Интервју со Даниела Колева, кандидат за пратеник од СДСМ

Разговараме со Даниела Колева од Кавадарци, кандидат за пратеник на претстојните парламентарни избори од редовите на СДСМ и коалицијата “МОЖЕМЕ”. Колева ќе “истрча” од позицијата број 4 од Изборната единица број 4. Со Даниела разговараме за неколку круцијални области, кратко и прецизно.

КИРЕ БЕБЕЏАКОВ: Образованието е многу важен сегмент ми се чини за едно “здраво” општество. Велат, паметни луѓе, богата држава. Колку македонскиот образовен систем може да се пофали со квалитет? Се чини дека квалитетот ни доаѓа како домино ефект: добар систем, добар кадар, добри ученици…Што е она што треба да се “среди” во македонското образование? Кои проекти СДСМ ги има во својата програма за подобар образовен систем?

ДАНИЕЛА КОЛЕВА: Образованието е дефинитивно еден од најважните сегменти на едно општество. Јас работам како професор повеќе од 18 години и добро ги знам проблемите во образованието. Во минатото ни се наметнуваа образовни програми, беа спроведувани проекти како што беше “Компјутер за секое дете”, “Екстерно тестирање” , кои не дадоа никаков ефект, никаков импакт во подобрување на квалитетот на образовниот систем, напротив, направија огромна штета на образованието и непотребен стрес кај учениците. Во изминативе три години се превземаат активности за намалување на негативниот ефект од промашените проекти од страна на претходната власт, што оставија катастрофални последици, зошто во никој случај не смееше да се дозволи деца да бидат предмет на екпериментални програми. Сметам дека конечно почнавме да ги придвижуваме работите во овој сектор, но тоа го правиме внимателно зошто промените, особено во образованието треба да се случуваат постапно, во подолг временски период, истите да се добро осмислени во корелација со експерти, со повеќегодишно искуство од секоја област.

Еден од првите предуслови за да имате квалитетен образовен систем е задоволен и мотивиран наставнички кадар. Само со задоволен и мотивиран кадар, можеме да очекуваме 100 % ангажираност, залагање од страна наставниците за пренесување на нивното знаење.

Ние како наставнички кадар во минатото бевме целосно заборавени од претходната власт. За разлика од таквиот однос, оваа Влада три пати ги зголемуваше платите на наставниците и професорите, кое зголемување за само три години изнесува повеќе од 20%. Во наредните четири години ќе инвестираме и понатаму во наставничкиот кадар. Платите ќе продолжат да растат, а ќе обезбедиме средства од државниот буџет за реализација, обука и унапредувањето на наставниците.

Во наредните четири години планираме проекти со кои ќе направиме целосна модернизација на образованието.

Во нашиот мандат ќе донесеме Национална стратегија за дигитализација на образовниот систем. Сите основни и средни училишта ќе добијат ултра брз интернет, интерактивни училници. Ќе спроведеме целосна дигитализација и трансформација на наставната програма.

Сакам да ставам акцент на дуалното образование со кое наставните содржини се комбинираат со соодветна пракса и со кое учениците имаат шанса да бидат обучувани во симулирани работни околности и да  се здобијат со практични знаења и работно искуство.

Јас како иден пратеник особено ќе се залагам за унапредување на квалитетот на образованието.

БЕБЕЏАКОВ: И онака кревкото здравство што го имаме, КОВИД-19 направи да биде уште покревко. Недостигаат модерни болници, ургентни центри со нови технологии, стручен кадар секаде низ државата. Потребна е сериозна финансиска инекција за значително подобрување на овој сектор. Кои проекти може да ги понуди СДСМ за подобрување на македонското здравство?

КОЛЕВА: Пандемијата со коронавирусот ни покажа и докажа дека здравството е дефинитивно еден од најважните сектори во една држава. Во изминативе три години оваа Влада инвестираше доста во делот на здравството. Запоставениот и руинираниот здравствен систем, конечно почнавме да го креваме на нозе. За разлика од минатото кога се трошеа пари за споменици, за барокни фасади, ние инвестираме во јакнење на здравствениот систем. Инвестираме во изградба, реконструкција и опремување на јавните здравствени установи. 

Најдобар доказ дека ова не се само мои празни зборови, е Општата болница во Кавадарци. Сите сме сведоци дека за неполни три години болницата доживеа вистинско препородување. Целосно е реновирано детско одделение, а во финална фаза е и реконструкцијата на Интерно одделение во болницата во Кавадарци, простор кој 30 години наназад воопшто не беше во функција. Покрај ова набавени се доста медицински апарати, со што целосно се подобруваат условите за лекување во болницата. Дека условите во болницата се подобрени говорат и бројките за прегледи. Имено во изминативе три години бројот на прегледи е зголемен за околу 40% до 50% во однос на минатото. Тоа значи дека повторно го вративме угледот и довербата на граѓаните во нашата болница.

Покрај ова изминативе три години инвестиравме доста и во медицинскиот персонал. Извршено е зголемување на платата во здравството во четири наврати, со што се постигна покачување на основната плата на докторите специјалисти за 40%, на медицинските сестри за 23%, на општите доктори за 25%, а на останатите здравствени соработници за 15%.

Ги покачивме коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници, со што надоместокот за истите е зголемен за два до три пати.

Дополнително вработените во здравството кои се во првите борбени редови во битката со ковид-19 ќе добијат награда во износ од 20% од основната плата за 2 месеци.

Меѓутоа не планираме овде да застанеме. Платите во здравство ќе продолжат и понатаму да растат и тоа секоја година од мандатот до 10%.

Ќе вложиме 33 милиони евра во одделенијата за интензивна нега. Ќе инвестираме во нови и проширени постоечки капацитети на дневни болници. Ќе продолжиме со вработувања на лекари и медицински сестри во јавното здравство кое веќе го зајакнавме со нови 780 лекари и 1000 медицински сестри.

Ќе инвестираме во нови и проширени постоечки капацитети на дневни болници. Во 2020 година ќе обезбедиме 70 нови возила за итна медицинска помош и редовно обновување на возниот парк секоја година до крајот на мандатот.

Само со оваков пристап, со инвестиции во здравството, можеме да изградиме силен здравствен систем, кој и понатаму ќе се справува со предизвиците како што е коронавирусот.

БЕБЕЏАКОВ: Ако постои соодветен збор за македонското судство тогаш тоа дефинитивно е “швајцарско сирење”. Со децении правдата е деградирана од корумпирани судии, олигарси,  политичари во минување… едноставно, судовите се блокирани од страна на поединци. Потребна е интервенција што се вели “од корен”. Како Колева и нејзините сопартијци ќе се борат против овој “пиреј”?

КОЛЕВА: Факт е дека правосудството е слаба алка во нашето општество.  Доколку во една држава функционира судството , криминалот и корупцијата ќе бидат на најниско ниво. Но сите ние слушавме како во минатото од тефтерчињата на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се избирале партиски послушници за судии. Сваровски судството е градено десет години наназад. Тоа е рак рана на македонското општество.

Од друга стана во изминативе три години, наидувавме на константна опструкција од страна на опозицијата на било кој обид нешто да се смени овде. Бевме сведоци на напорот кој опозицијата го вложи да не се изгласа Законот за Јавно обвинителство. Меѓутоа доста беше опструкција на правдата.

Во наредниот период ќе направиме темелно прочистување во делот на судството.

Ефикасно и објективно „прочистување“ на судиите и обвинителите! Судиите кои намерно застаруваат дела, за да ја опструираат правдата ќе бидат разрешени.

Граѓаните се гладни за правда.

Оние кои десет години ја крадеа оваа држава, денес ги гледаме дека се најголеми поборници за правда. Видовме нивната “правда” како функционира. Со политички местенки, монтирани судски случаи, политички затвореници и слично. Таква “правда” не ни e потреба.

Меѓутоа ве уверам, правда ќе има за сите, вклучително и за нив. Ќе направиме систем кој ќе ги санкционира единствено оние кои се нечесни, кои работат спротивно на закон, кои ја крадат оваа држава.

БЕБЕЏАКОВ: Инфраструктурата е еден од главните фактори се чини за влез на странски инвестиции. 950 милиони евра странски инвестиции обезбеди владата на СДСМ за периодот од 2018 и 2019 година. Колку инфраструктурата што ја нуди Р.С. Македонија е примамлива за странскиот инвеститор? Дали периодот кој следи има конкретни проекти и за општина Кавадарци?

КОЛЕВА: Темата инфраструктура за оваа Влада видовме дека е приоритет во последните три години. Довршени се целосно автопатот Демир Капија – Смоквица, како и автопатот  Штип – Скопје, а во крајна фаза е и Охрид  – Кичево . Сите граѓани се сведоци колку е подобрена инфраструктурата во овој период. Секако дека секој странски инвеститор, кога носи одлука каде да инвестира, еден од факторите кои сериозно се зема во предвид е инфраструктурата во таа земја. За разлика од некои минати времиња, во кои приоритет беше редењето на споменици, нам врвен приоритет ни е патната инфраструктура.

Во изминативе три години очигледна беше градежната офанзива овде во Кавадарци. Имаме реализација на клучни инфраструктурни проекти од исклучително значење за целиот овој регион.

Имено извршивме изградба на нов мост и проширување на патот околу мостот во Ваташа. Изградбата на овој мост како и проширувањето и асфалтираањето на патот претставува решавање на повеќедеценискиот проблем со кој се соочуваа жителите на Кавадарци, Ваташа како и компаниите и туристите кои гравитираат во овој регион.

Исто така извршивме рехабилитација на транзитниот дел на регионалниот пат P1107, кој комплетно ја менува, ја разубавува сликата за влезот на Кавадарци.

Станува збор за санација и рехабилитација на булеварско решение со четири ленти во должина од 1.100 метри. Вредност на овој проект изнесува 318.000 евра, инвестиција од страна на оваа Влада.

Покрај ова започната е рехабилитација и на патот од Мушов гроб до с.Мрежичко, која се очекува да биде целосно завршена оваа година.

Во наредниот мандат предвидена е целосна рехабилитација на патот се до Росоман, со што добиваме квалитетно инфраструктурно поврзување со нашата соседна општина.

Покрај ова предвидена е реконструкција и рехабилитација на излезот од Кавадарци кон Прилеп, односно на регионалниот пат P1103 Кавадарци.

Сакам да најавам дека во наредниот мандат ќе се стави сериозен акцент на гасификацијата низ целата држава.

Во овие три години е завршена речиси 80% од примарната гасоводна мрежа т.е делницата Неготино- Битола, која е од исклучително значење за нашиот град Кавадарци.

Еден од клучните проекти во наредниот мандат ќе биде изградбата на секундарната гасоводна мрежа во општина Кавадарци, односно поврзување на индустриската зона, на јавни установи, како и на домаќинствата на гасоводната мрежа во Кавадарци.

Со реализацијата на овој проект ги намалуваме трошоците за енергија на граѓаните и јавните установи како и трошоците на компаниите за производство, со што ја зголемуваме нивната конкурентност, како на домашниот така и на странските пазари.

Интервју со Даниела Колева

БЕБЕЏАКОВ: Социјалните политики доживеаја сериозен апдејт во нагорна линија последниве неколку години. Владата на СДСМ одвојува големи средства од државниот буџет со кои се опфатени голем број на категории на граѓани, посебно во периодот на пандемијата. Дали СДСМ се стреми да го зачува или подобри овој тренд и кои нови социјални мерки планирате да се имплементираат?

КОЛЕВА: Во делот на социјалната политика, можам слободно да кажам дека во изминативе три години направивме огромен исчекор напред. Според мене Мила Царовска е без конкуренција најдобриот министер за труд и социјална политика кој досега сме го имале.

Со донесувањето на социјалниот пакет ја зголемивме социјалната помош за 300 % и неколкукратно го зголемивме опфатот на корисници. Денес, околу 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход во висина од 11.700 денари на месечно ниво, додека претходно во време на владеење на ВМРО ДПМНЕ висината на социјалната помош изнесуваше само 3.000 денари. Опфатот на семејствата во наредниот мандат на лица кои ќе земаат гарантиран минимален приход цел ни е да го зголемиме на 34.000 семејства.

Воведовме детски и образовен додаток за поефикасна борба против детската сиромаштија. Го решивме проблемот со стечајците. Денес околу 12.000 стечајни работници добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање.

Со изгласување на Законот за социјална сигурност на постари лица, обезбедивме државна социјална пензија во износ од 6.000 денари на 2.631 лице.

Во наредниот мандат ќе ја зголемеме минималната пензија на 10.700 денари, со што дополнително ќе го подобриме животниот стандард на пензионерите.

Покрај ова наша цел е да ја намалиме стапката на сиромаштијата под 16% со посебен акцент на детската сиромаштија.

Покрај социјалниот пакет ова во изминативе три години направивме многу во делот делот на детската заштита.

За прв пат во општина Кавадарци нема ниту едно дете на листа на чекање за градинка. Тоа е заслуга на оваа Влада која инвестираше доста во делот на детски градинки како во цела држава, така и во општина Кавадарци.

Во овие три години извршивме целосно опремување и адаптација на детската градинка “Буба Мара”. Направивме доградба и опремување на детските градинки  “Снежана” и “Детелинка”.

Извршивме целосна реконструкција и опремување на простор за детска градинка во с. Возарци. Село Возарци за прв пат доби своја детска градинка. Опремивме простори и отворивме нова детска градинка во с. Марена.

По долго време започната е со изградба на целосно нова детска градинка во Кавадарци, инвестиција во вредност од 52 милиони денари.

Вкупните инвестиции во изградба, реконструкција и опремување на детските градинки за период од само три години изнесуваат 57 милиони денари, односно неспоредливо повеќе во однос на целиот период на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе продолжиме и понатаму со мерки и проекти, со цел создавање на едно поправедно и еднакво општество за сите.

БЕБЕЏАКОВ: Кои се вашите лични ставови во однос на Преспанскиот договор? Дали истиот го подржувате како таков или сметате дека може да трпи промени? Кои придонеси/недостатоци ни носи овој договор? Генерално ваше мислење на надворешните политики?

КОЛЕВА: Видете од осамостојувањето до денес, сите Влади почнувајќи од првата па се до последната, преговараа за да го решат спорот со нашиот јужен сосед. Во тие преговори некогаш сме имале подобри, некогаш полоши преговарачки позиции. Да не заборавиме какви беа нашите позиции во однос на овој спор во 2005 година, кога добивме кандидатски статус за почеток на преговорите. Да не заборавиме што се, се случуваше после доаѓањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на власт.

За мене договорот од Преспа е реалноста. Името Македонија ни е зачувано. На ова име само додадовме географска одредница, Северна, која географски само ја одредува позицијата на нашата држава. Овде не треба да заборавиме дека изминатите години од нашето осамостојување за целиот свет бевме, БЈРМ. Со договорот од Преспа и додавањето на географската одредница, Северна , за целиот свет ја избришавме за мене срамната скратеница БЈРМ и само ја додадовме географската одредница. Денес од целиот свет сме признати како македонци, со свој македонски јазик, со своја култура и историско наследство.

Да не заборавиме дека најголемите критичари на овој договор, го изградија еден од најголемите споменици во државата и го нарекоа “Воинот на коњ”, а не Александар Македонски.

Сметам дека овој договор е влог за нашата иднина. Ние немаше да станеме членка на НАТО и да добиеме одлука за почеток на преговори со ЕУ, без овој договор. А сите знаеме дека НАТО и ЕУ се нашите стратешки интереси од осамостојувањето па се до денес.

БЕБЕЏАКОВ: Македонија официјално е членка на НАТО, принцип за кои отсекогаш се залагале сите партии. Членството во ЕУ е близу но и не така близу. Има уште многу да се одработи. Според вас, колку ја чини Р.С. Македонија влезот во овие две “семејства” и што можеме да очекуваме за возврат?

КОЛЕВА: Споменав и претходно дека НАТО и ЕУ се наш стратешки интерес од самиот почеток.

Впрочем и сите досега изготвени анкети покажуваат дека над 80 % од граѓаните се за влез во ЕУ и НАТО. Мала држава како нашата, со мала армија како нашата, единствено може да ја осигура својата безбедност и суверенитет, само со членство во НАТО. Нашето влегување во НАТО значи наша безбедност, наша сигурност, бидејќи станува збор за најсилниот воено-политички сојуз во светот. Многумина велат дека влезот во НАТО, ќе не чини доста, меѓутоа јас лично сметам дека ние со нашиот влез во алијансата, ќе ја платиме најниската цена и за тоа ќе добиеме најдобра безбедност на нашата територија. Ова го мислам бидејќи НАТО е гарант за безбедноста на сите свои земји членки.

Кога станува збор за ЕУ, поминавме еден доста тежок пат за да стигнеме до овде до каде што сме. Меѓутоа се исплати. Добивме одлука за почеток на преговорите. Гледаме дека е изготвена и преговарачка рамка и останува единствено првата меѓувладина седница која очекуваме да се случи на есен, што ќе значи и официјален старт на преговорите. До крајот на мандатот т.е до 2024 година ќе ги отвориме и ќе ги завршиме 80% од поглавјата за влез во ЕУ.

Сметам дека претпристапен процес како и влезот во ЕУ на нашата држава ќе и отвори доста можности. Првото поглавје што ќе го отвориме во преговорите е правосудство и правда, што ќе ни обезбеди европски стандарди во функционирањето на овие институции.  Ќе имаме пристапност до разни фондови, од кои ќе обезбедиме сериозни финансиски средства за инфраструктура, здравство, земјоделие и сл. Тоа ќе биде сериозен бенефит и помош за нашата држава, помош за подигнување на стандардот на нашите граѓани. 

БЕБЕЏАКОВ: Р.С. Македонија е зависник од увоз на електрична енергија. Секоја година огромни суми на пари се одлеваат настрана. Зошто изградбата на обновливи извори на енергија сеуште е само предизборно ветување на партиите? Зошто проектите Чебрен и Галиште постојано се наоѓаат “под тепих”? Дали имате решение за големиот број на стари автомобили кои допринесуваат за дополнително загадување? Дали се планирани еко-субвенции за граѓаните? Што конкретно СДСМ ќе реализира на ова поле?

КОЛЕВА: По однос на увозот на електрична енергија можам да кажам дека Владата го намали увозот , ги реализира проектите за производство на електрична енергија од обновливи извори, поточно Владата даде под концесија државно земјиште за поставување  фотоволтаични системи  за производство на соларна енергија. Исто така е зголемено производството на електрична енергија од страна на производствените капацитети на ЕЛЕМ. Со исти производни капацитети, произведуваме повеќе електрична енергија.

Се согласувам дека ни се потребни нови производствени капацитети за електрична енергија. Затоа оваа Влада ја започна постапката за изградба на Чебрен. Меѓутоа треба да бидеме свесни дека станува збор за доста голем проект, кој бара големи финансиски средства. Од информациите кои ни беа достапни, целата инвестицијапроценета во физибилити студијата, нас ќе не чиниод 600 до 800 милиони евра. Се надевам дека до крајот на мандатот овој проект ќе успееме да го реализираме.

Во однос на загадувањето на воздухот, мислам дека е потребно е да ги детектираме кои се најголемите загадувачите на воздухот. Студиите кои јас сум ги читала, ги детектираат домаќинствата како доминантен најголем загадувач на воздухот. Затоа во нашата програма го имаме проектот на гасификација, кој веќе го споменав, односно изградба на секундарна гасоводна мрежа, на која ќе ги поврземе домаќинствата, компаниите и јавните установи. Со ова ќе се намали загадувањето на воздухот од една страна, а и ќе им заштедиме пари на граѓаните, компаниите и јавните установи од друга страна. За реализацијата на овој проект силно ќе се залагам во мојот мандат како пратеник во Собранието.

Во однос на загадувањето кое произлегува од увозот на стари возила, веќе презедовме одредени мерки. Во наредниот период, постепено ќе ги зголемуваме стандардите за увоз на возила, а исто така како што ни е познато секое возило при технички преглед, подлежи на контрола на издувните гасови кои ги испушта во воздухот.

Покрај ова ќе превземеме и одредени конкретни мерки за намалување на загадување на воздухот и животната средина. Имено до крај на 2020 воведуваме постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, односно ќе ги зајакнеме контролите со цел спречување на одредени штетни по животната средина однесувања.  Граѓаните ќе можат да пристапат на Апликација за пријавување и следење на еколошки прекршок.

Првите две години од мандатот ќе ни бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување на државата.

БЕБЕЏАКОВ: Претпоставувам дека е голема разликата кога се седи на пратеничко столче за разлика од советничко. Дали и колку Даниела Колева  ќе ја искористи својата пратеничка позиција за да “влечи” кон родниот крај? Што може Кавадарци да очекува од вас за време на вашиот пратенички мандат? Дали имате добра соработка со локалната самоуправа на општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев?

КОЛЕВА: Како пратеник гласан, избран од кавадарчани, нормално е дека мојот град моите сограѓани ќе бидат фокусот на моето дејствување внатре во Собранието. Ќе се залагам за секое прашање кое е важно за кавадарчани.

Знаеме сите дека Кавадарци е земјоделски град, затоа како пратеник искрено ќе се борам за подобрување на статусот на земјоделците, за решавање на нивните проблеми, за сигурен откуп и повисоки откупни цени.

Ќе се залагам во наредниот мандат да имаме уште повеќе проекти, од дел на патна инфраструктура, здравство, детската заштита и сл. кои ќе бидат финансирани од страна на централната власт овде во Кавадарци.

Во изминативе неколку месеци колку што сум назначена за директор на основното училиште “Тошо Велков Пепето” во Кавадарци, имав добра соработка со градоначалникот Митко Јанчев. Јас не сум суетна личност и кога станува збор за интересот на граѓаните ќе соработувам со било кој, без разлика дали припаѓа на една или на друга политичка партија. Ние политичарите сме избрани од граѓаните и треба да се грижиме за граѓаните. Партиските бариери и препукувања треба да престанат кога станува збор за државниот интерес и за интересот на граѓаните.

БЕБЕЏАКОВ: Секојдневно сте на терен, комуницирате и разговарате со граѓаните. Дали се придржувате кон препорачаните мерки за заштита од КОВИД-19? Дали носењето заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција, социјална дистанца се практикуваат од страна на СДСМ?

КОЛЕВА: За разлика од нашиот политички опонент кој води кампања без никави протоколи за заштита на јавното здравје и за здравјето на граѓаните, со одење од врата до врата, со ракување, со големи и масовни собири, ние се обврзавме да водиме здравствено безбедна кампања.

Донесовме протоколи со кои избегнуваме било какви масовни собири, односно нашите собири се до 50 лица на отворено и до 30 лица на затворено со потребна физичка дистанца. Не одиме од врата до врата. Во текот на целата кампања не само јас, туку и целиот мој тим ги почитува сите овие протоколи за заштита. Сите носиме маски, држиме потреба физичка дистанца, како и редовно ги дезинфцираме рацете. Дел и од нашиот пропаганден матрејал овој пат се овие сретства за заштита, кои им ги делиме на граѓаните, со цел да ги потикнеме и нив да ги почитуваат мерките за заштита.

БЕБЕЏАКОВ: Пратеничката функција во Законодавниот Дом сама по себе носи голема граѓанска одговорност. Вклучително и морална и етичка. Дали Даниела Колева е подготвена да оди спротивно од “црвениот тастер” т.е спротивно партиските насочувања доколку смета дека одлуката е штетна за граѓаните?

КОЛЕВА: Видете  политичката партија од која јас доаѓам е демократска партија, во која се почитува различното мислење. Јас никогаш до сега сум немала проблем од никого да изразам одреден став кој е различен од она што претставува став на партијата, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде што за различно мислење, за различен став се санкционираа односно се исклучуваа лица од нивната партија. Тоа кај нас го нема.

Јас како Даниела Колева ќе бидам бирана од страна на граѓаните. Во мојот мандат како пратеник ќе се грижам и ќе ми биде важен единствено интересот на граѓаните. Доколку сметам дека одредени одлуки се штетни, секако дека истите нема да ги поддржам, без разлика на ставот на партијата од која јас доаѓам.

БЕБЕЏАКОВ: За крај од овој разговор, која порака Даниела Колева ќе им ја испратите на граѓаните/гласачите?

КОЛЕВА: Драги сограѓани, Достојно и чесно ќе ве застапувам. Кавадарчани а и граѓаните од целиот овој  регионот ќе имаат достоен претставник во Собранието кој  ќе се бори за сите ваши интереси, барања и потреби.

На 15 јули ве повикувам својот глас да го дадете за коалицијата “Можеме” и со тоа да гласате за модерна и демократска држава. Држава во која ќе владее правото и слободата на изразување.

Со гласот даден за коалицијата предводена од СДСМ ја обезбедувате својата европска иднина и иднината на своите најблиски.

Докажавме дека можеме многу.

Меѓутоа можеме  и уште повеќе и уште подобро.

Интервју со Даниела Колева