Зошто не се мери загаденоста на воздухот во Кавадарци?

Последните неколку месеци граѓаните на општина Кавадарци немаат апсолутно никакви информации во врска со загаденоста со воздухот кој го консумираат.Граѓаните загрижено ја следат ситуацијата посебно заради фактот што станицата која мери загаденост на воздухот, не функционира.Кавадарци спаѓа во категоријата поизразени индустриски општини.Во тој контекст граѓаните никако нема да ја заборават скорашната преписка, и тоа на два пати, во општинска зграда, каде од една страна беше политиката а од другата страна бизнисот.Граѓаните беа некаде измеѓу.

Бидејќи од поодамна нема никакви информации за квалитетот на воздухот, со свој став излезе еколошкото друштво „Еко живот” од Кавадарци.

– На веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање има табела на која јасно се гледа дека секаде се мери загаденоста на воздухот а Кавадарци не. Тоа многу ни смета особено поради фактот што кај кавадарчани постои сомнеж за еколошко загадување и зголемен број пациенти со канцерогени заболувања, рече претседателот на „Еко живот”, Роберто Паризов.

Тој најави комплетен независен елаборат на животната средина во овој регион.

– Се работи за странска акредитирана лабораторија која ќе направи комплетна студија со осврт врз диоксини и фурани, тешки метали, радиоактивност. Конечно по долги години неизвесност ќе знаеме во колку загадена средина живееме, колкави се пречекорувањата од нормалните параметри и дали можеме да живееме во такви услови, нагласи Паризов.

За оваа ситуација досега нема конкретен став ниту градоначалникот, ниту советот на општина Кавадарци, ниту пак било која институција од општина Кавадарци.Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека точно е дека мерната станица во Кавадарци не е во функција, но се чекаат соодветни делови за нејзино поправање.

Кога и дали ќе стигнат овие делови, тоа никој него знае.А дотогаш…

Оставете коментар