Ајде сите заедно да го вратиме меморијалниот турнир “Вуко Каров“ на градскиот стадион

Влеговме во 2015-тата. Оваа година, кавадарчани се горди што имаат можност повторно да го слушаат судискиот свиреж на градскиот стадион Тиквеш. Кога сме кај градскиот стадион Тиквеш, не можам, а да останам мирен и да не го изразам мојот гнев и бунтовност за лошата состојба на самиот стадион. Кој бил, кој видел, знае за што зборувам. Разурнати трибини, обраснати со дрвја и капини, разурнати ѕидишта на самиот стадион, исклучена електрична енергија и многу други недостатоци, едноставно и кратко кажано “И под дното имало дно”. Но кога сме кај градскиот фудбалски стадион Тиквеш, морам да споменам дека е почнат да се гради во далечната 1945 година. На самото место каде што е изграден денешниот стадион, местото како градежна парцела било дупка т.е. “дол“, кажано на кавадаречки. Но граѓаните, учениците од Гимназијата, тогашната работничка младина самоиницијативно, волонтерски копајќи со гола рака, без некаква посебна механизација го прилагодиле и создале теренот каде што ќе се одигруваат идните фудбалски натпревари. Во 1980 година, е изградена покриената трибина и новите соблекувални од страна на претпријатието ЕМРО-Кавадарци. Но сега сме тука, каде што сме.

 

Сигурно ќе се запрашате зошто го пишувам овој текст? Затоа што сметам дека сите заедно му должиме на кавадаречкиот фудбалски мајстор Вуко Каровски, турнирот кој се организира секој Февруари во негово име и во име на она што овој кавадаречки великан го остави на градот, да се организира на Градскиот Фудбалски стадион Тиквеш, а не како што тоа се случи минатата година на градскиот плоштад. Меморијалниот турнир минатата година го организира навивачката група „Лозари” во вид на пародија, се со цел да не потсети, да не заборавиме која ни е обврската со меморијалниот турнир „Вуко Каров”. Да не потсети дека не треба да го забораваме минатото и луѓето кои со своето општествено делување допринеле за развивање на градот во некоја област, во овој случај фудбалот. И треба да им се заблагодариме сите, за таквата постапка.

 

“Низ редовите на Тиквеш поминаа многу фудбалери, но само еден е Вуко Каровски, кој со својата брза и динамична игра, реализаторска моќ и несебичност остави траен белег во развојот на фудбалската игра. Уште како ученик во Гимназијата на 17-сет годишна возраст го облече дресот на фудбалскиот клуб “Тиквеш”. Со добрите игри од 1946 до 1949 година, Вуко ги освојува симпатиите на трењерите ширум македонските клубови. Во 1950 година, по завршувањето на гимназијата, со започнувањето на студенските денови Вуко се префрла во Скопје, каде што потпишува за Фудбалскиот клуб “Варда”, каде шти одигрува одлични натпревари”, ова се пишаните сведоштва на Илија Каровски во книгата „ФК Тиквеш 1930-1993″.

 

Меморијалниот турнир “Вуко Каров”, за првпат се организира на 27-28 февруари 1993 година, во чест на Вуко Каровски. Меморијалниот турнир на самиот почеток е со републички карактер, а подоцна самиот турнир добива и меѓународен карактер, прифатен од ФСМ , а подоцна и прифатен од странана ФИФА, како и ставен во календарот на фудбалски настани на ФИФА. Во неколкуте години по ред, во кои се организира меморијалниот турнир “Вуко Каров”, продефилираат на градскиот стадион Тиквеш неколку екипи, како републички, така и меѓународни. На првиот турнир учествувале екипите на Вардар од Скопје, екипата на САК од Кладенфурт-Австрија, Победа од Прилеп и самиот Тиквеш. На овој прв турнир првото место го освојува фудбалскиот клуб на Вардар. Други екипи кои биле дел од меморијалниот турнир “Вуко Каров”, биле и екипите на: Добруџа од Бугарија; Кожув од Гевгелија; Осогово од Кочани; Силекс од Кратово; Партизан од Белград; Чукарички-Станком од Белград; и други екипи.

Оваа година кавадарчани во најниската фудбалска лига имаат можност да ги следат игрите на двата фудбалски клубови, “Тиквеш 2014” и “Тиквеш 2009”. Иако сме во моментот на самото дно на македонскиот фудбал, тоа не треба да не демотивира, после секој лош пад, треба да се започне од почеток. Овој почеток се надевам дека ќе биде со успешна иднина, за кавадаречкиот фудбал.
Затоа ве повикувам, сите заедно, како граѓани на овој град, во февруари, Без величење на своите ега и без продавање на авторитети, да се заложиме без резервно и да го вратиме меморијалниот турнир “Вуко Каров”, на градскиот стадион Тиквеш.

Leave a Reply

Your email address will not be published.