А вие би право у Катарза?

Ако се согласиме дека Македонија е структурирана како политичко-општествена трагедија, тогаш треба да сме свесни дека секоја трагедија издава еден основен грев или вина, за која недостасува прочистување и оттука има тенденција да се репродуцира, во се полоши форми.

Нашата вина или нашите граѓанско-демократски неквалитети, недостакот на критична маса, на луѓе кои ќе се жртвуваат за јавното добро, се надополнува со нашата немесис, несреќа, или казна за нашето однесување.

Некој би рекол дека нашата казна или немесис е ДПМНЕ, и тоа не е далеку од вистината. Но, ако добро размислиме, нашата казна е што постојано сме заробени меѓу нашиот оригинален грев или вина и казната, без притоа да произведеме вистинска катарза. А, трагедија без катарза, е вечна и непоучна трагедија, маѓепсан круг.

За да дојдеме до катарзата, не е доволна само катастрофата, која ја имаме, не е доволна ниту промашената кауза или грешките во чекори, не е доволен ниту хибрисот, таа ароганција и дрска самодоверба, потребно е и препознавањето(анагнорисис) на грешките, на реалните состојби, на оригиналната вина, нешто што ќе ни го одржи фокусот низ разно-разните перипетии, а такви ќе ги има допрва.

Гледате, катарзата е далеку покомплициран процес, од само кажување на вистината, особено ако вистина се уште ја доживуваме сектаријански, а не како обединувачка сила.

Нашата деконтаминација, треба да тргне токму од пронаоѓање на нашите длабоки и системски грешки, нешто што не се оправува со катарзата на една бомба. Нема правила за падот на диктаторите, и еве, нека овие големи очекувања се остварат, сите го сонуваме падот на Груевски. Но, ако не се остварат, без системски решенија, направената штета ќе биде огромна и само ќе ја зацврсне несреќата.

Дајте да се ослободиме од илузиите, да излеземе од наметнатите логики, од досегашната политика, од желбите да се контролира, монополизира, да се биде херој или хегемон во општеството, да си дадеме реален проект за наше менување, за егзалтирање на нашата различност од лудилото кое не има заразено.

Бомбата не е катарза, таа е каирос, момент кој треба да се зграпчи, но кој доколку не успее, ќе не закопа уште подлабоко. За вистинска катарза, македонското општество се уште не покажало зрелост.

Правилата на реалноста велат дека за да ја промениме, не е доволно да се трогнеме или шокираме, неопходно е да излеземе од магијата на погубниот круг, во кој сме заробени.

(Текстот е превземен од фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.