(ВИДЕО) Јанчев во небрано: Дали ја “фаворизира” фирмата Градба Промет во добивањето тендери во општина Кавадарци?

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, не гледа конфликт на интерес во тоа што со еден од сопствениците на фирмата што најчесто победува на општинските тендери – „Градба промет“, има заедничка компанија

Асфалтирањето улици е редовна работа што граѓаните ја очекуваат од локалните власти. Повеќето градоначалници, пак, користејќи ги социјалните мрежи, прават „атракција“ од тоа. За секоја уличка, следува објава на Фејсбук, како на пример на профилот на градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, кој не испушта да ја спомене и фирмата што моментно е ангажирана. – пренесува порталот 360 степени.

Во објавите на градоначалникот Јанчев, одвреме-навреме се наоѓа и понекоја друга фирма, но доминира „Градба промет“. За него ова е пример за транспарентност и отченост и ништо повеќе.

„Јас ги имам дадено комплетно овластувањата на сите раководители на сектори да ги потпишуваат иницијативите за јавни набавки, изборот на компанија и договорите и градежните ситуации. Нормално, не се изземам од одговорност, напротив, се изземам од лична, непотребна комуникација со сите компании кои добиваат јавен договор за изградба од каков било тип“, – вели Јанчев.

„Градба промет“ е етаблирана градежна компанија од Кавадарци, со сопствени бетонска база, сепарација и околу двесте вработени. Фирмата  е профитабилна, а и со Општина Кавадарци има долга соработка.

Ако се направи анализа на соработката во последните 6 години, од 2015 до 2020, „Градба промет“ добила околу 5 300 000 евра (5 317 019) од Општина Кавадарци за градежни работи. Но, ако оваа сума се разгледа по години, очигледно е зголемувањето на износите од година во година. Во 2015 „Градба промет“ добила тендери во висина од 307 000 евра од Општина Кавадарци; Во 2016 таа сума е 330 000 евра; Во годината на локални избори, 2017, „Градба промет“ добива околу 530 000 евра од Општина Кавадарци; Сумата продолжува да расте на 1 190 000 евра во 2018 година; Во 2019, „Градба промет“ од Општина Кавадарци добива околу 1 892 000 евра. Исклучок од растечкиот тренд е пандемиската 2020 година. Лани „Градба промет“ на тендери од Општината добила 1 068 000 евра.

Еден од четворицата сопственици на „Градба промет“ е Драган Тодоров, кој освен во оваа фирма, се јавува како сопственик и во „Михајлово“ ДОО Кавадарци, заедно со „Кожувчанка“, која е во сопственост на градоначалникот Јанчев. Тоа значи дека во Општина Кавадарци, доминантниот добитник на тендери за изградба и одржување на патишта е фирма чиј сопственик има заедничка фирма со градоначалникот. Станува збор за одморалиште.

Повеќе на следниот линк