Пендаровски: Ако чекаме гладот да го надвладее стравот, тогаш ќе биде предоцна за вистински промени

Вака Стево Пендаровски им се обрати на делегатите на партискиот конгрес на СДСМ, кои му ја дадоа довербата тој да биде нивниот кандидат за претседател на Република Македонија.

Пендаровски истакна дека чувствува чест што е кандидат за оваа функција, но, исто така, и обврска доколку биде избран, да застане на чело на едно широко граѓанско движење кое ќе треба да ги донесе нужните промени во земјата.

– Првата моја задача ќе биде да го вратам достоинството и важноста на функцијата претседател на Република Македонија. Во изминативе пет години, таа важна институција доживеа деградирање, без преседан во поновата историја. Изминативе пет години не смо што немавме лидер и политичар со визија за Македонија, ние воопшто немавме претседател. Наместо глас на обесправените, наместо заштитник на граѓаните, и обединувач на нацијата, добивме уште еден владин службеник кој ги аминува сите одлуки на законодавната и извршна власт – рече Пендаровски.

Тој додаде дека негова цел како претседател ќе биде да ги заштитува граѓаните, да биде чувар на Уставот и обединувач на нацијата. Пендровски истакна дека е нормално Македонија да биде демократска, а не автократска држава, рамноправна членка на ЕУ, а не сојузник со африканските диктатури и сомнителни бизнисмени од Азија.

– Нема да имам дилеми кога ќе треба да се спротивставам на која било злоупотреба на власта, да ги заштитам граѓаните од притисок на оние горе, кои изгубија контакт со реалноста. Нема да се колебам да ги употребам сите овластувања кои ми ги дава Уставот за да се спротивставам на кршењето на човековите права, евидентно рушење на демократијата, ограбувањето на татковината и продлабочувањето на поделбите во земјата – рече Пендаровски.

Тој истакна дека е горд што бил еден од најблиските соработници на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а искуството кое го стекнал со нив двајцата, рече дека го прави целосно свесен за одговорноста што ја носи функцијата претседател.

Пендаровски зборуваше со мирен тон, но силните пораки што ги упати, од делегатите беа проследени со громогласен аплауз.  

 – Плусинфо

Leave a Reply

Your email address will not be published.