Авторитарниот популизам и Македонија (втор дел)

Да се каже дека некои политичари во демократијата се за „народот“ е банално. Со ова не се кажува дискурзивно ништо што има аналитичка вредност. Она што е важно да се воочи е како популистите го конструираат поимот народ

 

Популистичката позиција „за народот“ и апел „до народот“ за акција (како и формите на директна демократија) е типично идеолошка – имено, таа е порака во соба со ехо – илузивна, симулакрум. Таа апелира на изворност, нулта точка на засновување на суверенитетот (народот) во нешто што самата го конструира и полни со желба. Односот популистички лидер – негов народ е сложена и амбивалентна. Желбата во народот, на која подоцна треба да се покорат демократските институиции, е всушност конструкција на популистичкиот лидер вметната „во – народот“. Народот треба да го посакува интенционално она што му е речено дека треба да го посакува.

 

Овој идеолошки момент во конструирањето на „желбите на народот“, на неговиот суверенитет, е изблик на колективните фантазми. Тој е манупулативен и е прашање на проекција, а, воедно, е најслабата страна на постојните анализи за популизмот. Тие застануваат пред определбата (на традицијата уште oд А. Грамши): дека појавата на популизмот е историски и општествено поврзан со појавата на „органска криза“, која се манифестира со пролиферација, силен пораст на барања кон системот кои тој не може да ги артикулира низ институциите… Што на некој начин сè уште претпоставува изворно незадоволство и создавање на волја кај народот која само се користи и насочува (но не создава) од популистичките лидери. Таа анализа е фалична бидејќи и недостасува посериозно разбирање на реверсниот од на идеолошкото формирање волја и улогата на лидерите во тој процес. Јас ќе предложам едно поинакво гледање кое се потпира на идеите на тројца автори во областа на колективната идеолошка формулација на волја: Мишел Фуко, Ален Бадју и Славој Жижек.

 

Значи, ако појдеме од работната теза дека популизмот е димензија на политичкото кое го конструира и му дава смисла на поимот „народ“, таква каква дотогаш не постола ниту кореспондира со сличен концепт, таа теза се гради врз ставот на Мишел Фуко според кој колективната меморија на народот е предмет на борба за контрола. Контрола врз меморијата на народот и групите е општествена контрола. Постои борба на компетитивни мемории. Преку управувањето со меморијата и одлучувањето за тоа што таа треба да содржи, се детерминира динамизмот на еден народ. Фактите не се никогаш вистински очигледни, тие се посредувани, интерпретирани и се основа на колективистичките мемориски наративи …

 

Оваа теза се појавува како важна од причина што конструктот на меморијата на популизмот, неговата борба својата меморија да ја вметне како имплант, како доминантна во новиот идентитет на својот народ – за тоа како е изгубен суверенитетот во корист на корумпираните елити, како е украден тој суверенитет и како е измамен народот – е токму таква компетитивна меморија, која станува основна политичка алатка. Таа меморија, во случајот на популизмот, воопшто не е меморија туку е конструкт, лажно сеќавање кое е митолошки произволна интерпретација на историјата и симплификација на општествените антагонизми на прилично црно-белиот свет. Во нејзиниот центар се наоѓа фантазма (честа во замислените заедници на народите, Б. Андерсон) преку која се замислува постоење на нулта точка во историјата, каде се засновани современата сувереност и држава (договор за демократијата) конкретниот народ и каде што првично е пренесен суверенитетот на претставничките елити, со што е заснована демократијата.

 

Таа замислена исходишна точка, фантазмата за основниот договор (Ернесто Лакло ја нарекува: празен означувач, популистичката реторика ја претставува како изгубена со измама на елитите и апелира со политичка акција да му биде вратена на народот.

 

Всушност, овој дискурс може да биде и посложен, во една типично лакановска конструкција: имено, кога ќе се изгуби нешто што никогаш не постоело – загубата добива форма на фантазам. Тоа е лакановскиот изгубен објект, „Petit a“, кој е основа на „невозможната желба“ за укинување на секоја субјективност и втопување во холистичкото примарно заедништво на нацијата како ултимативно задоволство. Заедницата потоа жали за загубата, е-во-жалење по изгубеното изворно заедништво (beeing together) и од тој сентимент се ткае политичката плетка. Тоа е хумусот на нејзиниот идентитет: како се гледа себеси, што посакува, кого поддржува, како се бори. Имено, нејзиниот идентитет е повеќе однос кон своите фантазми отколку однос кон рационалното поимање и совладување на светот околу себе. Од тоа се храни и врз тоа гради, политички организирајќи го популизмот како идеологија.

 

Либералите велат дека цена на нашата денешна слобода и ослободување е таа загуба на (фантазмата) почетното единство на нацијата. Но, комунитаристите и популистите секако велат дека таа цена на модерноста е превисока и бараат враќање кон тоа единство на народот.

 

Тоа е моќна порака и мобилизациско кредо, без оглед на тоа што финалното единство на народот е илузија, какво што е и бескласното општество. Сепак, апелот кон него е ефикасен особено во ситуации на општествена криза и проширен колективен егзистенцијален страв (З. Бауман).

 

Во популистичката идеологија „нивниот народ“ е замислен како органско единство. Ставени се на страна поделбите во него, плурализмот во целина и посебно претставничките елити и од власта и од опозицијата – кои се претставени во целост како корумпирана политичка класа. Епицентарот на антагонизмот и судирот со постојното статус кво со тоа е поместен од демократскиот плурализам на ова ново рамниште, помеѓу новиот народ (неговото лидерство) и сите останати.

Секако, одрекувањето на легитимитет на секоја елита на политичката класа, кај популистите се шири и врз економските олигархии, врз интелектуалните кругови по универзитетите и се вообличува онаа нивна особина наречена антиинтелектуализам, често цитирана во историјата.

 

Заклучуваме дека популизмот како идеологија креира нови идентитети и нови колективни желби.

 

Популистите често, ако не и секогаш, ја дефинираат политиката како валкана игра, обидувајќи се да ја преродат или барем прочистат (redemption, purified). Тие ја одбиваат политиката каква е позната до сега и интензивно ја морализираат, заменувајќи го нејзиниот дискурс со морализирање. Намерно велам морализирање, а не етика, морал во политиката, бидејќи тоа е токму тоа: симплифицирани, понекогаш патетични пораки против корупцијата, падот на јавниот морал, разнебитувањето на битието на нацијата, предавството на интелектуалците и сл. – помеѓу „добрите нас“ и „злите нив-другите“, не оставајќи простор за компромис на интереси или други начини на живот, морални стојалишта, супстанцијални за демократскиот плурализам и политика. Користењето на таблоиден речник и општа симплификација во прикажување на односите и политиката е алатка кој треба да создаде слика за директност, блискост со „народниот говор“ и изразува индиректен презир кон јазикот на интелектуалците. Она што е мошне важно да се разбере во успехот на тој „јазичен преврат“ е дека популистичката политика не ги адресира проблемите (не ги решава) туку радикално го редефинира нивниот статус и симболично ги посредува. Моралните означувачи кои ги споменавме како лост на политичките квалификации – дејствуваат поинаку, поубојно, поразорно ако се врамени во политичка реторика која во основа е антагонистичка и конфликтна. Тие создаваат внатрешни граници, нови поделби, т.н. внатрешнa периферија.

 

На тој начин, а како вели Ф. Паниза, популизмот ја разорува границата помеѓу приватното и јавното изложувајќи го јавниот простор, просторот рес-публика на приватните желби, фантазми и стравови.

Оваа констатација ми се чини посебно важна! Тука се одвива вистинската драма на популизмот и неговото целосно потпаѓање под правилата и динамиката на колективната потсвест на народите. Тој го „буди тигарот“ на потсвесното кај народите и станува предводник на духовите на потиснатото и потсвесносто, а воедно и нивен роб.

 

Оваа трансформација на политичкиот дискурс и реторика кон колективните фантазми народот ја доживува, а популизмот ја претставува, како „културна револуција“ и колективна катарза: можете неказнето да мразите, да изразувате отворено ксенофобија, да демонизирате и презирате други култури, да се впуштите во неограничена и некритичка политичка митологија на глорификација на својата нација и сл. Мултикултурализмот, на пример, е означен во тој говор како измама на интелектуалците и наметнат од нив.

Независно дали тоа ново идентитетско единство е споделено врз основа на она што Оскар Рејс го нарекува „нашите мали валкани тајни“ или С. Жижек „забранетото и споделеното само наше колективно уживање во нацијата“ – тоа мора да е наше (наспроти нивното) и мора да биде катарзично празнење наместо делиберативна политика. Нужна консеквенца е морализирање на политиката и во политиката, помеѓу „добрите ние“ и „злите тие“ и агонистичка перпектива на истата (Шантал Моф). Со тоа страда демократијата бидејќи се третира како „игра со сума нула“ и се намалува можноста за демократски компромис и делиберација.

 

Она што меѓутоа е важно и во двата процеса и кое ја одредува силата на популистичката иницијатива (а која нас во текстов нè интересира) е она што Ален Бадју го нарекува синдром на господарот во организирање на политичката акција и колективните мотивациски креда кои ја придвижуваат!

 

Имено, Бадју вели дека масата народ политички се активира и организира преку апел до господарот (лидерот) кој треба да знае што тие сакаат! Популистичкиот лидер, како Барон Минхаузен со патките, треба да ги извлече од мочуриштето . Господарот е оној кој им помага на поединецот и масата да станат субјект-актер. На масата народ и е потребна медијација во ликот на авторитет за напредување на патот на политичка акција и дефинирање на тоа што всушност сакаат од политиката и кои се тие (колективен субјективитет). Бадју смета (и С. Жижек се согласува со тоа) дека не е возможно да се изведе оваа политичка мобилизација без улогата на авторитетот, ниту во еманципациски ниту во популистичко-манипулативен правец. Жижек го бутка овој аргумент понатака велејќи: мислиме дека луѓето знаат што сакаат! Не знаат и што е уште потрагично „не сакаат да знаат “… Потребна е елита преку која народот открива всушност што вистински сака (sic?).

 

Во таа точка лежи силата на популистичката идеологија. Не во содржината на политичката програма која е еклектична, туку во тоа како се пристапува на врската лидер-народ-директна акција, во обликување на политичкиот идентитет на новоконструираниот народ и неговите желби.

 

Жестокоста на кризата упатена кон институциите и неможноста тие да ја впијат, да ја трансформираат во легислативни акции – може на среден рок да исчезне, да се разводни ако не биде преземена од интерпретативната политичка реторика на лидерствата кои градат врз неа, ја засилуваат, ја објаснуваат во историски и вредносни перспективи и конечно ја користат за рушење на власта.

 

Популистичките лидери сметаат дека се во непосредувана врска со нивниот народ и ја пренесуваат нивната волја директно во политиката! Ова Грамши, Лакло или Шантал го нарекува воспоставена хегемонија. Тие себе се претставуваат како внатрешно кохерентни и трансцедентни репрезенти на единствената вистина на народот-како-едно! Популизмот затоа многу зависи од чувството на внатрешна хомогеност – демонизирајки ја хетерогеноста и плурализмот, наспроти кои оваа хомогеност е формирана.

 

Во таа смисла антагонизмот (наспроти нив) е негова клучна политичка алатка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.