Али е ваш

Со денови следам изјави и мислења од опозицијската јавност (македонскиот дел) полни со шокираност, разочарување и пизма за односот на Али Ахмети и ДУИ, пред и посебно после двојните избори.
И како што веќе станува пракса, во голем дел таа разочараност се мултиплицира преку адресирање кон албанците топ-тан, наместо кон самите актери на лицемерниот став на најголемата “албанска” партија. На моменти дури таа разочараност делува како подраматична и од разочараноста во албанската јавност!

 

Очекував дека некој од јавните личности од македонскиот кампус ќе настапи со став по ова прашање, намалувајќи го волумот на викање, и претстави малку поинакво и самокритична гледање на работите.

Елем, чекањето беше залудно, па така – присилен и непрашан – ќе се обидам да да пренесам неколку размислувања, колку за гледање на работите од поинаков аспект.

 

Доколку би иделе “ни по баби ни по стричевима”, пораката би била сумирана во лаконски заклучок за поетската правда која зачука на портите на македонската политичка и интелектуална опозиција, токму од нивниот “партнер од доверба”, како што едно време беше ословуван првиот на интегративците. Што само по себе не е некоја драматична епизода, доколку не би била проследена и со некои други пропратни елементи кои се троа понепријатни за самата опозиција. И датираат од некои дамнешни времиња, кога се садеа семиња на злото и кои сега цветаат во иљада цветој на тикви.

 

И покрај наклонетоста на јавноста за објасненија обвиткани во досијашки, мистериозни побуди на Ахмети за водење на политика на начин на кој ја води, претпочитам да се остане доследен кон општествено-политичките околности, механизми и инструменти кои го условија и утабаниа патот по кој Ахмети (не)свесно беше и сеуште е присилен да чекори. Смислата на претходната реченица ќе стане многу поразбирлива доколку се навратиме на самиот почеток на ДУИ и клучните ликови кои го опкружуваа тогаш сосема непознатиот “човек со книга”. Фокусирањето на тие ликови ќе ви го даде одговорот и на прашањето и дилемата зошто се однесува на овој начин. Но и разјаснување за одредени однесувања – не сосема принципиелни – на опозицијската јавнос, преточено во претерано лефтерни оптужби адресирани кон сите албанци, и молк кон укажување на конкретни личности кои стојат зад истите политики.

 

Причината е сосема едноставна – огромниот дел на лицата кои во тоа време беа блиски до Ахмети и го упатуваат во беспаќата на домашната политика беа личности познати по крајно блискиот однос, контакти и врски со сегашната опозиција и на времето власт. Во народниот вокабулар тие личности често се именуваат како стари кадри на ППД, но во реалноста (како што во една прилика ми се довери и самиот Абдурахман Алити) вистинското влијание врз нив доаѓаше од извршната поврзаност со владејачката партија. На тоа се надоврзуваат и одредени неполитички групации одТетово и одредени села во околината на Скопје, познати по своите присни односи со истата власт, посебно по тенката и речиси невидлива линија помеѓу мозокот на безбедноста и органите на криминалот. Сума сумарум, интелектуални, политички ликови и шаренолики карактери кои занаетот си го печеа по тогашните параметри наметнати од владејачката партија. И кои денеска се албански перјаници на вмровската револуција која ги користат знаењата и инструментите стекнати (и, парадоксално) усмерени тому кон – погодувате – поранешните политички партнери.

 

Политичкиот (криминален и морален) бекграунд на тие личности, во склоп со нивната задрта локалистичка примитивна свест и побуди, се поклопија како рака во совршено скроената ракавица на политиката за “оттаде Групчин”. Која се изроди во сеопшта подршка и фаворизирање на за сиситемот познати кадри, на уштрб на обичното албанско население, посебно од Скопје и Куманово. Кое, како што може да се утврди, трае и до ден денес, удвостручено од страна на сегашната коалиција која гради, надоградува и проширува врз темелите на политиките воспоставени во девеесетите. Притоа, не треба да се изостави и факторот на идеолошката матрица при селекцијата на кадрите, кои – неспорно – потекнуваа од тесни средини познати по својата традиционална блискост со претходниот систем управуван од претходниците на сегашната левица.

 

Таквата политика резултираше и со конкретни потези. Па така, во име на “соживотот” во втората половина девеесетите и непосредно по 2001 година се регистрираа разни НВО-а, промовираа припрости ликови на ниво на безмалку вундеркинди, се градеше медијско-“интелектуална” мрежа, во која доминираа – повторно – воглавно ликови на албанци од Тетово, Гостивар и Кичево; со безначајно учество на албанци од скопскиот и кумановскиот регион, со исклучок на ликови познати по преференцијален однос кон религијата а не кон националноста. Се во име на градење на некаков лабораторијско-полицијски прототип на некаков “нов албанец” по воља на доминантната македонска партија и албанскиот политички клон.

 

Тој прототип на благонадежен ново-албанец со време мутираше во каста на политички паразити кои се одржуваат во живот преку паралелно цицање на пари од власта и шмукање на крвта од вистинските патриотизам на албанците. При што поради својата ординарна неукост и неспособност (камуфлирана со парадерски флоскули и имитирање на модерното) не придонесуваа кон квалитативна имплементација на ниту законодавната ниту извршната власт, ниту пак допринесуваа кон воздигнување на политичката свест кај албанците. Не треба многу да се премислувате на кого се однесуваат овие илустрации – доволно е да со очи прелетате преку листата на видните политичари од денешницата.

 

Со тек на времето и поради сесрдната подршка и препораки од владејачката партија, тие ликови беа наметнувани и пред меѓународните претставници како “конструктивци” со кои може да се работи. Тој приод на “знам човека, гарант” беше срдечно прифатен од страна на посебно американската и британската дипломатска заедница во Скопје, кои по крајот на војната веќе немаа никаква потреба за “угледни интелектуалци”, туку претпочитаа да соработуваат и ги форсираат “мускулите” кои гарантираа стабилност по цена на вртење очи пред нивните ординарни криминали. Одвреме навреме и за воља на впечатокот и “јавен дојам” се протежираа “кукли од насловни страни” како завеси зад кои можеа да течат нечистите бизниси и политички измами. Вократко, филм виден во македонскиот дел на сцената, и идентичен со други пост-воени искуства низ светот.

 

И повторно, прифаќајќи го домашниот начин на однесување, западните дипломати се утркуваа во давање подршка кон “невлaдините организации и интелектуалци” во полошко, притоа потполно игнорирајќи ги другите средини со албанско население. Се разбира, “спонтано.” Како што тоа го прават вече подолго време Волерс и Орав кои по секој напад врз албанците во Скопско-Кумановско трчаат да си го покријт прљавиот долен веш пред студентите во – Тетово (!?)

 

Но реалноста на политичката смена на власта го направи своето. По вклучувањето на ДУИ во орбитата на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година, започна постепеното приближување на ставовите помеѓу двете партии кои дотогаш се сметаа за антагонистични. Првата назнака за промената на политичкиот ориентир настана со објавувањето на идеолошката припадност на ДУИ како “тематска партија”. Што пред јавноста беше објаснувано како некаков си хибрид (sic!) на идео-политичка флексибилност, но позади рефлекторите ја добиваше својата вистинска смисла – тематска по тесноградост и профитерски цели.

 

Поради својата длабока мистериозност и енигматичност (опертаивен модус наследен од емигрантските искуства на Ахмети-Џафери), на ДУИ и успеваше долго време да ја прикрие својата промена на курсот и уште подраматична смена на љубовта од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ. Иако вреди да се коригира таа оценка – за многу албанци и за уште повеќе опозиционери македонци, таа промена е сеуште апстрактна, проследена со очајничка верба дека сеуште има некоја тајна врска на љубов од страна на ДУИ кон опозицијата. Раскинувањата, очигледно, не се болни само во сферата на половите односи, туку и (уште повеќе) во светот на политиката во кои не би требало да се базираме врз љигавите надежи дека за првата љубов нема заборав.

 

Од тие причини, македонската опозициона јавност е последната која има право да се чуди, соблазнува или лути за несомнено лицемерната (пост)изборна игра на Али Ахмети и неговите полит-гангстер(к)и од ДУИ. Кажано со сленгот на скопскиот асфалт – “нема љутиш”! Ахмети е досега најдобриот албански ученик на македонската политичка школа на лаги, интриги, непринципиелности, манипулации, дволичности и паразитизам, кој конечно на кожата на своите учители покажува и докажува што значи кога ученикот ќе го надмине учителот.

 

А дека го има надминато сведочат и случувањата од последните две години поврзани со медиумите во кои главна улога одиграа токму омилените интегративци на СДСМ, сега прељубници-бегалки под чадорот на Груевски. Колку за потсетување, не се толку дамнешни времињата кога видни опозициони усти и пера се соблазнуваа кога некој албаанеце ќе упатеше критики кон улогата на Фатмир Бесими и Теута Арифи во газењето на слободата на медиумите. Се сеќаваме и како истите опозицијски “умови” ги исмејуваа, етикетираа и блатеа оние кои потсетуваа дека оној кој не се либи да удри нож во грбот на својот народ, уште помалку ќе се двооуми да ја одере кожата од грбот на своите “пријатели” од другата страна. За жал, таа дволична игра на исстата таа опозиција трае сеуште, што може да се увиди од снисходливиот однос на одредени опозицијски портали со полиццијски уредници кои сеуште претпочитаат да “борбата за слобода” ја конципираат како полтронство кон власта и презир кон албанците.

 

Во прилог на тоа е и срамното поведение на видни членови на СДСМ по 24 декември и добиениот ќотек пред насмеаните “пријатели” од ДУИ. Што нее ги спречи да и понатаму фрлаат анатеми врз било кој албанец кој ќе се осмелеше да изусти еден збор против ДУИ и Ахмети, кои беа промовирани во “вистински македонски патриоти” (Андов), или пак плукаа по “албанските интелектуалци кои ја напаѓааат политиката на еден од најуспешните албански политичари во Македонија кој досега најмногу обезбедил за албанците” и притоа во најдобриот дух на полицијскиот менталитет на лажна опозиција сомничеа “што е агендата на албанците во Македонија и дали е таа поврзана со Македонија?”. Други пак, во спонтан излив на чемер си го покажувааа лицето на крипто-шовинизам советувајќи им на албанците да “тоа да го прават во Тетово а не во Скопје”.

 

Предноста на Мијалков е во тоа што учи од туѓите грешки, следејќи ја внимателно траекторијата на појавата, подемот и политичкиот егзибиционизам на Ахмети, вклучително и бројот на политички и ини гробови кои се редат зад него во име на “албанската кауза”. Мијалков и неговата street-wise филозофија е доволно развиена за да разбере дека на Ахмети не може да му се верува, секако не после сите чакии зариени во грбовите на Арбен Џафери, Имер Имери, Рамуш Харадинај, Хашим Тачи, безброј обични војници на ОНА-ОВК, Црвенковски, Бучковски, Заев … Кажано поинаку, принципелноста на Ахмети е веќе легендарна по својата саможива негативност, што дава повод за убеденост дека доколку утре на изборите победат зелените на Поповска, централното претседателство на ДУИ со се своите ограноци под итно ќе направа пластична операција на носевите за да можат да пасат трева. А Теута Арифи ќе организира промотивни кампањи за тоа како е “европски и модерно да се јаде трева или сено” што е предуслов за членство во ЕУ и НАТО.

 

Со кое право се глуми изненаденост? Што воопшто опозиционата мисла и – посебно – опозицијските медиуми очекуваа од Ахмети да не (им) го стори тоа што со години им го приредува на сопствените гласачи албанци со кои споделува барем јазик? Со кое право си дозволуваат критики, после сите игранки на кои беа спремни да одиграат со ДУИ и нивните медиумски сателити, на штета на про-опозицијските политичари, јавни личности, албански медиуми и новинари? Која трае и до денес и по сите понижувања кои на медиумите им ги приредија Теута Арифи, Фатмир Бесими и нивните квази-новинарски смигољи кои токму од про-опозицијската јавност беа величани како “наши дечки”, а чии имиња и понатаму не смеат да ги изустат поради јаран-грантовските интереси.

Затоа, повнимателно со критиките кон Албанците. И повеќе храброст во укажувањето со прст кон конретните иминња на (поранешните?) интегристички партнери во злосторство.  

*превземено (со дозвола на авторот од неговиот Фејсбук профил)

Leave a Reply

Your email address will not be published.