Кавадарчанец најдобар пијанист во Ниш

Уште од самиот почеток музичките педагози го оценуваа како голем талент на кој му претстојат ѕвездени мигови.
– Првиот државен натпревар на млади музичари во Скопје во 2010 година беше негово огнено крштевање. Тогаш деветгодишниот Ристе свиреше речиси стоејќи, бидејќи столот му беше превисок. Сепак, тоа не му пречеше со своето музицирање да ги освои публиката и стручното жири и заслужено му припадна првото место – вели неговата професорка по пијано Весна Павлова.

Така беше и деновиве, на 13-от Меѓународен натпревар на млади пијанисти во Ниш, соседна Србија, каде што во многу силна конкуренција Ристе, исто така, ја освои првата награда.

Иако нема ни 13 години, во досието на ова талентирано момче во основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци се запишани голем број награди, дипломи, признанија и пофалници. Ќе ги издвоиме: првата награда на Вториот меѓународен натпревар за камерна музика во Кавадарци, 2011 г., во дисциплината пијано-дуо, наградата за најдобро изведена композиција на Меѓународниот фестивал на млади пијанисти во Шабац, Србија, истата година, како и специјалната награда, со освоени 100 поени, на Меѓународниот натпревар на млади пијанисти од Европа, кој се одржа во Гевгелија во 2012 година.

Ристе Спанџов со пијаното се дружи од својата седма година, секојдневно вежба по пет-шест часа и нема ниту еден изостанок од часовите во музичкото училиште.

Досега е активен учесник на многу концерти организирани од страна на училиштето и отсекот по пијано, како што се ревијални, новогодишни, божиќни и годишни концерти.

– Досега повеќепати сум гостувал на отворање ликовни изложби во галеријата на Домот на културата во мојот роден град, но и на концерти во рамките на Кавадаречката културна есен. Учествував и на фестивалот на учениците од основните музички училишта од Македонија „ЕПТА“ минатата година, како и на семинарот по пијано, кој го одржа професорот по пијано Јури Кот на Националната академија за музика во Украина – ни откри Ристе дел од своите ангажмани.

Неговата професорка Весна Павлова секогаш има само пофални зборови за својот надарен ученик.
– Љубовта кон пијаното, талентот и рационалниот однос кон работата му овозможија на Ристе Спанџов континуирано да напредува и да жнее награди – вели професорката Павлова.

А доказ дека навистина е така е податокот дека веднаш по натпреварот во Ниш тој ги почна подготовките за интернационалниот натпревар „Охридски бисери“, кој ќе се одржи наскоро, а во план е и негово учество на меѓународен натпревар во Италија.

 

 

Извор: novamakedonija.com.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.