Ахтунг, ахтунг – дихтунг!

Последните зборови на екипажот на германската подморница потопена некаде на Пацификот 44-та биле овие од насловот, драги мои : ahtung, ahtung – dihtung! И потоа „флоп“ исчезнале на радарите! Тоа фатално пропуштање на дихтунгот на клучните цевоводи ги чинело она што нас не чини попуштањето по неколку такви политички и економски дихтунзи сево ова време под ДПМНЕ. Со тоа што Македонците губат чувство каде е дното на ова пропаѓање. Нивната подморница се уште тоне без она фатално „флоп“ на радарите на современите држави.

На укажувањата дека нешто фатално не е во ред со навигацијата и дека сме очешале гребен, дека подморницата пропушта, пастирот ни одговата: „…Ветрови ме ломе, а ја терам по своме“ (Џеј)?!

Но она што ме загрижува, драги мои, не се неговата тврдоглавост, ограничено знаење, опседнатост со опозицијата и неодговорноста, туку лузните кои режимот ги остава на кревкото недооформено тело и коските на македонската граѓанственост и држава. Тоа се лузни и деформитети кои нема да можат да се зацелат долго по падот на ДПМНЕ. Гледајќи ги другите поголеми држави кои биле упропастени од нивните популистички диктатори, Македонија има опасност да стане мало дебилно државиче, балкански Квазимодо, кој ќе ја „дрви“ камбаната на Богородичната Црква кога тоа веќе никого нема да го интересира. Маргинализирана балканска шупа која секој нормален ( вклучувајќи го и нејзиното граѓанство ) се обидува да ја одбегне или избега од неа.

Македонија во годините на почетната транзиција беше „оаза на мирот“ и земја со компаративно најдобар економски стандард од сите земји во регионот, од Хрватска надолу ( освен Грција ). Наместо од таму да тргнат НАПРЕД, новите транзиционери не урнисаа назад. Сега Македонија во далеку поповолни услови за неа е последна земја по економски стандард во регионот ( зад Албанија и Косово ) без перспектива на развој со нова тензија во меѓуетничките поделби и урнисани слободи и демократија. Сега Македонија има девастирана средна класа како никогаш до сега: лекари, професори, инженери, технократија. Цели сектори на општеството се растурени во атоми: здравството и образовението пред се. Како сакаат да го исмеваат и напаѓаат тој период, ваквата компарација со раните деведесети како огромен гранитен камен тежи на грбот на современиве транзиционери на ДПМНЕ. Да се бар „комунисти“ па да ја окрепиле работничката класа и селанството во компензација на сево ова, но не: работничката класа е на најдолниот можен степен на стандард и организација, а селанството е постојана депресија и пад ( и поред сета пропаганда и „стимулации“ ). Гигантската дијаболична држава под ДПМНЕ кружи постојано како турски башибозук и зема данок во крв од средниот бизнис и ситното стопанството кое едвај преживува ( нивните кошмари не престануваат туку се зголемуваат со новите казни во прекршочниот закон ). Режимот може и ги колонизира медиумите, оваа компарација да не биде присатна во дискусиите во јавноста, да не бидат изложени алтернативите за развојот, а може и да го искорне срцето на опозицијата, сепак компарацијата со раната транзиција е премногу очигледна и тешка, испуштените можности се преочигледни, назадувањето е преболно – за да биде избришано.

Останува прашањето : како е ова можно ? Како е возможно вакво назадување ? Како е возможно при сево ова режимот да може да избоксува подршка која го одржува на власт?

Режимот чувствувајќи ја таквата замолчена депресија и пад, својата дијаболична улога во тоа, а и согледувајќи дека ќе има и една дополнителна одлука за спорот со името да направи, влегува во уште поголема нервоза, агресивност, имено, во НЕРОНОВСКА фаза.

За да покаже дека е убеден во исправноста на непродуктивното трошење на бесмислени градби, воедно безмилосен кон своите сиромашни сограѓани – испумпува пари за нови градби и сопствена корупција преку нив. Продолжува да ја урнисува средната класа ( преку секторите на образование, здравство и индустрија ) која е резонатор во повеќе развојни насоки на граѓанското општество – создавајќи екстремна социјална поделба. Македонија е најсоцијално поделена на малку богати и море сиромашни во Европа ( на ниво сме на социјалната поделба во Русија ).

Но што е поважно, власта ја засилува лажната политичка динамика внатре со интензивирање на прогонот, апсењата, лустрациите, конфликтите со соседите – со се и сешто, само да се интензивира количеството на страв во општеството, чувството дека сме под предавничка пенетрација, криминал и заговор од соседите и дека оваа и само оваа власт се справува со тие „опасности“ – одржувајќи го Македонецот во современието жив наспроти светските заговори против него.

За да може ваква ирационална операција да изведе, на власта и треба во значителен дел ирационално гласачко тело да ја подржува. Таа тоа и такво граѓанство само-продуцира, го создава, и тоа е најголемата опасност од оваа популистичка диктатура кај нас. Таа го цепи македонскиот граѓанин. Прво го уплавосува од страв за сопствената егзизтенција, како таков го празни од рацио и го полни со ирацио- нов идентитет. Тој идентитет е компониран од контраверзни политички митови: едни за тоа дека е потомок на славни стари победници на светско рамниште ( воздигнувачки мит ) и други дека е ЖРТВА на сите мошни зли конспирации против него ( од кои излегувал како победник ?) – депресивен мит. Идентитетот вака потопен во страв и воедно историско-поетски воздигнат мора да се подготви за БОРБА. За тоа претходно треба да се објективизира стравот, имено да се насочи кон цел – причина за современите предизвици и депресии на Македонецот. Секој диктатор, харизматски талетиран е доколку го „објективизира стравот“ на својата толпа кон некоја причина, која е секогаш ирационално виновна за таквата состојба на Македонецот. Такви причини денес, според овој инженеринг на македонската диктатура се три : Албанците и предавниците внатре; Грција ( Бугарија, и Косово евентуално ) во соседството; и меѓународната заедница ( која е секогаш „курва“ кон Македонците, а на која ние премногу сме и попуштале во минатото, а не сме добиле ништо за возврат ) .

Диктатурата не се задоволува со потиснат и молчалив , само исплашен Македонец. Таа препарира нов, испразнет, па-повторно-наполнет – зомбиран , нов- Македонец, Македонец-толпа, подготвен да се бори со горните ветерници. Тој мора да биде слеп за рационалните аргументи, за историјата и стварноста која го опкружува. Тој треба да живее и гине за „својата стварност“ за својот 21 век ( како вели еден нивен морон архитект ).

Степенот на оштетување на македонската граѓанственост со овој нов вирус кој ги разјадува коските на младата македонска демократија, не можам да го оценам во овој момент. Од степенот и иреверзибилноста на тоа оштетување ќе зависи дали нашето општество ќе заврши како балкански Квазимодо кој ќе го дрви вечно звоното на Богородичната Црква.

Leave a Reply

Your email address will not be published.