Винаријата “Параџик” со златен медал на Саемот за вино во Белград

33 годишниот Блаже Стојановски, дипломиран енолог од Ваташа, Кавадаречко е млад и успешен производител на вино, во процес е на регистрација на малата семејна винарија Параџик. На саемот на вино кој деновиве се одржа во Белград во категоријата на индивидуални производители на вино, тој освои златен медал за виното вранец од 0,75 л каде учествуваа над 1300 излагачи од 14 земји.

Овој млад производител на вино смета дека вранецот има потенцијал и дека може да застане во ред со многу сериозни винa, со што всушност докажал и со добивањето на златниот медал. Негова цел е да прави квалитетни вина и на тој начин самата сорта да дојде до израз, а задоволството да биде вистинско. Вели дека не се покајал кога се одлучил да се занимава со производство на вино, дека е среќен што ја работи работата која ја сака и дека има голема волја и енергија за работа, бидејќи резултатите полека стигнуваат, а има и голема поддршка од семејството.

– „Процесот на производство на вино има точно одредени правила на кои мораш да се придржуваш и еден куп начини и особености кои се разликуваат од производител до производител. Кај мене во употреба одат само зрна и ништо друго, па потоа следува мелење или гмечење. Порано се газеше со нозе грозјето денес за тоа постојат рачни машини. Како и да се прави, целта е да се распука зрното грозје и истече сокот и внатрешноста надвор, за што многу треба да се внимава на хигиената на садовите каде се меле грозјето и садовите каде се чува и преточува виното. Спојот на теоретското знаење од студиите по енологија, праксата и традиционалното производство на вино во Тиквешкиот регион, кај нас, со многу вложувања, работа, одрекување и размена на искуства со моите колеги винари даваат резултати кои ми претставуваат ветер во грб “ , објаснува овој млад производител на вино.

Стојановски вели дека Тиквешкиот регион е единствен и најдобар за производство на вино, располага со лозови насади од сортите вранец и смедеревка, а од оваа година планира проширување на плантажите со шардоне и темјаника. Произведеното вино од околу 5- 6000 л годишно, го продава на пријатели, ресторани , смедеревката како наливно вино ја продава за 60 денари за литар, додека вранецот како наливно за 100 денари за литар а како флаширано вино од 0,75 л го продава за цена од 200 денари.

– „Мое лозје немам многу, околу 3,5 декари, но заедно со татко ми земаме поголеми површини под лозови насади под наем и ги обработуваме, во договор со нивните сопственици. Не сакам да форсирам во количината, од 3,5 декара берам 3 тони грозје, важен ми е многу квалитетот на зрното,затоа што сакам да произведам и квалитетно вино“ , раскажува Стојановски.

Заинтересиран е за Владината мерка Млад земјоделец, активно се распрашува околу потребните услови и начинот на апликација, веќе ја подготвува документацијата, зашто како што вели тој, поддршката од државата е клуч за напредок на младите луѓе кои сакаат да се посветат на земјоделието.

Раскажува дека производството на вино за него е голем предизвик, квалитетно вино кое ќе ги задоволува вкусовите и на оние најпребирливите, нега на виновата лоза и се разбира добра побарувачка. Според него оваа гранка бара одговорност, сериозен пристап и благодарение на субвенциите кои ги добива од државата има уште поголема стимулација за нови предизвици, производство на квалитетно грозје а со тоа и производство на врвно вино.

– „ Многу сум задоволен, а верувам и моите муштерии зашто внимавам на квалитетот. Титулата за најдобро вино вранец, ми покажа дека го избрав вистинскиот пат – одгледувањето на лозје, производството на вино и винарството ми влегоа под кожа, тоа е мојата животна определба, потенцира Стојановски.

Инаку, покрај домашните вина, на саемот во Белград, за прв пат се претставија вината од Грузија, потоа традиционално од Италија, Северна Македонија, Бугарија, Германија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Полска, Австрија, Турција, Словенија и Босна и Херцеговина. Бројот на посетители се движи околу 60.000, а околу 15 илјади од нив се деловни посетители. Белградскиот вински саем се одржува во склоп на интернационалниот саем за туризам и е најголемата туристичка манифестација во земјите на југоисточна Европа.

Извор Агротим