Александар Видиков: Чуварот ме спаси од канџите на лавот

Лавицата и лавот беа оптегнати во кафезот во зоолошката градина во Kавадарци и не обрнуваа внимание на нас. Не знам што ми текна, зедов една прачка и почнав да ги буцкам. Не реагираа. Ја фрлив прачката и со левата рака го фатив лавот и првин го галев, па потоа, за да му го привлечам вниманието, го истегнав за гривата. Тој одеднаш ја извади шепата низ дупката, ми ја грабна левата рака и почна да ми ја кине. Силно ме влечеше накај него. Јас со другата рака мавав по неговата шепа за да се спасам, но се заврте и ми ја фати десната рака. Саглам ми ги закопа ноктите, двете раце партали ми ги направи, ми ги скина. Беше морничаво. Викав помош и веднаш дотрчаа другар ми и чуварот на зоолошката, двајцата маваа по шепата на лавот, едниот со летва, а другиот со вастегарка, по кавадаречки. Најпосле лавот ме пушти. Поради сериозните повреди, завршив на хирургија во болницата во Велес.

Вака деновиве за „Дневник“ раскажуваше 67-годишниот кавадарчанец Александар Видиков, кој како ученик на 15 години избегал со другар му од час по латински и завршил во канџите на лавот во тогашната зоолошка градина во Kавадарци. По стравотната средба со царот на животните, вели, го живее својот втор живот.

– Им велев на другарите дека лавот од љубомора се налути и ме џапна оти му ја задевав лавицата. Од тогаш почнаа и да ме викаат Лавот. Подоцна жена ми знаеше да каже дека јас како вистински лав сум ги освојувал женските срца, та затоа навистина ми прилега тој прекар – се смее Видиков.

Овој немил настан кој се прераскажувал засекогаш останал врежан во неговото памтење.

– Ќе го паметам тоа додека сум жив. Долго време потоа го сонував лавот и се будев препотен, жива вода направен. И денес се прашувам како сум се осмелил тогаш тукутака да чепкам диво животно и тоа на негов терен. Морници ме лазат по телото кога го кажувам ова. Затоа изминативе години и не сакав да зборувам на таа тема. Избегнував. Но едно морам да кажам, дека најверојатно моето задевање го предизвика лавот, инаку сигурно не би ми направил ништо лошо – беше искрен Видиков.

На овој човек, кој по потекло е од Ваташа, тоа не му било првпат да оди во зоолошка градина. Одел таму со родителите и претходно, а денес жали што Kавадарци со години нема зоолошка градина. Вели дека сака повторно да се обнови еден ваков објект во градот на виното за да можат граѓаните таму да видат животни, кои ги гледаат само во книги или телевизија. Видиков вели дека сега често гледа документарни емисии со животни.

Голем број повозрасни кавадарчани и Тиквешани со носталгија зборуваат за времето кога овде имало убава зоолошка градина, богата со животински свет. Kавадарчанецот Симеон Минов (73) најголемиот дел од животот го минал во центарот на градот, но дел од детството минал крај зоолошката, на која и ден-денес со задоволство се сеќава.

– Ги помнам дури и некои од животните во неа. Мечката, лавот, волците и лисиците, мајмуните, питонот… За нас децата од Маџир Маало вистинско задоволство беше да ги набљудуваме жителите во градината за појадок. Питонот веднаш ја голташе својата храна, а волците првин се бореа меѓусебно, па најсилните успеваа да лапнат повеќе и побрзо. Таму секојдневно имаше многу посетители, млади и стари. Многу деца пораснаа крај зоолошката градина. Многу убаво беше тоа време – ни кажа деновиве Минов, кој потекнува од стара кавадаречка лоза.

Неговата сопруга, родена крушевчанка, и нејзините роднини исто така биле одушевени од кавадаречката атракција, која била сместена во градскиот парк, кој отсекогаш важи за еден од најубавите во Македонија.

Веќе четириесетина години нема зоолошка градина во Kавадарци. Градоначалникот Александар Панов го прашавме дали се планира изградба на ваков објект во овој град.

– Се прави проект, локацијата е утврдена во градскиот парк. Во тек се консултации со стручни лица. Засега нема амбиција да се носат животни од видот на жирафи, туку животински свет карактеристичен за ова поднебје. Целта е градината да има едукативен карактер зашто многу од денешните деца, на пример, не виделе магаре. Бизнис-заедницата ќе има можност за донации, со што ќе ја покаже својата општествена одговорност – ни рече Панов.
Светлана Дарудова


ВИДИКОВ ОДИГРАЛ ПОВЕЌЕ УЛОГИ

Александар Видиков е професионален актер во пензија и за него велат дека првпат во културното живеење на Kавадарци го донесе Дедо Мраз. Зад него се неколку монодрами и улоги во серии и филмови, како и првиот филм на кавадаречки дијалект „Kаца“. Тој вели дека чекаат на реализација две сценарија за играни филмови. Го прашавме дали можеби и случката со лавот може да се најде во некој филм.

– Тоа како идеја може и да држи место, ама не знам, ќе видиме како ќе ме држи здравјето. Ќешки да имам здравје, с` е можно – одговора Видиков. 

Извор ДНЕВНИК

Leave a Reply

Your email address will not be published.