Зошто да работиме повеќе?

Постои уверување дека работата е најдобриот облик на социјална заштита и дека луѓето кои се способни за работа – треба да работат. Особеното внимание кое се посветува на работата е на штета на друга, далеку порадикална политичка цел, создавање на ‘помалку работа’. Меѓутоа, потрагата по помалку работа може да обезбеди пат кон подобар животен стандард, вклучувајќи и поквалитетен работен живот. 

Замислата дека едно општество може да работи помалку за да ужива повеќе во животот е противречна со типичните величења на моралот и дисциплинираноста од напорната работа. Посветеноста на работата, како што се тврди, е најдобар патдо просперитетот. Постои и идеа дека работата нуди можност за лично остварување, покрај основните материи кои ги користи. “Работете го она што го сакате”, ни велат, и успехот ќе дојде. 

Но идеологиите како оваа се засновани на митот дека работата секогаш може да не ослободи и да ни овозможи основа за добар живот. Оваа митологизација на работата не ги зема во предвид – туку само активно ги прикрива – јаките проблеми во добар дел од професиите кои се застапени во модерното општество. За многумина, работата значи да се работи она што не се сака.

Овде се појавува друг проблем кој не е забележан во вообичаените политички расправи. Тоа е потребата за намалување на работата. Помалку работа овозможува неколку предности. Една е можноста да се надминат аномалиите од претераното исцрпување на едните и незапосленоста на другите. Рамномерната распределба на работата во однос на расположливото население преку смалување на просечното работно време, овозможува оние кои работат премногу да работат помалку а оние кои воопшто не работат да учествуваат во некаква работа. Друга предност е можноста за подигање на квалитетот на работа преку смалување на монотноста и проширување на креативните активности на работа. Намалувањето на работното време, во таа смисла, може да се однесува еднакво како на реализацијата на природното задоволство кое го дава работата, така и на ублажувањето на нејзините непријатни страни.

Економистите можеби ќе негодуваат и ќе кажат дека намалувањето на работното време дополнително би ги зголемило трошоците на компанијата и би довело до гасење на работните места (економистите од средните струи ги оптужуваат заговорниците за пократко работно време дека наседнуваат на ‘грешката во фиксната сума на работа’ – lump of labour fallacy, и дека не ги земаат во предвид поголемите трошоци за ангажирање на дополнителни работници со пократко работно време). Еден одговор на тоа гласи – подолгото работно време не е продуктивно. Пократкото работно време може всушност да биде попродуктивно ако поттикнува морал и мотивација на работниците. Во пракса, би можеле да постигнеме ист животен стандард со помалку работни часови. 

Но позначајно е прашањето дали би требало од општеството да се бара да го толерира долгото работно време за едни и нула работни часови за други. Зарем општеството не може да оствари рамноправна распределба на работата која на секој ќе му овозможи доволно време за работа и доволно време да прави што сака? Скратувањето на работното време може да понуди пат до таквата распределба.

Постои и подлабоко прашање – дали треба да ја мериме вредноста на својот живот со тоа што произведуваме. Култот на продуктивноста потенцира ‘полежерни’ начини на живот кои можат да допринесат за човековата благосостојба. Преиспитувањето на овој култ и потрагата за начинот на растеретување на работата би можело на сите да ни овозможи подобар живот и на работа и надвор од работното време. 

Аргументите за пократко работно време не се нови. Кејнс, на пример, подржувал намалување на работното време како начин за постигнување на полна запосленост. Во писмото до пеотот Т.С. Елиот од 1945 година, Кејнс пишува дека скратеното работно време предствува ‘конечно решение’ за невработеноста. Кејнс при тоа ја препознава предноста од растот на продуктивноста во однос на намалување на работното време, и , како што е познато, предвидува дека следува време (околу 2030 година) кога луѓето ќе мора да работат по 15 часа неделно. Помалку работа е дел од неговата визија за ‘добро општество’. 

Маркс, од радикално поинаква перспектива, во намалувањето на работното време согледал важен фактор за идното комунистичко општество. Работата припаѓа на ‘царството на неопходноста’ и со употреба на технологијата тоа може да се скрати поради проширување на ‘царството на слободата’, каде луѓето можат да ги остварат своите креативни потенцијали низ активности кои сами ќе ги изберат. Маркс верувал дека во комунизмот работата во ‘царството на неопходноста’ може да биде задоволителна бидејќи би поттикнувала и би ја користела креативноста на работниците. Каква и да е тешка работа која ќе остане од царството на неопходноста, во комунизмот би можела да се намали со користење на технологијата. 

Уште еден застапник на скратеното работно време бил и Џон Стјуарт Мил. Тој го отфрлил ‘Евангелието на работата’ на Томас Карлајл, делумно затоа што со него се крие вистинската цена на работата, вклучувајќи ја и робовската работа која Карлајл ја бранел. Наместо тоа, Мил се залагал за ‘Евангелието на слободното време’, тврдејќи дека технологијата треба да се користи за намалување на работата колку што е тоа можно. Ова истакнување на технологијата како средство за намалување на работното време подоцна повторно се јавува во есејот на Бертранд Расел од 1932 година “Во слава на слободното време”.

Основните идеи на овие писатели и денес имаат оддек. Тие ги разбиваат романтичните претстави за работата и покажуваат дека напредокот на човештвото се гледа во тоа дали општеството извршува помалку, а не повеќе работа. Иако меѓусебно радикално се разликуваат, нивните идеи укажуваат на иднината каде оптеретувањето со работата се намалува и каде има повеќе време за слободни креативни активности. Во случајот на Маркс, сеуште останува можноста на конвертирање на работата во задоволителна активност, но исполнувањето на таа цел се гледа само во контекст на ситуација каде работното време е пократко. Помалку работа е неопходен услов за подобра работа.

На крај, целта на намалување на работното време е да се создадат можности луѓето да ги остварат своите потенцијали во различни активности, вклучувајќи ги и оние во домен на работата. Помалку работа би ни овозможило повеќе живот. Ајде да работиме на тоа. 

 

 

Извор: The Guardian

Превод: Попова

 

 

Оставете коментар