Амбасадорските функции преку роднинските канали

Половина од дипломатските претставништва на Македонија во странство наскоро ќе добијат нови шефови, а незначителен број од нив, и покрај медиумската фешта, ќе се најдат во таа улога како резултат на објавениот јавен повик на Владата.

Иако имињата на новите амбасадори се’ уште не се официјализирани, повеќето од назначените 25 на листата се познати, а куриозитет меѓу нив е името на сопругата на актуелниот амбасадор во НАТО во Брисел, Василка Попоска-Треневска. Треневска, која по професија е биостатистичар и со дипломатијата има допирна точка само поради Мартин Треневски, треба да ја преземе амбасадорската палка од сопругот кој е практично пред пензија, а како што се оценува неофицијално, и со службувањето во НАТО многу не се истакна, па неговото повторното именување на оваа функција немаше да има добар одглас во јавноста. Патем, на Мартин Треневски ова му беше трето шефување во странство, по Стокхолм и Отава.

Ова ќе биде уникатен случај во македонската дипломатија на амбасадорска фотелја да се изредат двајца брачни другари, а да биде драмата уште поголема на истата листа се нашле и татко, син и братучед – сите на нова функција во дипломатијата. Имено, како што се дознава, покрај амбасадорот Стојан Карајанов, кој од Приштина ќе замине за Тирана, неговиот син Гоце Карајанов се подготвува за генерален конзул во Њујорк, а братучедот Игор Дуковски само што се вратил од конзулатот во Детроит и, најверојатно, ќе замине за амбасадор во Токио.

Од имињата што не беа објавени, како нови амбасадорски именувања во јавноста се слуша, исто така, дека нов амбасадор во НАТО ќе биде Зоран Дабиќ, кој досега служеше во ОБСЕ во Виена, во ОБСЕ ќе замине Кире Илиоски, за Берлин се слуша името на Ненад Колев, а во Пекинг ќе се саморотира амбасадорот од Москва Илија Исајловски. Она што до скоро беше партизација почнува да наликува на приватизација на дипломатијата откако некои амбасадори добија енормно растегнување на амбасадорските мандати, а повеќето од една амбасада заминуваат во друга, се јавиле или не на владините огласи. Така, Оливер Шамбевски од Пекинг треба да замине за Рим, Веле Трпевски од Тирана во Канбера, Игор Попоски од Љубљана во Хаг, Никола Димитров од Хаг во Москва, во Љубљана ќе замине досегашниот конзул од Солун, Тони Димитровски, Фуад Хасановиќ од Катар ќе замине во Сараево, експретседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Караѓозоска, од Загреб ќе замине за Отава, а Агрон Буџаку си доби уште четири години зацементиран мандат во Париз. Вест е и именувањето на ексминистерот Антонио Милошоски како наследник на ексстјуардесата Караѓозоска во Загреб, како и именувањето на подолг рок на сменетиот вицепремиер Васко Наумовски за најжешката фотелја во Вашингтон. 

Извор Утрински.

Leave a Reply

Your email address will not be published.