Алберт Ками: Четирите заповеди на слободниот новинар

Тешко е денес да се спомнува слободата на штампата а да не ве обвинат за неумереност или дека сте Мата Хари или да не ве уверуваат во нејзината одбрана ако признаеме дека не постои ниту еден друг начин навистина да се победи во војната.

Секако, секоја слобода има свои граници. Уште само би требало слободно да се препознаат. Всушност, за препреките кои денес стојат пред слободата на мислење, рековме се што можевме да кажеме и ќе зборуваме уште, се што би можеле, до заситеност. На пример, никогаш нема да престанеме да се чудиме како, еднаш кога начелото на цензурата е наметнато, пренесувањето на текстовите објавени во Франција кои тамошните цензори ги одобриле се забранети во Le Soir Republicain (дневен весник кој бил објавуван во Алжир, чии уредници биле Алберт Ками и Паскал Пиа). Фактот дека во тој поглед еден лист зависи од расположението или компетенцијата на еден човек укажува подобро од било што на степенот на неосвестеност во кој денес се најдовме.

Едно од добрите правила на филозофијата достојна така да ја нарекуваме, е никогаш да не се впуштаме во непотребни јадикувања пред состојбата на работите која повеќе не може да се избегне. Во Франција денес повеќе не е прашање како да се сочува слободата на печатот, туку во тоа новинарот, пред укинување на тие слободи, може да остане слободен. Проблемот повеќе не се однесува на колективот. Тој се однесува на поединецот. А баш овде би сакале да ги одредиме условите и методите преку кои слободата може и сред војна не само да се зачува туку и да се изрази.
Постојат четири такви методи: луцидност, одбивање, иронија и истрајност.

Луцидноста претпставува отпор кон омразата и култот на фаталност. Според нашето искуство во светот, сигурно е дека се може да се избегне. Самата војна, која е човеков феномен, може во секој момент да се избегне или запре со човекови средства. Доволно е да се познава историјата на европската политика во последните години за да би биле сигурни дека војната, каква и да е таа, има јасни причини. Тој бистар поглед на работите ја исклучува слепата омраза и безизлезноста оставена без надзор.

Во 1393 година слободниот новинар не очајува и се бори за она што верува дека е вистинско како да неговото делување може да влијае на текот на настаните. Не објавува ништо што би можело да потткине на мразење или предизвикува очај. Сето тоа е во негова моќ. Пред плимата од глупости која надоаѓа, неопходно е исто така да се спротивстават неколку одбивања. Сите присили на овој свет не можат да го ослабат ни малку честитиот дух да прифати непоштеност. Значи, а и според она колку го познаваме механизмот на кружење на информациите, лесно можеме да се увериме во автентичноста на некои вести.

Баш на тоа слободниот новинар мора да го насочи цело свое внимание. Бидејќи, ако не може да го каже она што го мисли, може да не го каже она што не го мисли или што смета дека е погрешно. Според тоа еден весник се мери, како според она што кажува, така и според она што не кажува. Таа целосно негативна слобода без дополнување е најбитна од сите, ако знаеме да ја одржиме. Бидејќи таа го подготвува доаѓањето на вистинската слобода. Според тоа, независниот весник го обелоденува потеклото на своите информации, им помага на читателите во нивната проценка, одбива пропаганда, ги укинува навредите, ја прикрива униформираноста на информациите со коментари, накратко, и служи на вистината во човекова мера на своите сили. Таа мера, колку и да е релативна, му дозволува барем да го одбие она на што ниедна сила на светот не би можела да го присили: да и служи на лагата.

Така стигнуваме до иронијата. Можеме начелно да претпоставиме дека духот има наклоност и средства за наметнување на присила и е отпорен на иронија. Не гледаме баш Хитлер, да се послужиме само се еден од многуте примери, би се служел со сократовска иронија. Подеднакво е вистина значи, дека иронијата е единственото оружје против моќниците. Таа го дополнува одбивањето во таа мера што дозволува не да се отфрли она што е лажно, туку често да се зборува она што е вистинито. Во 1393 година слободниот новинар нема премногу илузии за разумот на оние кои го угнетуваат. Песимист е што се однесува до човекот. Вистината, изречена во догматски тон, се цензурира во девет од десет случаи. Истата таа вистина, изречена на шега, се цензурира дури пет од десет пати.

Тој распоред прилично точно ги претставува способностите на човековата интелегенција. Објаснува зошто француските весници како Le Merlea или Le Canard enchainea (француски сатирични весници) можат редовно да објавуваат храбри текстови какви што познаваме. Во 1393 годиниа слободниот новинар е, значи, нужно ироничен, иако неретко против своја волја. Но вистината и слободата се лакоми “конкубини” со оглед дека имаат малку љубовници. Откако накратко ја опишавме таа состојба на духот, јасно е дека таа не може успешно да се одржи без минимална доза на истрајност.

Низа препреки стојат на патото на слободата на изразување. Но не се најостри оние кои би можеле да го обесхрабрат духот. Бидејќи заканите, суспензиите и прогонувањата главно во Франција доведуваат до спротивен ефект од оној кој се посакувал. Но треба да се признае дека постојат обесхрабрувачки препреки: Постојноста во глупоста, млитавост, агресивната ограниченост, да споменеме само неколку. Тука се наоѓаат големи препреки кои треба да се совладаат. Истрајноста во овој случај е кардинална особина. Низ интересен, но и очигледен парадокс, се става во служба објективноста и толеранцијата.
Тоа е значи склоп од правила за зачувување на слободата се до сржта на ропството. А после?, ќе речете. После? Не брзаме премногу. Кога само секој Французин би сакал во своето окружување да го задржи она што смета за вистинско и праведно, кога со својот мал удел би сакал да помогне во одржувањето на слободата, кога би одбил да се препушти и би сакал да ја истакне својата волја, тогаш и само тогаш би ја добиле оваа војна, во полна смисла на тој збор.

Да, слободниот дух на овој век често присегнува кон иронија против своја волја. Но како да се најде било што шеговито во овој раздразнет свет? Доблеста на човекот е да се одржи пред се што го порекнува. Никој не сака за дваесет и пет години повторно да започне двократното искуство од 1914 и 1939. Треба значи да се проба со потполно нови методи на правда и великодушност. Но тие се искажуваат само во веќе слободните срца и во уште попроникливиот дух. Обликувањето на тие срца и тој дух, или само будењето, е задача истовремено скромна и решителна која се однесува на секој независен човек. Историјата овие напори ќе ги уважи, а можеби и нема. Но тие се направени.

Превод: К. Попова

Leave a Reply

Your email address will not be published.