13 страни празни пароли и предизборни ветувања

13 страни. 13 страни празни пароли, предизборни ветувања, тврдења кои многу лесно можат да бидат оспорени. Првиот порив секогаш ми е да ги адресирам сите. Едно по едно. И да ги објаснам. Прашањето е – зошто? Со каква цел? Како да допрам до луѓето кои немаат информации и кои живеат во опојниот замајувачки облак на дезинформации со кој ги опкружува власта?

Неодамна имав едно многу обесхрабрувачко искуство кое ми покажа дека во моментот кога се ќе сведам на факти, луѓето едноставно ги негираат фактите. Така им е полесно. И поубаво.

Можеби е добро да остане Груевски уште некое време. Можеби кога се ќе претвори во пустош луѓето ќе почнат да разбираат што им се случува. Само што вообичаено во такви моменти настапува и насилието. Гладните, и измамени, и изманипулирани и понижени луѓе газат се пред себе.

А јас сум многу против насилие. Не сакам да страдаат тие кои и до тогаш страдале и оние кои не го ни предизвикале страдањето.
А не знам како да го спречам ова.

На крај ми останува да го направам она што единствено знам да го правам – ќе анализирам. Па кој слушне – слушне.

ПРВ ЕЛЕМЕНТ НА АНАЛИЗАТА:

Во целиот говор од 13 страни, Груевски во ниту еден момент не негираше конкретен разговор.

Груевски не негираше дека во Министерството за внатрешни работи имало штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Не негираше дека полицијата била употребена за партиски цели во текот на изборите. Не негираше дека имало присила врз администрацијата. Не негираше дека биле злоупотребени Ромите и децата без родители. Не негираше дека јавните обвинители и судиите постапувале по наредба на високи партиски и владини функционери.

Не кажа: разговорот меѓу Гордана и Зоран од тој и тој датум е лажен. немало таков разговор. Не кажа.

Тој се обиде да покаже дека тоа е помалку важно од она што е направено, меѓутоа не го негираше прекршувањето на законите. Се обиде да предизвика сочуство за учесниците во одделни разговори, но не ги негираше разговорите. Се обиде дури и да ги убеди луѓето дека сето тоа е многу човечки. Но не ја негираше содржината на разговорите.

Во ниту еден момент.

(Текстот е превземен од Фејсбук профилот на авторот)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.