сронат и сус, кадиите ќе пресечат дали Паско е за прдекана или за сабја и за црна шарпа преку очи. Море како кинисале, на кол ќе почнат да ги набиваат и војводите вмровски!

Но јас пак си велам, има галиба душа комитска останато што крепи кај овие ѓоамити на власт, има белки срце поголемо од лешник кај војводите, има ербап маж со мадиња, има безбели тамам гемиџии во уќуматот да се кренат против кадиите!? Па нели се сердари?

Знам оти битката може да им биде нерамна. Во уќуматот се само една чета комити, а кадии има во осилакот рој. Зујат ли зујат, брмчат ли брмчат… Згора, куршуми имаат кадиите за пукање, еееј! Сѐ им стои ачик и сѐ им е на колај – закон, устав, фермани, и заштитен сведок ќе најдат ако е зорт. Ма можат да се распашаат како аги на полјана и глави комитски и уќуматски да сечат и в торба да ги редат.

Ама, тоа е касметот комитски. Таки Даскалот, тики рахмет да имат, ја доживеа истата судбина. „Бомби стрештеја, пушки згрмеја, крвава почна борба нерамна…“ Живи во уќуматот не смеат да се дадат. Ако има ихтијач, самите крвта ќе си ја пролеат. Ама кадиите некој мора да ги скурдепса. Време е.

ПС. Поради многу шпекулации што се појавија во јавноста, како и во врска со фамозната прес-конференција на претставници на надлежните органи – судот, обвинителството, полицијата, на јавноста (поради отсуство) ѝ должам објаснување за вистината за белешките од патарините што ги пронајде новинарски тим на „Нова Македонија“.

Веднаш откако ги пронајдовме на местото на несреќата, белешките од патарините јас самиот им ги понудив на претставници на највисоките органи на власта уште пред да ги објавиме во „Нова Македонија“. Не сакаа да ги земат. Претставниците на полицијата исто така не сакаа официјално да им ги предадеме во полициска станица, но затоа, пак, униформирани полицајци дојдоа во редакцијата на „Нова Македонија“, каде што им ги предадовме. За тоа подоцна ги информирав лично и во судот, од каде што ми побараа да им го кажам идентитетот на полицајците!? Брзо сфатив оти идејата на судот и на полицијата е да ги казнат полицајците што комуницирале со нашите новинари, зашто тие беа изворот на информацијата што ја објавивме во врска со однесувањето на истражниот судија за време на увидот на трагичната несреќа.

Значи, истрагата ги има белешките од патарините! Но еве, да претпоставиме и дека ги нема, дека полицајците на кои им ги предадовме, не ги доставиле како доказ во материјалот од увидот за несреќата. Белешките од патарините сами по себе не се никаков документ ниту можат да бидат доказ во каква било постапка, зашто на нив нема ниту печат, ниту, пак, ги пронашол официјален полициски тим. За жал, тие се само копии, а оригиналните сметки од патарините се во фискалните каси, односно во котурите со кои располага Управата за јавни приходи за даночни цели.

Но белешките од патарините се само индиција за тоа каде се движел Младенов кобната ноќ. Затоа, ако сакаат органите на прогонот – полицијата и обвинителството да истражуваат, доволно е тоа што нив ги објавивме во „Нова Македонија“. Очигледно, таква истрага ниту полицијата ниту обвинителството немале намера да прават. Затоа најдобро било да соопштат оти патарините ги нема, оти не постојат, дека не сме им ги предале и не знаат ништо за нив. Но патарините постојат. Ги виде целата јавност во „Нова Македонија“. Дали тие имаат некаква вредност во истрагата е друго прашање.

И на крајот, за да нема никакви дилеми. Новинарот Томислав Кежаровски беше дел од тимот што ги пронајде белешките од патарините. Според неговото сведоштво по притворањето, обвинителката што го испрашувала за делото за кое сега е и официјално обвинет, му поставувала и прашања и за текстовите во „Нова Македонија“ во врска со истрагата за несреќата во која загина Младенов. Зошто?

Извор Нова Македонија 

Leave a Reply

Your email address will not be published.